Јулија Навална остро за инаугурацијата на Путин: Нашата држава ја води лажго, крадец и убиец

Јулија Навална, вдовицата на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални, денеска по повод инаугурацијата на Владимир Путин за претседател на Русија изјави дека неговиот режим се заснова на лаги и корупција и дека мора да му дојде крајот.

„За мене лично, последните шест години од владеењето на Путин беа годините во кои мојот сопруг, Алексеј Навални, вистински руски патриот, беше прогонуван, отруен со хемиско оружје, суден, мачен во затвор три години, а потоа убиен. “, рече Навална и го обвини рускиот претседател за сето тоа.

Како што рече таа во видеото објавено на Јутјуб, со секој негов мандат сѐ се влошува и додаде дека е страшно да се замисли што друго ќе се случи доколку Путин остане на власт.

„Секојдневно ни се крадат огромни суми пари за да се бомбардираат мирните градови“, им порача Јулија на руските граѓани и истакна дека Путин се плаши да ги открие вистинските бројки на жртвите на „крвавата и бесмислена војна што никој не ја сака освен него“.

Таа рече дека Русија со Путин „нема да има ниту мир, ниту развој, ниту слобода“, и дека тој го изневерил ветувањето дадено за време на последниот инаугуративен говор кога рече дека сака мирна Русија, безбедна за нејзините граѓани.

„Пред два месеци Русија доживеа масовна трагедија, еден од најголемите и најстрашните терористички напади во поновата историја. Руските безбедносни сили не успеаја да го спречат и дозволија десетици наши сограѓани да загинат. А сепак, секој ден мирно апсат поединци за новинарство, ставови или дури објава на социјалните мрежи“, рече Навална.

Таа додаде дека мора да се осигура дека никој во светот нема доверба во Путин, ниту во Русија, ниту надвор од нејзините граници.

„Нашата држава моментално ја води лажго, крадец и убиец, но на тоа ќе дојде крајот. Не се откажувајте, вистината ќе победи“, заклучила Јулија.

Пронајдени мигранти од Ирак и Турција

Полициски службеници од ОВР Неготино пронашле тројца мигранти, двајца од Република Турција и еден од Ирак, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Мигрантите се пронајдени рано утрово, во 02.15 часот, на автопатот А1 кај Неготино по што се предадени на Полициската станица за граничен надзор Михајлово за натамошна постапка.

Британскиот министер за надворешни работи, Камерон ќе ја посети Тирана

Поранешниот британски премиер Дејвид Камерон, сега државен секретар за надворешни работи во Владата на премиерот Риши Сунак, во средината на идната недела се очекува да допатува во Тирана.

Дипломатски извори во Лондон и Тирана за Топ чанел изјавиле дека оваа посета на лордот Камерон се очекува да се случи на 22 мај, доколку нема промена на агендата во зависност од случувањата во Велика Британија.

-Во фокусот на посетата не е некое конкретно прашање, туку продолжување на британската поддршка за Албанија. Во Тирана се очекува лордот Камерон да ја оцени координацијата со Министерството за внатрешни работи во спречувањето на илегалната имиграција и соработката на СПАК со НЦА против организираниот криминал, додава телевизијата.

Според истиот извор, премиерот Еди Рама деновиве имал телефонски разговор со неговиот колега Риши Сунак, под притисок на јавното мислење и неговото внатре во Конзервативната партија за минување на Ла Манш со гумени чамци на илегални имигранти.

Во 2022 година со моторни чамци на британско тло пристигнале 13 илјади албански граѓани, оваа бројка е намалена за 90 отсто во текот на 2023 година кога заминале само 900, а во периодот јануари-април годинава само 20 албански граѓани. /МИА

Тренерот на младинците ќе го води Јувентус до крајот на тековната сезона

Тренерот на тимот на Јувентус до 21 година, Паоло Монтеро ќе го предводи сениорскиот тим до крајот на сезоната, објави клубот од Торино на својот официјален сајт.

Педесет и двегодишниот Уругваец ќе го претставува тимот на натпреварите против Болоња и Монца.

Досегашниот тренер Масимилијано Алегри пред два дена доби отказ и покрај освоениот трофеј во Купот на Италија.

Алегри беше на чело на Јувентус од мај 2021 година. Под негово водство тимот освои 80 победи, 34 пати ремизираше и претрпе 35 порази.

На две кола пред крајот на сезоната во Серија А, Јувентус е на четвртото место со 67 бодови. /МИА

притисни ентер