Хамас: Предлогот за прекин на огнот во три фази, Бајден посветен на спроведување на договорот

Според предлогот, секоја од трите фази би траела 42 дена: примирјето би започнало во првата фаза, што ќе вклучи повлекување на израелските сили од коридорот Нецарим, кој Израел го користи за да го подели Појасот Газа на северен и јужен дел.

Египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот во Појасот Газа со кој се согласи палестинската милитантна група Хамас вклучува три фази, од кои едната е постојан прекин на огнот, рече заменик-лидерот на Хамас, Калил Ал Хаија, додавајќи дека посредниците пренеле дека американскиот претседател Џозеф Бајден е лично посветен на спроведувањето на договорот за прекин на огнот, пренесува Ал Џезира.

Според предлогот, секоја од трите фази би траела 42 дена: примирјето би започнало во првата фаза, што ќе вклучи повлекување на израелските сили од коридорот Нецарим, кој Израел го користи за да го подели Појасот Газа на северен и јужен дел.

За време на првата фаза, раселените Палестинци ќе се вратат во своите домови, ќе им биде дозволена испорака на помош, гориво и материјали за помош на цивилите, а за секоја заложничка која би ја ослободил Хамас, Израел да ослободи 50 палестински затвореници.

Лазарини: Од Рафа избегаа 800.000 луѓе, нема безбедно место во Газа

Од почетокот на израелската копнена операција во Рафа на 6 мај, од овој град избегнале 800.000 луѓе, соопшти синоќа шефот на Агенцијата на ОН за помош за палестинските бегалци (УНРВА) Филипe Лазарини.

Тој посочи дека луѓето се кријат во урнати згради, во области каде што е прекинато водоснабдувањето, а санитарни јазли не постојат.

„Кога луѓето бегаат, тие се без безбеден премин или заштита. Секој пат се принудени да ги остават зад себе неколкуте работи што ги имаат: душеци, шатори, прибор за готвење и основни потреби што не можат да ги понесат со себе или да платат транспорт“, истакна Лазарини на платформата Икс.

Тој нагласи дека Ал-Маваси, наводната безбедна зона во близина на Рафа, всушност е песочна област со големина од само 14 квадратни километри, во која се наоѓале 400.000 луѓе пред последната израелска ескалација. /МИА

Северозападна Индија ја зафати топлотен бран, температурата во Њу Делхи достигна 47,1 степен

Топлотен бран зафати делови од северозападна Индија, а главниот град Њу Делхи е ставен во состојба на готовност поради опасно топло време.

Температурата во Њу Делхи достигна 47,1 степен Целзиусов, а блиските држави Пенџаб, Харајана и Раџастан исто така забележаа пораст на температурата што се очекува да се задржи во следните неколку дена.

Индискиот метеоролошки оддел ги предупреди луѓето да не излегуваат на Сонце во попладневните часови, да пијат многу вода и да носат соодветна облека. На ранливите лица, особено на постарите, им е препорачано да не излегуваат надвор.

Во април, мај и јуни секогаш има високи температури во поголемиот дел од Индија, но жештините станаа поинтензивни во текот на изминатата деценија./МИА

Усик стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век

Украинскиот боксер Олександар Усик го победи Британецот Тајсон Фјури во главната борба на боксерската вечер во Ријад и ја освои титулата апсолутен светски шампион во тешка категорија. 

Борбата траеше сите 12 рунди. Судиите со поделена одлука му ја доделија победата на Украинецот - 115:112, 113:114, 114:113.

Триесет и седумгодишниот Усик стана првиот неприкосновен светски шампион во тешка категорија по Ленокс Луис (41-2) во 2000 година и прв во ерата со четири појаси.

Претходно, во ерата на три појаси, само Ивандер Холифилд (44-10) беше апсолутен светски шампион во тешка категорија.

Сега украинскиот боксер има шест појаси: четири големи: ВБА (Супер), ВБЦ, ИБФ, ВБО и два помали: ИБО и Ринг.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој забележа 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

притисни ентер