Клоп: Ливерпул ќе продолжи да се развива и откако ќе си заминам

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп изрази уверување дека тимот ќе продолжи да се развива и по неговото заминување на крајот од актуелната сезона.

Германецот помина девет многу успешни години на „Енфилд“, а за негов наследник се очекува да биде избран Холанѓанецот Арне Слот кој моментално го води Феенорд.

Веќе на крајот од минатата сезона започна подмладување во Ливерпул. Големи фигури како Роберто Фирмино, Џејмс Милнер, Фабињо и долгогодишниот капитен Џордан Хендерсон го напуштија тимот, заедно со Садио Мане, кој замина една година порано, додека беа донесени Алексис Мекалистер, Доминик Собослај, Рајан Гравенберг и Ватару Ендо.

-Секако дека би сакал да се разделам на поинаков начин со Ливерпул. Пет или шест бода повеќе ќе не држеа во трката за титулата. Но, ако ја споредите ситуацијата сега со кога дојдов пред девет години, ќе видите голема разлика. Во моментов го имаме Ливерпул 2.0, кој нема да престане да се развива со моето заминување, можеби и ќе започне нов проект, изјави Клоп.

Беше категоричен дека доколку останел на „Енфилд“ уште една година, нема да можел доволно добро да ги извршува обврските.

-Сигурен сум дека да не ја донесов оваа одлука сега, следната година ќе беше многу тешка. Мора да бидете полни со енергија за ваква работа. Да се ​​биде на 80 проценти не е доволно. Тоа е вистината. Тоа е работа 24/7. Да, има поважни работи во животот, но ако се грижиш, тогаш работиш 24/7 според стандардите што ги има еден клуб како Ливерпул, изјави поранешниот тренер на Борусија Дортмунд.

Додик: Односите меѓу Бања Лука и Сараево можеби се на најлошо ниво

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави денеска дека односите меѓу Бања Лука и Сараево можеби се на најлошо ниво и дека мирот е единствената вредност за која се залага.

Додик истакна дека ситуацијата во БиХ е катастрофална, пренесе новинска агенција на Република Српска.

Тој рече дека претседавачот со Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, кажува лаги за Република Српска и дека со него не може да се отвори дијалог. /МИА

Во Иран обесени седум луѓе осудени на смрт, меѓу кои и две жени

Невладината организација „Иран Хјуман рајтс“ денеска соопшти дека од почетокот на годинава во Иран биле егзекутирани 223 лица и го осуди отсуството на фер судење.

Седум лица, меѓу кои две жени, беа обесени денеска во Иран, бидејќи Исламската Република ја зголемува употребата на смртната казна за политички цели, соопшти организацијата со седиште во Норвешка, објави „Фигаро“.

Парвин Мусави (53), мајка на две деца, беше обесена во затворот Урмија во северозападен Иран со пет мажи, од кои сите беа осудени за трговија со дрога, се вели во соопштението на организацијата.

Фатемех Абдулахи (27) е обесена во Нишапур на истокот на земјата поради убиство на нејзиниот сопруг, кој воедно и бил братучед.

Огранизацијата соопшти дека забележала 223 егзекуции годинава, вклучително и најмалку 50 само во мај, по крајот на персиската Нова година и Рамазан во април.

Иран е една од земјите каде што се извршуваат најмногу егзекуции заедно со Кина и Саудиска Арабија. Егзекуциите се вршат со бесење./МИА

Хасани:Руската агресија во Украина останува најкритична закана за мирот и безбедноста во Европа

Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани смета дека руската агресија во Украина останува најкритична закана за мирот и безбедноста на европскиот континент и пошироко.

Хасани на меѓународната конференција „Ленарт Мери“ (Lennart Meri) во главниот град на Естонија, Талин изјавил дека „Албанија продолжува со својата јасна и цврста позиција во одбрана на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, во согласност со ставот на ЕУ, НАТО и САД".

-Албанија активно ги поддржува напорите и преземените иницијативи за да се обезбеди целосна одговорност за најтешките злосторства според меѓународното право извршени во Украина. Застанувајќи покрај Украина, Албанија ја поддржува политички, економски и воено, до постигнување праведен и стабилен мир, нагласил тој, јави АТА.

Прашан за улогата на Русија во светската безбедност, министерот Хасани, рекол дека „единствениот победник во овие турбулентни времиња е НАТО, сојузот на вредности и нации кои го сакаат мирот и ги почитуваат правата на народите".

Министерот Хасани остварил средби со премиерката Каја Калас, неговиот естонски колега Маргус Цахкна и шефот на Комисијата за надворешна политика во естонскиот парламент, Марко Михкелсон на кои изразил благодарност за континуираната поддршка на Естонија за процесот на интеграција на Албанија и Балканот во ЕУ./МИА

притисни ентер