Експлозии во Иран, американски медиуми јавуваат за израелски напади

Иранските државни медиуми утрово објавија за експлозии во центарот на Исфахан  додека американските медиуми цитираа официјални лица кои тврдат дека Израел извршил одмазднички напади врз својот главен ривал.

Системите за ПВО над неколку ирански градови беа активирани, објавија државните медиуми, откако државната телевизија соопшти дека експлозии се слушнале во близина на централниот град Исфахан.

Израел претходно предупреди дека ќе возврати откако Иран истрела стотици проектили и беспилотни летала врз Израел во текот на минатиот викенд. Повеќето од нив беа пресретнати.

Иранската новинска агенција Фарс објави дека се регистрирани „три експлозии“ во близина на воената воздухопловна база Шекари во северозападниот дел на провинцијата Исфахан, додека портпаролот на иранската вселенска агенција Хосеин Далиријан изјави дека „неколку“ беспилотни летала биле „успешно соборени“.

„Засега нема извештаи за ракетен напад“, објави Далиријан на социјалната мрежа Х.

Нуклеарните постројки во Исфахан се пријавени како „целосно безбедни“, објави иранската новинска агенција Тасним, повикувајќи се на „сигурни извори“.

Американските телевизии Еј-Би-Си Њуз и Си-Би-Ес Њуз објавија дека нападите биле извршени од Израел, цитирајќи американски официјални претставници.

Засега нема коментар од Белата куќа или од Пентагон.

Израелската војска објави дека - „Во моментов немаме коментар“.

Иран - клучниот поддржувач на палестинската милитантна група Хамас и либанскиот Хезболах - го започна нападот како одмазда за нападот на 1 април врз неговиот конзулат во Дамаск, за кој нашироко беше обвинет Израел.

Според локална активистичка група, имало и експлозии во јужна Сирија.

„Имаше удари врз радарска позиција на сириската армија“, рече Рајан Мааруф, кој ја води антивладината веб-страница „Suwayda24“ која покрива вести од провинцијата Свеида на југ.

„Иранската воздушна одбрана е активирана на небото на неколку провинции во земјата“, соопшти официјалната новинска агенција на Техеран ИРНА.

Новинската агенција Мехр објави дека „летовите за Техеран, Исфахан и Шираз и аеродромите на запад, северозапад и југозапад се прекинати“.

По налетот на иранските проектили, израелските власти не кажаа кога и каде ќе возвратат, но премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека неговата земја го задржува правото да се заштити.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш вчера даде темна слика за ситуацијата на Блискиот Исток, предупредувајќи дека зголемените тензии околу војната во Газа и нападот на Иран врз Израел може да прераснат во „регионален конфликт од целосен размер“.

„Блискиот исток е на раб на пропаст. Последните денови се забележува опасна ескалација -- со зборови и со дела“, рече Гутереш пред Советот за безбедност.

„Една погрешна пресметка, една погрешна комуникација, една грешка, би можеле да доведат до незамислив регионален конфликт од целосен обем кој би бил катастрофален за сите инволвирани“, рече тој, повикувајќи ги сите страни на „максимална воздржаност“. /МИА

Арсенал се надева дека Жоргињо ќе го продолжи договорот

Фудбалерот од средниот ред на Арсенал, Жоргињо може да го напушти клубот.

Според „Standard“, за 32-годишниот Италијанец силно се заинтересирани Јувентус, Лацио и Наполи. Во исто време, лондонскиот клуб се надева дека играчот ќе ги одбие понудите и ќе го продолжи договорот со Топџиите.

Оваа сезона Жоргињо одигра 35 натпревари, постигна гол и две асистенции.

Се шпекулира дека одлуката дали Жоргињо ќе остане во Арсенал во голема мера ќе зависи дали неговиот тим ќе ја освои Премиер лигата. /МИА

Изречени 130 санкции за брзо возење на територија на државата

На територијата на државава во текот на вчерашниот ден изречени се вкупно 130 санкции за брзо возење.

Од нив, како што информираа денеска од Министерството за внатрешни работи, 12 возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното, а две возила со дури над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина. Притоа, 53 возила ја пречекориле брзината во населено место, а 77 надвор од населено место.

Санкционирани 157 возачи под дејство на алкохол

МВР информира дека вчера, во акциска контрола, се санкционирани 157 лица кои возеле под дејство на алкохол.

Контролата била спроведена од 16.00 до 22.00 часот на територијата на Република Северна Македонија.

Според МВР, санкционирани се и 183 други видови на сообраќајни прекршоци.

-Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, наведува Министерството.

притисни ентер