Камерон и Бербок го повикаа Израел на воздржаност

Ова е прв напад врз Израел од иранска територија. Иран претходно предупреди дека ќе има напад како одмазда за нападот во Дамаск.

- Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска во Ерусалим се сретнаа со израелските лидери за да изразат солидарност по иранскиот напад и да повикаат на одмерен одговор за да се избегне ескалација на тензиите.

Дванаесет дена по израелскиот напад на иранскиот конзулат во сириската престолнина Дамаск, во кој загинаа седум ирански војници, меѓу кои тројца генерали, Иран во саботата вечерта возврати со напад на израелска територија со беспилотни летала и проектили.

Ова е прв напад врз Израел од иранска територија. Иран претходно предупреди дека ќе има напад како одмазда за нападот во Дамаск.

Камерон и Бербок се првите странски дипломати кои пристигнаа во Израел по нападот без преседан на Иран.

Прво, тие разговараа со претседателот на земјата, Исак Херцог, кој го повика „целиот свет“ преку платформата „Икс“ „одлучно да се ангажира против заканата што ја претставува иранскиот режим, кој сака да ја поткопа стабилноста во целиот регион“.

Тие разговараа и со нивниот израелски колега Израел Кац.

Камерон изјави за британската телевизија дека сака земјите-членки на Г7 да воведат „координирани санкции“ против Иран и ја обвини таа земја дека стои зад „толку многу злонамерни активности“ во регионот.

Тој посочи дека шефовите на дипломатиите на седумте економски најразвиени земји-членки на Г7, кои оваа недела се состануваат во Италија, „мора да испратат јасна и недвосмислена порака“ до Иран.

„Се надеваме“ дека Израел ќе реагира „на начин што минимално ќе придонесе за ескалација на тензиите, на начин што е и интелигентен и одлучувачки“, додаде британскиот министер.

Бербок неделава се заложи ЕУ да воведе нови санкции за иранските беспилотни летала. /МИА

Пеколно жешко во југоисточна Азија- температурата не се симнува под 40 степени

Топлотен бран ја зафати Југоисточна Азија, а како последица на горештините загинаа неколку лица.

Училиштата се затворени во некои земји, а загриженоста за можниот недостиг на вода и електрична енергија им штети на земјоделските култури.

Во индиската држава Одиша две лица починале од сончев удар, а во неделата е забележана рекордна температура за април од 44,9 степени Целзиусови.

Во сојузната држава Керала починала 90-годишна жена и 53-годишен маж, а локалните власти истражуваат дали смртните случаи се поврзани со топлотниот бран.

На Филипините и делови од Бангладеш училиштата се затворени, а наставата се одржува виртуелно, пренесува Ројтерс.

Најмалку 34 лица се разболеле поради екстремните горештини на Филипините, меѓу кои шест лица починале.

Во Бангладеш денеска е забележана температура од 43 степени, а министерот за образование предупредил дека во останатите области од земјата училиштата ќе бидат затворени доколку температурата надмине 42 Целзиусови степени.

Во Камбоџа оваа година е најтоплата во последните 170 години.

Екстремната топлина што го погоди регионот на Југоисточна Азија е предизвикана од климатските промени предизвикани од човекот и временскиот феномен Ел Нињо, според научниците.

Тие заклучуваат дека затоплувањето на воздухот и водата ги прави топлотните бранови, поплавите, сушите, бурите и пожарите поинтензивни и поверојатни, пренесува АП.

Американски агент сакал да му продаде тајни на руски разузнувач- осуден е на 22 години затвор

Џарех Себастијан Далк (32), поранешен агент на Националната агенција за безбедност (НСА), е осуден на 22 години затвор поради продажба на доверливи информации.

Како што пренесува порталот politico.com, Далк се обидел да продаде доверливи информации на таен агент на Федералното биро за истраги (ФБИ) за кого мислел дека е агент на руската разузнавачка служба.

Судијата Рејмонд Мур, по изрекувањето на пресудата, рече дека можел да го осуди Далк на подолга затворска казна, нарекувајќи ја казната од 262 месеци „милост за неговите пресметани намери да се вработи во НСА за да може да продава доверливи информации“.

