Германците ги обвинија Русите за кибер напади, тврдат дека се тоа државни хакери

Рускиот вршител на должноста амбасадор во Германија денеска беше поканет на интервју во германското Министерство за надворешни работи поради наводниот руски сајбер напад .

Рускиот вршител на должноста амбасадор во Германија денеска беше поканет на интервју во германското Министерство за надворешни работи поради наводниот руски сајбер напад врз централната канцеларија на Германската социјалдемократска партија (СПД) минатата година.

Вршителот на работите одлучно ги отфрлил тие обвинувања како неосновани, се вели во соопштението за печатот од руската амбасада во Берлин, пренесува ТАСС.

„На 3 мај 2024 година, рускиот вршител на должност во Германија беше повикан во германското Министерство за надворешни работи, каде што му беше даден демарш во врска со наводно докажаниот сајбер напад на хакерската група АРТ 28 под контрола на ГРУ (воена разузнавачка агенција) на централната канцеларија на Социјалдемократската партија на Германија во 2023 година“, соопшти амбасадата.

Во соопштението се наведува дека „претставникот на амбасадата категорично ги отфрли како неосновани наводите за вмешаност на руски државни структури во споменатиот случај и општо за активностите на групата АРТ 28“.

„Го сметаме потегот на германското Министерство за надворешни работи како уште еден непријателски чекор насочен кон поттикнување на антируските чувства во Германија што може дополнително да ги оштети руско-германските односи“, соопшти амбасадата.

Според извештаите, германската страна на состанокот во Министерството за надворешни работи тврдела дека наводните „напади на руски државни хакери врз Германија во сајбер просторот се неприфатливи, за осуда и може да имаат последици“.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок претходно денеска за време на нејзината посета на Австралија изјави дека руски државни хакери ја нападнале Германија во сајбер-просторот.

СПД во јуни 2023 година објави дека сметките за е-пошта на извршниот директор на СПД претходно биле цел на сајбер напад во јануари, објави Велт.

Партијата тогаш објави дека тоа е овозможено поради безбедносен пропуст во софтверската компанија Мајкрософт, која сè уште била непозната во моментот на наводниот напад.

Портпаролката на СПД истакна дека постои можност за време на рускиот напад да имало одлив на податоци.

„Денес јасно можеме да го припишеме овој минатогодишен напад на групата АПТ28, која е контролирана од руската тајна служба ГРУ. Ова е целосно неприфатливо и нема да помине без последици“, рече Бербок.

Според германската канцеларија за заштита на уставот, групата APT28 е активна ширум светот, пред се во областа на сајбер шпионажата, најмалку од 2004 година.

Во минатото, како што наведуваат од Канцеларијата, оваа група водела дезинформации и пропагандни кампањи во сајбер просторот и е „меѓу најактивните и најопасните сајбер актери во светот“.

И германската Федерална канцеларија за заштита на уставот смета дека АПТ28 е дел од руската воена разузнавачка служба ГРУ, пишува „Велт“.

Се вели дека групата е обвинета за голем сајбер напад врз Бундестагот во 2015 година, а подоцна и во САД за напад врз Демократската партија пред претседателските избори во 2017 година.

На аеродромот во Минхен приведени осум климатски активисти

Германската полиција приведе осум климатски активисти кои упаднаа на аеродромот во Минхен. Аеродромот по два часа повторно почна со работа, но можни се доцнења на некои летови.

Шест климатски активисти се залепија на две места на пистата на аеродромот во Минхен. На еден од транспарентите пишуваше „Проблемот е владата, а не нашиот празник“.

Протестот беше организиран од климатската група „Лас џенерејшн“ (Last Generation), која и претходно имаше вакви акции.

Поради протестот на климатските активисти од аеродромот во Минхен беа откажани 60 летови./МИА

Чести самопрегледи и заштита од сонце, советуваат дерматолозите за заштита од меланом

Чести самопрегледи и заштита од сонце, се клучните совети на кумановските дерматолози за превенција и заштита од малигни меланоми. 

Од Болницата во Куманово наредната недела организираат бесплатни прегледи за сите пациенти како еден од начините да се зајакне свеста за превенција од меланом.

- Пациентите можат самите да се прегледаат, особено да посветат внимание на експонираните делови - лице, глава, ушни школки, раце, нозе, грб. Тоа е првиот чекор што го советуваме, кога ќе забележат промена која им е различна, нова да се јават кај првиот дерматовенеролог. Следува макроскопски преглед да се види промената. Со дермаскоп се гледа структурата на промената и врз основа на тоа се прави разлика дали е бенигно, малигно, што понатаму, вели примариус доктор Виолета Кузмановска, раководител на Одделението за дерматовенерологија во Општата болница во Куманово.

При проверка, пациентите треба да се запознати со системот за евалуација на промени на кожата, односно меѓународното правило (АБЦДЕ): A - асиметрија, Б - border/рабовите на самата промена ако се неправилни, Ц - color, промена на бојата, Д - дијаметар, односно неправилности на формата и Е - evolution/ развој кој се однесува на одредени израстоци.

