Ковачевски од Неготино: Со граѓаните ќе ја внесеме земјата и во ЕУ и од тоа нема да се откажеме

Граѓаните ќе се сетат, кога се смени власта во градот Скопје и кога дојдоа ВМРО-ДПМНЕ исто како што дојде и во Неготино со нивните градоначалници, беше под сериозна закана да останеме без нормални услуги во општините. 

Го гледам овој плоштад во Неготино, целиот искршен. Што градоначалник е тоа што не може три плочки да поправи, а се фалат ќе поправале цела држава. Ова го истакна вечерва од Неготино, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски на граѓански митинг.

Свесен сум, подвлече, дека нашата инклузивност и концептот на едно општество за сите, често беше злоупотребувана од одредени политички сили и структури во земјата, за лична корист.

Ковачевски потсети дека со СДСМ Македонија стана земја кандидат за членство во ЕУ.

- СДСМ заедно со граѓаните го сруши режимот на Груевски. Режим кој ја блокираше целата наша иднина. СДСМ е заслужен што Македонија стана рамноправна земја членка на НАТО, а ефектите ги чувствуваме денес. Ви гарантирам, СДСМ заедно со вас, со граѓаните ќе ја внесе земјата и во ЕУ и од тоа нема да се откажеме. И јас, но и сите ние во СДСМ, можеби ја плаќаме цената на тешките одлуки, но тоа не смее да не одврати од идејата за прогрес и за суштински напредок на државата. Македонија мора да биде европска земја и нема друг начин како да се направат вистински и опипливи промени дома, истакна Ковачевски.

Оние граѓани што избраа да не излегуваат на избори на 24 април, рече дека ги поттикнуваат да излезат сега и да го дадат својот глас за европската иднина.

- Подаваме рака на сите прогресивни и проевропски сили за идна соработка. Повикуваме на општа мобилизација на сите напредни граѓани на 8 мај. Мора да одиме напред, не смееме да дозволиме да се вратиме назад, во немири, внатрешни поделби и конфликти! Патот напред е јасен – иднина во Европската Унија, рамо до рамо со западните демократии. Овие избори, ве повикувам да гласаме за, за европска и сигурна и за подобра иднина на Македонија. Да не дозволиме да се вратиме назад во времето на 11-годишното владеење на Груевски и ДПМНЕ, порача Ковачевски.

Граѓаните кои ќе излезат на гласање на 8 мај, истакна, мора да имаат предвид дека иднината на земјата е под сериозна и опасна закана.

- Ако десничарска партија добие таква моќ, со сите државни ресурси на располагање, може да се соочиме со крај на нашата европска перспектива.Тоа ќе стави крај и на независните медиуми, додаде Ковачевски.

Јованка Тренчевска, коносител на листа на кандидати за пратеници во четвртата изборна единица, реке дека зад нив се седум години посветено и неуморно работење за подобрување на животниот стандард на граѓаните, носење тешки одлуки, грижа за сите и чекорење напред.

- Но, очигледно некаде грешевме. И за тие грешки, на првиот круг од претседателските избори, ни ја испративте пораката. Не опоменавте дека не сме биле доволно добри. Парите во буџетот се на граѓаните и праведно ги трошевме за граѓаните и за нивен поквалитетен живот, но не било доволно. Не опоменавте дека 330 отсто повисока социјална помош, 53 проценти повисоки пензии, 180 отсто повисока миинимална плата, 40 000 просечна плата не е доволно, нагласи таа.

Тренчевска истакна дека разбрана е пораката на граѓаните. Не е се до повисоки права, плата и пензии и додаде дека системот е важен, неговата функционалност, здравството, образованието, судството.

- Младите да ни останат дома. Да имаат пристојни работни места и плати, овде, дома, подвлече таа, осврнувајќи се на нејзината работа како министер за труд и социјална политика и резултатите во оваа област во изминатите години, за нејзините заложби за еднакви можности за сите.

Венко Филипче, коносител на листата, повика на мобилизирање, поради генерациите кои доаѓаат. Без да се потклекне, рече, пред старите режимски политики, што се закануваат на иднината.

Лолита Ристова, кандидат за пратеник, се осврна на резултатите во лозарството, семејните винарници, руралната жена, но и на проектите што со поддршка на државата, беа реализирани во неготинска општина, критикувајќи го работењето на актуелната локална власт во Неготино, најавувајќи нови проекти за сите.

Љупчо Николовски, носител на листа во трета изборна единица и досегашен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство се осврна на придобивките од одлуките со кои биле решени напластени проблеми во лозарството и воопшто во земјоделскиот сектор. Тој говореше за позитивните законски измени, грантовите и субвенциите, мерките и проектите, поддршката, напредокот на малите семејни винарии, законското решение за гарантирана цена за винско грозје. Николовски вети и зголемена поддршка во иднина.

Беа ветени посветеност и напорна работа, најавени многу нови проекти, беше побарана поддршка на изборите на осми мај. За да чекори државата, како што беше нагласено, по правиот пат, по европската траса до членство во ЕУ, што е долгогодишен стремеж. /МИА

Масерати од 750КС изгледа како Бетмобил и „лета“ со 335 км/час (ВИДЕО)

Mansory ја покажа својата најнова креација за Maserati MC20 која има неодолива сличност со Batmobile.

