ЕУ го заостри визниот режим со Етиопија поради „несоработка“ во реадмисијата на азиланти

Советот на ЕУ денеска реши времено да суспендира одредени одредби од одлуката со кој се регулира издавањето визи за државјаните на Етиопија.  

Со денешната одлука се укинува ослободувањето од обврската за поднесување на доказите што треба да ги достават апликантите за виза, се забранува издавањето на повеќекратни визи и се укинува ослободувањето од обврската за плаќање визната такса за имателите на дипломатски и службени пасоши.

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, рокот за одговор на поднесената апликација за виза се продолжува од досегашните 15 на 45 календарски дена.

Ваквата одлука на Советот на ЕУ е донесена врз основа на оценката на Еврокомисијата дека „соработката на Етиопија на полето на реадмисија на нејзините државјани кои илегално престојуваат во ЕУ е недоволна“.

Според ЕК, има недостиг на одговори од страна на етиопските власти во однос на барањата за реадмисија и постојат потешкотии со издавањето на итни патни документи и со организација на враќањето на одбиените баратели на азил.

Одлуката за суспензија е привремена, но нема конкретен краен рок на нејзината важност, туку тој ќе зависи од понатамошната оценка на Комисијата за постигнатиот напредок во соработката за реадмисија од страна на Етиопија.

Европската комисија редовно ја оценува соработката на трети земји во процесот на реадмисија на илегалните мигранти и одбиените баратели на азил. Врз основа на овие оценки, ЕК може да заклучи дека соработката на одредена трета земја при реадмисијата е „недоволна“ и може да ја суспендира одлуката за визна либерализација или да го заостри постојниот режим за издавање визи.

Во случајот на Етиопија, Еврокомисијата процени дека има „особено ниска стапка на реадмисија“ и се издадени мал бројот на патни документи врз основа на барањата за враќање на етиопските државјани во нивната матична земји, што во целост е оценето како „ниско ниво на соработка“. /МИА

Сиљановска Давкова ќе ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ќе ги прими поглаварите и претставниците на верските заедници наведени во Уставот: поглаварот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан, поглаварот на Исламската Верска Заедница, Реис ул Улема Хаџи Шаќир ефенди Фетаи, поглаварот на Католичката црква, Скопски бискуп и епарх струмичко – скопски, Киро Стојанов, претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев, претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски.

Сиљановска Давкова беше инаугурирана на 12 мај во македонското Собрание, каде даде свечена изјава пред Собранието по што започна да тече нејзиниот петгодишен мандат како шеф на државата. Сиљановска Давкова е шести претседател од осамостојувањето на државата и прва жена избрана на оваа позиција.

Администрацијата на Бајден ангажирана е на евакуација на американските лекари од Појасот Газа

Администрацијата на претседателот на САД, Џо Бајден е ангажирана во евакуацијата на американски лекари од Појасот Газа, изјави синоќа портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер.

Група американски лекари од Палестинската американска медицинска асоцијација претходно за „Вашингтон пост“ потврдија дека се блокирани во Газа откако Израел го затвори граничниот премин Рафа.

Внимателно ја следиме ситуацијата и работиме да ги извлечеме американските граѓани од Газа, истакна Жан-Пјер, додавајќи оти за тоа се разговара со Израел.

Шефот на одбраната на Израел ги оспорува плановите на Нетанјаху за повоена Газа

Повоените планови на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за Појасот Газа синоќа беа јавно оспорени од неговиот министер за одбрана, кој рече дека ќе се спротивстави на какво било долгорочно воено владеење на Израел во палестинската енклава.

Телевизиската изјава на министерот за одбрана Јоав Галант беше највидлив знак за несогласување на висок израелски функционер со Нетанјаху од почетокот на конфликтот во Газа.

Како одговор, Нетанјаху сугерираше, без конкретно да го именува Галант, дека пензионираниот адмирал „се оправдува“ што се уште не го уништил Хамас во конфликтот, што сега е во осмиот месец.

Нетанјаху беше нападнат од друг член на неговиот воен кабинет - центристот и поранешен генерал Бени Ганц - единствениот член со право на глас покрај Нетанјаху и Галант. Ганц рече дека министерот за одбрана „ја кажа вистината“.

Иако ги поддржува целите на владата на Нетанјаху да го порази Хамас и да ги врати преостанатите заложници земени во нападот на палестинската исламистичка група на 7 октомври, Галант рече дека тие цели мора да се надополнат со поставување на основата за алтернативна палестинска влада.

„Мораме да ги уништиме капацитетите за управување на Хамас во Газа. Клучот за оваа цел е воена акција и воспоставување алтернатива за управување во Газа“, истакна Галант.

„Во отсуство на таква алтернатива, остануваат само две негативни опции: владеење на Хамас во Газа или израелско воено владеење во Газа“, додаде Галант, истакнувајќи дека ќе се спротивстави на второто сценарио и го повика Нетанјаху официјално да се откаже од та а намера.

Галант рече дека од октомври се обидувал да промовира план за создавање „не-непријателска палестинска алтернатива за управување“ во опозиција на Хамас.

Форматот на претходно најавената прес-конференција на Галант, емитувана во живо на израелската телевизија и радио, го повтори предупредувањето на Галант минатиот март дека судските реформи на Нетанјаху ја загрозуваат кохезијата на армијата, наведуваат западни медиуми.

Нетанјаху тогаш најави дека Галант ќе биде отпуштен, но се повлече под притисок на уличните демонстрации. Некои одбранбени аналитичари веруваат дека предвидувањето на Галант се потврди со способноста на Хамас да ги изненади израелските сили неколку месеци подоцна.

притисни ентер