Европски фронт: Граѓаните се подготвени за премиер за сите

Премиерот Талат Џафери денеска преку прес-конференција како претставник на Европскиот фронт изјави дека граѓаните се подготвени да преземат должности и одговорности.

Премиерот Талат Џафери денеска преку прес-конференција како претставник на Европскиот фронт изјави дека граѓаните се подготвени да преземат должности и одговорности, па како што рече, докажале дека одговорноста за раководството на државата ја носат подеднакво, како пример за зрелост и заемно почитување.

Во продолжение целиот говор:

Собрани за да се потврди и изрази благодарност за поддршката и довербата што сме ја имале секогаш од вас.

Благодарение на оваа поддршка, меѓутоа и на целосната доверба на лидерот Ахмети, јас ви се обраќам како прв премиер Албанец и истовремено, како кандидат за пратеник.

Ви се обраќам со мирна совест, затоа што тоа што го ветив кога ја преземав одговорната должност на Премиер, го спроведував и продолжувам да го спроведувам доследно. Работев посветено и професионално. Убеден дека ќе ги отстраниме еднаш и засекогаш всадените предрасуди и стереотипи во широкиот менталитет дека Албанците не можат, не знаат и немаат право!

Напротив!

Не ве разочарав ниту вас, ниту граѓаните на Македонија.

Владата, под мое водство, иако прв приоритет и беше одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори на фер и демократски начин, ве уверувам, а и вие самите сте сведоци, не беше во ниту еден миг надвор од рамката на функционална и доверлива институција за вас почитувани граѓани!

Тука бевме за секое барање и на ваша услуга!

Докажавме дека одговорноста и водењето на државата ги носиме на еднаков начин, станувајќи пример на зрелоста и взаемната почит.

Докажавме дека можеме да владееме одговорно во целата земја, во сите околности и со сите граѓани. Тоа се вредности што ги негуваме уште од независноста на државата, за градење на рамноправна држава и општество.

Албанците можат, знаат и имаат уште поголем потенцијал!

Албанците се подготвени за еден премиер за сите!

Еден Премиер кој што ќе практикува добро владеење кое се карактеризира со – транспарентност, учество, ефикасност, одговорност, отчетност, рамноправност, косензус и кохезија;

Ќе се грижи за владеење на законот и правото;

Ќе се бори против корупцијата и организираниот криминал;

Ќе води сметка за една професионална администрација и дигитализирани јавни услуги;

Ќе се грижи редот и безбедноста да се спроведуваат од органите на редот и безбедноста со цел да ги гарантираат слободата, мирот и сигурноста за секој граѓанин и правен субјект;

И над се, премиер кој што ќе стои силно зад нашиот став кој што силно вели – не на Русија – да за Еверопа!

Работејќи посветено на:

- Интеграцијата на земјата во Европската Унија;

- Правејќи ги уставните измени во 2024 година;

- Отворањето на преговорите со Европската Унија во 2024 година и на крај:

- Полноправно членство во Европската Унија во 2030 година;

За постигнување на ова, нема да отсуствува туку напротив, ќе ја зајакне уште повеќе регионалната соработка во рамките на добро познатите иницијативи, односно:

- Берлинскиот процес;

- Планот за раст на Западен Балкан на Европската Унија

Затоа што ние, географски и како цивилизација, сме дел од Европа и за нас, сонцето, како што рекле и преродбениците, изгрева на запад.

Премиерот за сите ќе води сметка за:

- продолжување на политиките и ставовите на безбедносната и надворешната политика унифицирана според НАТО;

- продолжување на унифицираните безбедносни и надворешно политички ставови со Европската Унија;

- за спречување на руското влијание во Македонија и за одржување на стратешкото партнерство со САД.

Затоа ни треба силна поддршка од вас,

- За продолжување на про-европската политика на Македонија;

- За доброто на државата:

- За доброто на децата и младите поколенија!

Затоа:

Сите за број 4!

Гласај 4!

Ви благодарам на вниманието!, се наведува во соопштението.

Чести самопрегледи и заштита од сонце, советуваат дерматолозите за заштита од меланом

Чести самопрегледи и заштита од сонце, се клучните совети на кумановските дерматолози за превенција и заштита од малигни меланоми. 

Од Болницата во Куманово наредната недела организираат бесплатни прегледи за сите пациенти како еден од начините да се зајакне свеста за превенција од меланом.

- Пациентите можат самите да се прегледаат, особено да посветат внимание на експонираните делови - лице, глава, ушни школки, раце, нозе, грб. Тоа е првиот чекор што го советуваме, кога ќе забележат промена која им е различна, нова да се јават кај првиот дерматовенеролог. Следува макроскопски преглед да се види промената. Со дермаскоп се гледа структурата на промената и врз основа на тоа се прави разлика дали е бенигно, малигно, што понатаму, вели примариус доктор Виолета Кузмановска, раководител на Одделението за дерматовенерологија во Општата болница во Куманово.

