Ковачевски: Ако ДПМНЕ се дограбат до власт, можеме да се збогуваме со ЕУ

Обраќајки се на присутните на вечерашниот митинг во Македонски Брод, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски, посочи дека не смееме да ја повториме грешката од минатото.

Обраќајки се на присутните на вечерашниот митинг во Македонски Брод, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз, Димитар Ковачевски, посочи дека не смееме да ја повториме грешката од минатото и да ѝ дадеме преголема моќ на десничарска партија како ВМРО-ДПМНЕ, потсетувајќи ги дека сѐ уште се свежи раните што ѝ ги нанесоа на државата за време на нивното 11-годишно владеење.

„Денес сите ја видовте изјавата на претседателот на ЕС, Шарл Мишел, кој јасно порача и ЕУ и земјите кандидати да бидат спремни до 2030 година за прием. Не ги слушајте што зборуваат од ВМРО – ДПМНЕ дека проширување нема да се случи. Така зборуваа и за НАТО и мораше СДСМ да дојде на власт, за да влеземе во НАТО. Така зборуваа и за отпочнување на преговорите со ЕУ, па мораше СДСМ да дојде за да отпочнат преговорите со ЕУ. Ако тие дојдат до власт, 2030 година ќе ги гледате Црна Гора и други држави како седнуваат на столчињата во Брисел, а нашето повторно со ВМРО ќе остане празно. Изборот е ваш, почитувани граѓани! Или ќе живееме во лоша реприза од тоталитарното владеење на Груевски и неговата екипа или сите заедно ќе изградиме слободна, просперитетна и европска иднина. “, изјави Ковачевски.

Ковачевски вели и дека доколку ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска се дограбат до власт, ќе стават рампа на патот кон Брисел и може да се збогуваме со Европската Унија.

„Слушнете ги само изјавите на Мицкоски и неговата кандидатка Силјановска и ќе ви стане јасно дека немаат никаква намера да ја водат државата кон ЕУ. Напротив, ќе нè изолираат, ќе нè затворат, ќе нè скараат и со соседите и со меѓународната заедница“, вели Ковачевски и ги потсети граѓаните дека изборот на 8 мај е во нивни раце и само тие одлучуваат во каква Македонија сакаат да живеат.

„Јас можам цврсто да ви гарантирам дека СДСМ никогаш нема да се откаже од европска Македонија и ќе работиме сè додека таа цел не стане реалност“, порача Ковачевски.

Ковачевски ги повика граѓаните да гласаат за силен СДСМ во собранието и да не дозволат државата повторно да падне во изолација и да биде раскрчмена од Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ.

„Нашата мисија е Македонија да продолжи цврсто да гази по патот кон Европа и чекор по чекор да изградиме подобра иднина за сите“, заклучува претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, се наведува во партиското соопштение.

Роналдо го собори рекордот на Саудиска Арабија во една сезона

 Напаѓачот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо постигна асистенција на натпреварот од 32. коло на шампионатот на Саудиска Арабија со Ал-Хилал (1:1).

Триесет и деветгодишниот Португалец го собори рекордот во една сезона на овој турнир. Тој има 33 гола и 11 асистенции.

Претходниот рекордер беше Абдеразак Хамдалу, кој постигна вкупно 43 поени (гол+асистенции) во сезоната 2018/19.

Ал-Наср со 78 поени и се наоѓа на второто место во поредокот. /МИА

Во поплавите во централен Авганистан загинаа најмалку 50 луѓе

Најмалку 50 луѓе загинаа во поплавите што го погодија централниот дел на Авганистан, соопштија локалните власти.

Претставникот на авганистанската провинција Гор, Мавлави Абдул Хаи Заем изјави дека сè уште нема податоци колку луѓе се повредени во надојдената вода.

Тој информираше дека во поплавите целосно се уништени 2.000 куќи, а двојно повеќе се делумно оштетени.

Под вода се над 2.000 продавници во главниот град на провинцијата Гор, Фероз Кох. /МИА

Северна Кореја тестираше тактички балистички ракети со нов систем за наведување

Северна Кореја денеска потврди дека вчера тестирала балистичка ракета со нов систем за наведување, а на тестот присуствувал и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

- Ким изрази задоволство по повод успешното тестирање на ракетата, објави севернокорејската новинска агенција КЦНА.

Јужнокорејската армија вчера соопшти дека Северна Кореја лансирала повеќе балистички проектили со краток дострел кон Источно Море.

Тестирањето се случи само еден ден откако САД и Јужна Кореја имаа заедничка вежба со стелт борбени авиони при што се симулираше борба во воздух. /МИА

притисни ентер