Ковачевски од Неготино: Али Ахмети прави грешка со скандирањата УЧК, тоа никому не носи добро

„Али Ахмети прави голема грешка со скандирањата УЧК на предизборните митинзи на ДУИ. Тој знае дека тие скандирања никому не носат добро и единствено што може да направат е разгорување меѓуетничка нетрпеливост во државата“.

„Али Ахмети прави голема грешка со скандирањата УЧК на предизборните митинзи на ДУИ. Тој знае дека тие скандирања никому не носат добро и единствено што може да направат е разгорување меѓуетничка нетрпеливост во државата“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на митингот на Коалицијата за европска иднина во Неготино.

Ковачевски го повика Ахмети да се воздржи од реторика која не е соодветна за актуелната сегашност, во која Македонија се стреми да стане рамноправна членка на Европската Унија.

„Господине Ахмети, членови и симпатизери на ДУИ, да не дозволиме да се вратиме назад во темните делови од поновата македонска историја. Имаме голема одговорност пред граѓаните, а нашите гласачи кои очекуваат да обезбедиме подобра иднина, да се препукуваме со идеи и концепти за иднината, наместо со закани и плашење. Ние мора да им испорачаме иднина на граѓаните, а не да ги заплашуваме со повици од минатото”, - рече Ковачевски.

Пред жителите на Неготино, Ковачевски говореше од потребата сите граѓани во државата да се обединат околу идејата за европска Македонија без разлика на нивната етничка, религиска, партиска или каква било друга припадност. Порача дека европските вредности ќе ги достигнеме само со инклузија, а не со дневно-политички квази-национализам.

„Да не дозволиме некој да си игра со нашата иднина и иднината на нашите деца. Немаме право да им го ускратуваме она што го имаат нивните врсници низ Европа. Имаме морална обврска да им ги обезбедиме најдобрите можни услови за живот и со реални и издржани политики да ги поттикнеме да си ја бараат среќата дома, во европска Македонија.“

Лидерот на СДСМ порача дека Македонија доволно долго седеше во чекалницата на ЕУ и крајно време е државата одлучно да го продолжи патот кон Брисел. Истакна дека само СДСМ и Коалицијата за европска иднина имаат сила, знаење и капацитет да ги завршат преговорите и да ја внесат државата во ЕУ.

„Ние сме единствениот легитимен наследник на НОБ, партија која е секогаш подготвена да се бори за граѓаните и за иднината на земјата; единствена партија која повикува на мобилизација на демократскиот блок. Па замислете на што ќе личеше ако Илинденците се откажеа од својата заложба за слободна Македонија? Или пак Асномците од своите идеи? Замислете само како ќе изгледаше сите наши претходници во 90-тите да се откажеа од независна Македонија, членка на ОН, слободна и суверена држава?“, ги праша Ковачевски неготинчани.

Ковачевски посочува дека СДСМ во 90-тите, предводена од тогашниот претседател, Киро Глигоров, ја внела Македонија во Обединетите Нации и токму СДСМ е партијата во чие време, во 2005-та година, државата се стекнала со кандидатски статус за Европската Унија.

„Како што тие не се откажале, нема да се откажеме ни ние во нашата цел за Македонија во ЕУ, држава со европска иднина за нашите деца и идните поколенија“, порачува Ковачевски.

Ковачевски ги потсети граѓаните дека СДСМ е заслужен и за тоа што Македонија стана членка на НАТО и додаде дека СДСМ заедно со граѓаните, ќе ја внесе Македонија во ЕУ.

„Знаете, целосно сме свесни за казната во првиот круг од претседателските избори. Пораката е примена со сето достоинство и со цела почит кон сите граѓани кои излегоа да гласаат, но и кон оние кои одлучија да не излезат на гласање“, вели Ковачевски и додава дека со право дел од граѓаните се незадоволни од дел од нивните политики, одлуки или кадровски решенија изминатите години.

„Свесен сум и дека нашата инклузивност, но и концептот на едно општество за сите беше често и злоупотребуван од одредени политички сили и структури во земјата за лична корист. Можеби бевме и премногу попустливи во одредени ситуации, дадовме многу, а добивме многу малку за возврат. Но, тоа не значи дека во било кој момент сме се откажале од остварувањето на нашите политики и активности“, посочува Ковачевски.

Тоа значи дека сме ја научиле лекцијата, вели претседателот Ковачевски и додава дека поуката е извлечена и наредниот пат пристапот ќе биде повнимателен и многу претпазлив, се наведува во партиското соопштение.