При проверка, пациентите треба да се запознати со системот за евалуација на промени на кожата, односно меѓународното правило (АБЦДЕ): A - асиметрија, Б - border/рабовите на самата промена ако се неправилни, Ц - color, промена на бојата, Д - дијаметар, односно неправилности на формата и Е - evolution/ развој кој се однесува на одредени израстоци.

- Тоа се првите знаци што се гледаат со дермаскоп, со зумирање ни даваат насока како понатаму да постапуваме, појаснува доктор Кузмановска.

Посочува дека е важно да се користи заштита од сонце особено ако се оди покрај вода или природа со креми со заштитен фактор 50 кој треба правилно да се нанесува, особено на експонираните делови, неколку часа пред да се излезе на сонце и постапката да се повторува. Многу е важно да се заштити кожата со капи, очила за сонце затоа што, како што појаснува докторката, се јавува меланом и на окото.

- Секоја година во мај е акција што се спроведува на ниво на Европа во кое се зачленети 11 земји меѓу нив и Македонија и Здружението на дерматовенеролози на Македонија. Врз основа на тие испитувања од сите земји збирно се прави програма за превенција за следната година за да се намали бројот не само на меланоми, туку генерално на сите кожни промени што се симптоматични за да не поминат во карцином на кожа. Драго ми е што со години и кумановската Болница е вклучена во таа организација. Идната недела, во понеделеник и вторник од 7 до 10 часот во амбулантата за дерматовенерологија при Општата болница може да се направат бесплатни превентивни прегледи за бемки, нагласува д-р Кузмановска.

Според неа, загрижувачки е што расте бројот на заболени лица од меланом на ниво на градот, а се намалува и возрасната граница.

- Факт е дека има пораст на карциноми не само на меланоми и дека се намалува возрасната граница, што загрижува, вели доктор Кузмановска.

Промените што можат да предизвикаат меланом, како што појаснува Кузмановска, најмногу се јавуваат поради генетика, потоа поради поголема изложеност на сонце особено кај некои професии и занимања како што се земјоделци, градежни работници, рибари..... Најчесто заболените се на возраст од 50 до 60 години, но од кумановската Болница велат дека проблем за младата популација е користењето на солариум.

- Младите не се штитат со заштитен фактор, дел од нив користат солариуми за кои ние, дерматолозите, велиме исклучиво не. Најголем проблем е што пациентите доаѓаат доцна, никогаш на време. Мислат дека промената сама од себе ќе помине и постојано укажувам дека ако една раничка за месец дена не заздрави, значи дека не е раничка, мора да се оди понатаму, да се извршат испитувања. Ако навреме се препознаат, нема простор за грижа, нагласува доктор Кузмановска.

По првичното мислење на дерматолозите, се чека на второ мислење од Клиника. Тогаш се решава дали меланомот ќе се отстранува хируршки или ќе се применат други средства како маст, спреј, криотерапија....

Кузмановска вели дека од меланом поеднакво страдаат и мажите и жените, а во однос на исхраната, препорачува сезонска храна богата со овошје и зеленчук.

- Мит е дека тенот има влијание за појава на меланом. Луѓето со посветол тен побурно реагираат на сонце, но нема разлика во однос на меланомот. Важно е сите да користат заштитен фактор, порачува доктор Кузмановска.

Во претстојниот период, пролетните и летните месеци добро е да се заштити телото со лесна и светла облека особено при експонирање на сончевата светлина покрај вода. /МИА

Зеленски: Русија нема сила повторно да го нападне Киев

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.

Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.

Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.

Тие (Русите) можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право, наведе Зеленски.

Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.

Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина, истакна Зеленски.

Украинскиот претседател во интервјуто се осврна и на тоа со колкава воена опрема располага Украина. Тој истакна дека Украина бара од 120 до 130 авиони ловци Ф-16 за да може да го одбрани небото од 300 руски авиони.

Ни треба толкав број на Ф-16 за да имаме рамнотежа на силите. Украина има само една четвртина од системите за противвоздушна одбрана што и се потребни и има потреба од 120 до 130 ловци Ф-16 за да се стави крај на доминацијата на Русија во воздухот, потенцира Зеленски. /МИА

Изложбата „Пикасо, можеби јас“ на Фидановски гостува во Вараждин

 Уметникот Филип Фидановски ќе ја претстави својата изложба „Пикасо, можеби јас“ во Вараждин, во организација на Друштвото на керамичари на Хрватска.

Оваа изложба на Фидановски досега беше поставена во Скопје, Кичево, Охрид, Битола и Куманово, а за гостувањето во Хрватска е надополнета со нови дела на авторот изработени во 2024 година.

-Хрватската јавност ќе има можност да погледне 13 керамички скулптури инспирирани од делата на големиот Пабло Пикасо, наведува Фидановски за изложбата во Вараждин каде што ќе биде отворена до 5 јуни 2024.

Изложбата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија и ќе ја отвори македонскиот амбасадор во Хрватска, Милаим Фетаи. /МИА

притисни ентер