„Ова беше бесрамно. Беше дрско и, според мене, намерно. Тоа беше предавство и беше блиску до предавство колку што може да биде“, рече судијата Мур.

Адвокатите на осудениот, кој е и воен ветеран, минатата есен ја признаа вината за шпионажа како дел од договорот со обвинителството, поради што бараа тој да добие 14 години затвор. Тие го истакнаа фактот дека доверливите информации од значење за националната безбедност не завршиле во рацете на непријателот и дека не е направена никаква штета.

Помошникот јавен бранител Дејвид Краут нагласи дека Далк претрпел трауматска повреда на мозокот и дека во четири наврати се обидел да се самоубие. Далк изјавил дека пати од посттрауматско стресно растројство, биполарно растројство и опсесивно-компулсивно растројство. На судењето тој негирал дека неговиот мотив за продажба на тајни информации биле пари.

Според судските документи, Далк, кој бил во НСА околу еден месец, му рекол на таен агент на ФБИ дека сака да „предизвика промени“ откако ја испрашувал улогата на Соединетите Држави да му наштети на светот, но исто така рекол дека има долг од 237.000 долари. Тој исто така рече дека одлучил да работи со Русија бидејќи неговото потекло е „врзано со таа земја“.

На Далк првично му биле исплатени 16.499 долари во криптовалута за извадоци од некои документи што му ги дал на агентот за да му покаже што има, а потоа му понудил да ги продаде останатите информации што ги имал за 85.000 долари, според договорот за вина. Агентот му наложил да оди на железничката станица во центарот на Денвер на 28 септември 2022 година и да ги испрати документите користејќи сигурна дигитална врска.

Далк пристигнал носејќи го својот лаптоп и најпрво искористил интернет врска за да испрати белешка за благодарност на руски јазик во која рече дека „со нетрпение го очекува нашето пријателство и заедничка корист.“

Според обвинението, информациите што Далк сакал да ѝ ги продаде на Русија вклучувале проценка на заканите за воените офанзивни способности на трета, неименувана земја. Тие исто така вклучуваат опис на чувствителни американски одбранбени способности, од кои некои се однесуваат на истата странска земја.

Пендаровски: Внатрешните поделби се најголемиот проблем за напредок на државата

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски вечерва пред граѓаните на Куманово зборуваше за неговиот концепт на обединување, без поделби без дискриминација кон кого било.

Пендаровски посочи дека опозицијата со својата понуда сака да ја врати државата назад, дека одново сакаат да го делат народот, да вршат притисоци врз граѓаните.

„Најголемиот проблем за напредокот на државата се поделбите внатре. Ние имаме и неповолно опкружување, имаме и соседи кои долги години нѐ негираат, некои од нив продолжуваат да нѐ негираат, ние со тоа ќе се справиме, проблемот е како да се справиме со наши државјани, со наши граѓани кои не разбираат дека тоа што ќе го кажеш во изборната кампања, мораш да го реализираш по изборната кампања. Ако тие се во ситуација да бидат на власт и овој концепт го реализираат, ние се враќаме во раните 90ти кога националистите ја диктираа иднината на судбината на народите и на државите на Балканот“ порача Пендаровски.

Кандидатот Пендаровски истакна дека во вториот круг сè почнува од нула - нула и од граѓаните ја побара поддршката на изборниот ден на осми мај.

„Знам дека многумина сметаат дека изборот не се решава во првиот круг, туку во вториот и дека сите политичари се исти. Но не сме сите исти. Мојата понуда е многу поразлична од таа на мојата противкандидатка, а во изминатите пет години мене ме гледавте секаде како ваш претседател. Да не се враќаме во времињата на „заробена држава“. Сечиј глас е важен и сечиј глас решава. На 8 мај сите заедно да гласаме за европска Македонија, тоа се гарантира само со заокружување на бројот 1“ порача Пендаровски, сооопштуваат од неговиот тим.

притисни ентер