За две децении 10-те „нови членки“ на ЕУ го удвоија својот БДП

 Десетте земји кои станаа членки на ЕУ пред 20 години изминативе две децении се развиваа многу побрзо од просекот на Унијата и успеаја речиси двојно да го зголемат својот БДП по глава на жител, покажуваат податоците на Европската комисија. 

Овие десет земји - Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка - забележаа раст на куповната моќ изразена во БДП по глава на жител од 51 отсто од просекот на 14-те „стари членки“ во 2004-та, на 79 проценти во 2023 година, соопшти еврокомесарот за економија Паоло Џетилони презентирајќи ги пролетните економски перспективи на Унијата за 2024 и 2025 година.

- Врз основа на нашите 10-годишни проекции, овие 10 земји членки треба дополнително да го намалат јазот во приходите со „старите“ членки во следната деценија. Во 2033 година, нивните просечни нивоа на приход треба да се искачат на 92 отсто од оние на ЕУ14, изјави Џентилони, додавајќи дека ваквите податоци се многу добра вест за земјите од Западниот Балкан, како и за Грузија, Молдавија и Украина, кои „работат на пристапување кон ЕУ“.

Во однос на економските предвидувања за наредниот период на ниво на цела ЕУ, Џентилони порача дека „по тешката 2023 година“ економската активност зајакна во првото тримесечје од годинава, по што во наредните квартали се очекува „забрзување на економскиот моментум“, што ќе доведе до годишна стапка на раст на ниво на ЕУ од еден отсто во оваа и 1,6 проценти во 2025 година.

Според него, благодарение на силниот пазар на трудот и растот на реалните плати во ЕУ, се очекува приватната потрошувачка да го поттикне економското закрепнување и да ја зајакне куповната моќ.

- Инфлацијата дополнително се намали од почетокот на годината и треба да продолжи да се намалува, достигнувајќи ја целта на ЕЦБ во текот на 2025 година. Коефициентот на буџетскиот дефицит во ЕУ треба да продолжи да опаѓа во 2024 година, додека стапката на долгот малку ќе се зголеми во 2025 година, најави еврокомесарот за економија.

Во првиот овогодишен квартал намалувањето на стапката на инфлација беше поголемо од очекуваното и достигна 2,6 отсто, за дополнително да падне на 2,4 проценти на крајот на април. Така, прогнозите за ЕУ се инфлацијата од ланските 6,4 да се намали на 2,7 отсто на крајот на годинава и на 2,2 проценти во декември 2025 година. На ниво на Еврозоната се очекува стапката на инфлација од ланските 5,4 отсто да се намали на 2,5 проценти следната и на 2,1 отсто на крајот на 2025 година.

Кога станува збор за буџетскиот дефицит, по неговото значителното намалување во текот на 2022 година, тој лани порасна од 3,4 на 3,5 отсто од БДП, како последица на влошените економски услови и растот на трошоците за камати. За оваа година, според Џентилони, се предвидува буџетскиот дефицит да се намали на 3,0 отсто од БДП, а следната година за дополнителни 0,1 процентни поени на 2,9 проценти од БДП.

По рекордното ниво на долгот од 92 отсто од БДП во 2020 година, лани тој се сведе на 83 проценти, по што се очекува да остане на исто ниво и во текот на годинава, по што би уследил негов мал раст во текот на 2025-та на 83,4 отсто од БДП, како резултат на повисоките трошоци за негово сервисирање и очекуваниот понизок номинален економски раст.

Неодамнешното намалување на каматните стапки на глобално ниво се очекува да резултира и со олабавување на монетарната политика на ЕУ, па така почнувајќи од јуни се предвидува постепено намалување на основната камати од сегашните 4 на 3,2 отсто до крајот на годинава, за потоа да следи нејзин дополнителен пад до 2,6 проценти до крајот на 2025 година.

Пролетната прогноза на ЕУ предвидува и глобален економски раст од ланските 3,1 отсто, на 3,2 проценти годинава, па до 3,3 отсто во 2025 година.

Сепак, според Џентилони, и покрај очекуваните позитивни економски резултати и „подобрувањето на сликата за европската економија во следните две години“, негативните ризици и несигурноста остануваат зголемени, пред се поради војните крај „границите на ЕУ“ и на Блискиот Исток.