Познатиот тјунер објави дека MCX Pergusa е достапен во ограничен број, односно само пет примероци, што покажува колку внимание посветиле на овој дизајн бидејќи е уште поексклузивен во споредба со претходните проекти.

Нови се карбонските делови на каросеријата, промените во внатрешноста и подобрениот погон. И можеби овој модел потсетува на Mansory's MC20 Widebody, но оваа верзија има нов отвор за воздух, малку поинаква аеродинамика заедно со веќе споменатата каросерија.

MCX има поголеми доводи за воздух на предниот дел на автомобилот, бројни отвори на хаубата и браниците, а профилот открива 21-инчни предни и 22-инчни задни бандажи. Има и пошироки штитници за кал, поголеми доводи за ладење и помасивни прагови на вратите.

Назад има големо крило, хаубата е испреплетена со повеќе отвори и има двоен дифузер со четири издувни цевки.

Во традицијата на Mansory, внатрешноста може да се прилагоди според вкусот на купувачот. Презентираниот пример има портокалов и црн тапацир, безбедносните појаси се во портокалова боја и го имаат логото Mansory на нив, а златни детали ја красат централната конзола заедно со повеќе карбонски влошки.

Што се однесува до техничките аспекти, Mansory се забавуваше со електрониката на моторот и го инсталираше својот издувен систем со високи перформанси. Сега 3.0-литарскиот V6 твин-турбо мотор развива импресивни 750 КС и 880 Nm вртежен момент.

Тоа е значително зголемување од 120 КС и 150 Nm повеќе од стандардниот Maserati MC20.

MCX забрзува од 0 до 100 km/h за 2,6 секунди, што значи дека му се потребни 0,3 секунди помалку за да достигне 100 km/h во споредба со стандардниот модел. Максималната брзина е зголемена за 10 km/h на 335 km/h.

Цената за тие пет ексклузивни примероци не е позната.

Дали Ердоган ги штити терористите- над 1.000 припадници на Хамас се лекуваат во турски болници

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган (70) изјави дека повеќе од 1.000 членови на милитантната палестинска организација Хамас, која многу земји ја сметаат за терористичка група, се лекуваат во болниците низ Турција.

Ердоган, како што пренесува „Гласот на Америка“, го ревидирал својот став дека Хамас е „движење на отпорот“.

Турски функционер набрзо се огласи и појасни, велејќи дека претседателот погрешил и мислел дека луѓето од Појасот Газа се лекуваат во болниците во Турција.

„Ако го наречете Хамас терористичка организација, тоа ќе нѐ растажи“, рече Ердоган по состанокот со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Анкара.

Токму Мицотакис, зборувајќи за војната во Израел, го нарече Хамас терористичка организација, што очигледно го погоди Ердоган:

„Не мислиме дека Хамас е терористичка организација. Повеќе од 1.000 членови на Хамас се лекуваат во нашите болници“, рече турскиот претседател.

Сепак, турски функционер кој сакал да остане анонимен, појаснил дека претседателот генерално мислел на Палестинците од Појасот Газа, каде што Хамас е на власт, наместо на самите членови на оваа милитантна група.

„Претседателот се изрази погрешно, мислеше на 1.000 жители на Газа кои се на лекување, а не на членовите на Хамас“, рече тој.

Агенцијата Ројтерс неуспешно се обиде да го утврди потеклото, односно кои се Палестинците кои се лекуваат во Турција. Во ноември минатата година, властите во Анкара објавија дека помагаат да се евакуираат десетици ранети или повредени жители на Газа, вклучително и голем број заболени од рак и нивни придружници, откако Израел започна копнена офанзива на оваа палестинска енклава.

Наоми Кембел блесна на црвениот тепих во Кан- сите зборуваат за нејзиниот фустан (ФОТО)

 Многу ѕвезди се појавија за премиерата на Furiosa: A Mad Max Saga на Канскиот филмски фестивал. 

Меѓу нив беше и супермоделот Наоми Кембел. На црвениот тепих прошета во смела модна комбинација. Таа носеше црн фустан со прерамки со мониста. Фустанот има проѕирни делови, поради што долната облека на Наоми стана видлива.

Наоми овој пат сама прошета на црвениот тепих. Во последните неколку месеци, Наоми наводно се зближила со филмскиот продуцент Мохамед Ал Турки и биле видени заедно на неколку настани. Но, Мохамед го прескокна Кан.

Furiosa: A Mad Max Saga беше премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал. Во него, меѓу другите, играат и Крис Хемсворт, Ања Тејлор-Џој и Том Бурк.

Се чинеше дека публиката го сака новиот акционен филм, а екипата доби неверојатни шестминутни овации. Ања беше пресреќна од реакцијата на толпата, додека Крис изгледаше многу емотивно.

„Работевме многу напорно на овој филм и ќе биде интересно да видиме што ќе направите од него. Ви благодариме“, изјави режисерот Џорџ Милер по премиерата.

притисни ентер