Иранските пораки ги намалија цените на нафтата

Цените на нафтата денеска паднаа на 86 долари на меѓународните пазари, бидејќи инвеститорите беа смирени од пораките од Иран по „сомнителниот“ инцидент со беспилотни летала, намалувајќи ги стравувањата од ескалација на израелско-иранскиот конфликт.

На лондонската берза цената на барелот по пладне беше пониска за 72 центи во однос на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 86,39 долари.

На американскиот пазар барелот за испорака во мај се тргува по пониска цена од 66 центи, по 82,07 долари. Речиси за исто толку падна и цената на барелот за испорака во јуни и се лизна на 81,42 долари.

Пазарите утрово беа катапултирани од извештаите на западните медиуми за експлозија во близина на иранскиот град Исфахан. Американската ТВ компанија ABC објави, цитирајќи неименуван американски функционер, дека израелски проектили погодиле локација во Иран.

Иранската државна телевизија објави дека „на небото над Исфахан биле забележани три дронови. Системот за противвоздушна одбрана бил активиран и ги уништил беспилотните летала“. Иранските медиуми не го спомнаа Израел во извештаите, а еден аналитичар изјави за државната телевизија дека беспилотните летала се управуваат од луѓе кои се инфилтрирале во Иран.

Техеран го минимизираше инцидентот и посочи дека не планира да реагира. Пораката беше најјасно дадена од висок ирански функционер, кој за Ројтерс изјави дека Техеран не планира одговор во овој момент.

Берзите стравуваат од ескалација откако Техеран објави одговор на израелскиот напад врз иранскиот конзулат во сирискиот главен град Дамаск, во кој загинаа неколку високи ирански воени претставници и конзуларни претставници.

Иран пред десет дена испрати стотици беспилотни летала и проектили во Израел, кои главно беа соборени од системот за противвоздушна одбрана. Никој не беше убиен и беше предизвикана само ограничена штета, но Тел Авив сигнализираше дека планира одговор, и покрај предупредувањето на САД дека нема да ги поддржи нивните офанзивни акции.

„Почетниот скок на цените на нафтата можеби ги нагласи првичните стравувања од понатамошна ескалација, но видовме дека пазарите на капитал и нафта го сменија курсот по тие прелиминарни потези“, рече Џошуа Махони од Scope Markets.

Инвеститорите очекуваа одговор на Израел на нападите со ирански беспилотни летала и постепено намалување на премијата за ризик, па цената на нафтата падна за повеќе од четири отсто од понеделникот, забележува Ројтерс.

Но, тензијата сè уште не е целосно смирена бидејќи Иран е трет по големина производител на нафта во Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), според податоците на Ројтерс, така што ескалацијата би загрозила значителен дел од понудата, забележува Бјарне Шилдроп од СЕБ.

Американските пратеници укажаа дека би можеле да воведат санкции за извозот на нафта од Иран, вклучувајќи ги во пакетот помош за Украина во очекување на гласање во Конгресот. Предложени се казнени мерки за бродови, пристаништа и рафинерии кои преработуваат иранска нафта и за трансакции на кинески финансиски институции поврзани со купување на иранска нафта.

Одделно, ОПЕК објави дека барел од нафтената кошница на нејзините членки вчера се намалила за 2,29 долари на 87,35 долари.

Русите го зазеле селото Бердичи, кај Авдеевка, во источна Украина

Руското Министерство за одбрана денеска соопшти дека неговите сили ја презеле контролата врз селото Бердичи во источна Украина, јавија руските медиуми.

„Како резултат на активните акции, единиците на армиската група „Центар“ целосно го ослободија населеното место Бердичи во Доњецката Народна Република, а исто така ги подобрија тактичките позиции и им нанесоа порази на формациите на 59-та моторизирана пешадиска бригада, 42-та, 47-та механизирана бригада на ВСУ (Вооружени сили на Украина) и 109-та бригада за територијална одбрана во областите на населените места Воздвиженка, Калиново, Сокол, Новопокровское и Прогрес во Доњецката Народна Република“, се вели во соопштението на Министерството. /МИА

Стано: Очекуваме новата Влада на Србија да работи на стратешката цел за членство на земјата во

 ЕУ со нетрпение очекува да соработува со новата српска Влада и очекува таа да испорачува резултати во однос на стратешките цели на Србија, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

- Србија е земја кандидат за членство и го посочува пристапувањето во ЕУ како свој стратешки приоритет, па Европската Унија и земјите членки очекуваат тоа да го покаже и во пракса, нагласи Стано, запрашан за коментар за тоа што во новата српска Влада, како што беше посочено, се предложени двајца министри кои се наоѓаат на листата на лица кон кои ЕУ има воведено санкции.

Според Стано, Србија знае што се очекува од неа како земја кандидат за членство во ЕУ кога станува збор за исполнување на критериумите, особено за оние поврзани со надворешната политика и за усогласување на заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

Кога станува збор за конкретните лица, како што нагласи Стано, активностите и изјавите на предложениот вицепремиер Александар Вулин во минатото биле во спротивност со декларираните приоритети на Србија, кога станува збор за обврските поврзани со процесот на пристапување и односите со Русија.

- Членството во ЕУ е стратешки избор и очекуваме од Србија и нејзината Влада, независно во кој состав, да ја демонстрираат посветеноста на европскиот пат, во интерес на нејзиниот народ и на нејзиниот кредибилитет, бидејќи одлуката да се избере европската интеграција за стратешка цел беше донесена од српските власи. Затоа очекуваме од нив да испорачаат и секој член на Владата да работи на таа цел колку што може, додаде Стано. /МИА

Лидерот на Златна зора ќе излезе од затвор

Поранешниот лидер на сега непостоечката неонацистичка партија Златна зора Никос Михало-Љакос, кој беше осуден на 13-годишна затворска казна за водење криминална организација, ќе биде пуштен од затвор, пренесуваат грчките медиуми.

Судот во градот Ламиа донел одлука тој да биде ослободен, откако издржал три петтини од казната. Златна зора пред четири години беше прогласена за криминална организација обвинета за бројни насилства од омраза , а нејзиниот лидер и пет поранешните пратеници добија 13 години затворска казни. Михалољакос, според одлуката на судот, ќе има забрана да ја напушта поширокиот регион на атина и ќе треба еднаш месечно да се јавува во полициска станица, пишува Катимерини. Златна зора беше дел од парламентот во периодот од 2012 до 2019 година..

притисни ентер