Џентилони нагласи дека ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток предизвика нестабилност на цените на нафтата од почетокот на годината, а врз нивниот раст дополнителни влијание имаше и овогодишниот економски раст на Кина и на САД, што беа поголеми од очекуваните.

Од друга страна, цените на гасот беа само маргинално повисоки од оние во текот на зимата и многу под нивното есенско ниво, додека цените на бензините се очекува да растат во просек на 31 евро за мегават час во 2024 и 35 евра за мегават час во 2025.

- Како такви, цените на енергијата не се очекува да бидат силната дезинфлациска сила каква што беа во блиското минато, заклучи Џентилони.

Хејнс: Надворешни сили се обидуваат да влијаат врз американските претседателски избори

Има сè поголем број странски актери, вклучително и недржавни актери, кои сакаат да влијаат на изборите во САД, а Русија, Кина и Иран се најзначајни, рече директорката на Националното разузнавање на САД, Аврил Хејнс на сослушување во Сенатот.

- Русија особено останува најактивната надворешна закана за нашите избори. Целите на руската Влада во таквите операции на влијание обично вклучуваат поткопување на довербата во американските демократски институции, што ги влошува поделбите во САД и намалената поддршка на Западот за Украина, посочи Хејнс.

Таа додаде дека напорите на американската администрација да обезбеди избори се значително подобрени од претседателските избори во 2016 година и верува дека Владата никогаш не била подобро подготвена.

Конгресните комисии почнаа да ги испитуваат доказите за странските напори, особено руските да влијаат врз американското јавно мислење, откако американските разузнавачки агенции заклучија дека субјекти поддржани од Кремљ се обидуваа да му помогнат на републиканецот Доналд Трамп да ја освои Белата куќа во 2016 година. Москва негираше вмешаност.

Вчерашното сослушување беше прва јавна расправа на Комисијата на тема изборниот циклус во САД во 2024 година.

Блинкен си навлече критики откако пееше во ноќен клуб во Киев

„И еден збор е доволен за да се опише синоќешната ноќ на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Киев, а тоа е - „несоодветно““, напиша на Фејсбук Свитлана Матвиенко.

Ако шефот на американската дипломатија сакаше да испрати порака за поддршка на Киев со пеење на „Rockin' in The Free World“ во ноќен клуб во главниот град на Украина во вторникот вечерта, во средата многу Украинци го сметаа неговиот настап како несоодветен среде руската офанзива на североисток, анаизираат француски медиуми.

„И еден збор е доволен за да се опише синоќешната ноќ на американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Киев, а тоа е - „несоодветно““, напиша на Фејсбук Свитлана Матвиенко, директорка на невладина организација специјализирана за политички анализи.

Како и многу нејзини сонародници, таа рече дека е „изнервирана“ од настапот на Блинкен бидејќи регионот Харков во североисточна Украина беше „урнат“ со еднонеделна руска офанзива и го осуди „целосниот недостаток на разбирање на ситуацијата“ и „ емпатија“ од американски официјални претставници.

Пристигнувајќи во ненадејна дводневна посета на Киев, каде што продолжи да ја демонстрира поддршката на САД за Украина, Блинкен во вторникот го заврши напорниот ден исполнет со официјални средби, вклучително и со претседателот Володимир Зеленски, свирејќи на гитара и потпевнувајќи ја таа песна во клуб на приземје во центарот на главниот град.

„Знам дека ова е многу, многу тешко време. Вашите војници, вашите граѓани, особено на североисток, во Харков, многу страдаат. Но, тие треба да знаат, вие треба да знаете дека САД се со вас“, рече тој пред да започне да свири.

За Бохдан Јаременко, пратеник од претседателската партија и поранешен дипломат, контекстот е лошо избран по неколкумесечните одложувања на американската воена помош за Украина што ги ослабе украинските сили на бојното поле.

„Пораката не е комплицирана, но не успеа“, напиша тој на Фејсбук.

„Со сета почит, ова е грешка“, коментираше во ист тон Валери Чали, поранешен украински амбасадор во САД.

Музичкиот настап на Ентони Блинкен го навлече гневот на Украинците на социјалните мрежи, при што некои корисници ги критикуваа американските власти за бавното темпо на американската воена помош.

„Посета формирана од неуспех во комуникацијата“, резимира Сергиј Сидоренко, уредник на влијателната информативна страница Европејска Правда, на Фејсбук. „Јавните предупредувања испратени не функционираа онака како што планираа нивните автори“.

притисни ентер