- Тоа се првите знаци што се гледаат со дермаскоп, со зумирање ни даваат насока како понатаму да постапуваме, појаснува доктор Кузмановска.

Посочува дека е важно да се користи заштита од сонце особено ако се оди покрај вода или природа со креми со заштитен фактор 50 кој треба правилно да се нанесува, особено на експонираните делови, неколку часа пред да се излезе на сонце и постапката да се повторува. Многу е важно да се заштити кожата со капи, очила за сонце затоа што, како што појаснува докторката, се јавува меланом и на окото.

- Секоја година во мај е акција што се спроведува на ниво на Европа во кое се зачленети 11 земји меѓу нив и Македонија и Здружението на дерматовенеролози на Македонија. Врз основа на тие испитувања од сите земји збирно се прави програма за превенција за следната година за да се намали бројот не само на меланоми, туку генерално на сите кожни промени што се симптоматични за да не поминат во карцином на кожа. Драго ми е што со години и кумановската Болница е вклучена во таа организација. Идната недела, во понеделеник и вторник од 7 до 10 часот во амбулантата за дерматовенерологија при Општата болница може да се направат бесплатни превентивни прегледи за бемки, нагласува д-р Кузмановска.

Според неа, загрижувачки е што расте бројот на заболени лица од меланом на ниво на градот, а се намалува и возрасната граница.

- Факт е дека има пораст на карциноми не само на меланоми и дека се намалува возрасната граница, што загрижува, вели доктор Кузмановска.

Промените што можат да предизвикаат меланом, како што појаснува Кузмановска, најмногу се јавуваат поради генетика, потоа поради поголема изложеност на сонце особено кај некои професии и занимања како што се земјоделци, градежни работници, рибари..... Најчесто заболените се на возраст од 50 до 60 години, но од кумановската Болница велат дека проблем за младата популација е користењето на солариум.

- Младите не се штитат со заштитен фактор, дел од нив користат солариуми за кои ние, дерматолозите, велиме исклучиво не. Најголем проблем е што пациентите доаѓаат доцна, никогаш на време. Мислат дека промената сама од себе ќе помине и постојано укажувам дека ако една раничка за месец дена не заздрави, значи дека не е раничка, мора да се оди понатаму, да се извршат испитувања. Ако навреме се препознаат, нема простор за грижа, нагласува доктор Кузмановска.

По првичното мислење на дерматолозите, се чека на второ мислење од Клиника. Тогаш се решава дали меланомот ќе се отстранува хируршки или ќе се применат други средства како маст, спреј, криотерапија....

Кузмановска вели дека од меланом поеднакво страдаат и мажите и жените, а во однос на исхраната, препорачува сезонска храна богата со овошје и зеленчук.

- Мит е дека тенот има влијание за појава на меланом. Луѓето со посветол тен побурно реагираат на сонце, но нема разлика во однос на меланомот. Важно е сите да користат заштитен фактор, порачува доктор Кузмановска.

Во претстојниот период, пролетните и летните месеци добро е да се заштити телото со лесна и светла облека особено при експонирање на сончевата светлина покрај вода. /МИА

Зеленски: Русија нема сила повторно да го нападне Киев

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски во интервју за Агенцијата Франс прес (АФП) изјави дека не верува оти Русија има сила повторно да го нападне Киев.

Тие немаат сила за голема офанзива против главниот град, како што имаа на почетокот на инвазијата, посочи Зеленски додавајќи оти главни цели на Кремљ се Харков и Донбас.

Тој ги обвини западните земји што му забраниле да ја нападне Русија со нивното оружје.

Тие (Русите) можат да не нападнат на наша територија, тоа е најголемата предност што ја има Русија, но ние не можеме да направиме ништо со западното оружје на нивните вооружени системи лоцирани на руска територија. Немаме право, наведе Зеленски.

Според него, Западот се плаши и од руски и од украински пораз и оваа ситуација ја нарече апсурдна.

Ние сме во апсурдна ситуација кога Западот се плаши дека Русија ќе ја изгуби војната. А во исто време тие не сакаат Украина да ја изгуби. Затоа што конечната победа на Украина ќе доведе до пораз на Русија и конечна победата на Русија ќе доведе до пораз на Украина, истакна Зеленски.

Украинскиот претседател во интервјуто се осврна и на тоа со колкава воена опрема располага Украина. Тој истакна дека Украина бара од 120 до 130 авиони ловци Ф-16 за да може да го одбрани небото од 300 руски авиони.

Ни треба толкав број на Ф-16 за да имаме рамнотежа на силите. Украина има само една четвртина од системите за противвоздушна одбрана што и се потребни и има потреба од 120 до 130 ловци Ф-16 за да се стави крај на доминацијата на Русија во воздухот, потенцира Зеленски. /МИА

притисни ентер