Ковачки: СДС не е противник само на ВМРО-ДПМНЕ, туку противник на народот и Македонија

Најпрво сакам да ви се заблагодарам за огромната поддршка и да ви честитам на сите за победата. 

Затоа што оваа победа не е само на ВМРО-ДПМНЕ, туку победа на целиот македонски народ кој се обедини промени, за да си ја врати државата назад. Ве сте силата на Македонија, вие сте гласот на промените и надежта на оваа парче земја, вели Драган Ковачки носител на изборната единица 3 на денешниот митинг во Градско во рамки на претседателската и парламентарната кампања.

Ковачки истакна дека народот им го зададе ударот на СДС и ДУИ на 24 април, а веднаш потоа ќе им го зададе на 8 мај, посочувајќи дека по победата следува трет удар а тоа е одговорност за сите криминали и штети кои власта ги нанела на народот и Македонија.

Но, една добиена битка не значи опуштање. Туку значи уште поголемо обединување, заедништво, сплотеност и работа. Првиот удар го зададовме на 24 април, следува вториот удар со победа на 8 мај, а потоа следува трет удар. Третиот удар значи одговорност. Одговорност за сите криминали. Одговорност за целокупното предавство кое што го направија на Република Македонија, рече тој.

Ковачки посочи дека граѓаните на 24 април покажале дека никој не може да си игра со народот, укажувајќи дека СДС не е само противник на ВМРО-ДПМНЕ, туку и противник на македонскиот народ за кои што рече дека е достоинствен, работлив и чесен.

Вие покажавте дека со народот никој не смее да си игра. Покажавте дека овој македонски народ е достоинствен, работлив и чесен. Покажавте дека ја сакате Македонија повторно горда и во вашите раце, затоа што вие сте суверенот на неа. Само вие, а не оние неколкумина од ДУИ и измеќарот СДС, рече тој и додаде.

СДС не е противник само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и ваш противник, противник на Македонија, затоа што изминатите 7 години од политичка партија се претвори во обичен измеќар на ДУИ. Ковачевски прифаќаше секаква наредба на Али, Стево пак не го видовме воопшто да се спротивстави на криминалот и корупцијата на СДС и ДУИ, напротив со неговото молчење ги охрабруваше што повеќе да грабаат, што повеќе да украдат и што повеќе да ја понижат Македонија.

Ковачки порача дека 8 мај е историски ден.

Работата не е завршена и нема опуштање, пред самото финале сме. Не смееме да се предадеме, затоа што сме на само еден чекор сме до историска промена и до конечно враќање на Македонија во вашите раце. 8 мај е историскиот ден.

Ковачки објасни дека СДС се разлутени и гневни на граѓаните поради поразот и во следниот период нема да бираат средства и методи за да ги заплашат, но им порача на граѓаните да не се плашат, нагласувајќи дека македонскиот народ никогаш не се плашел.

Прво се обидуваа да ве убедат дека ги сфатиле грешките и дека овие избори им се поправен испит. Но, ви кажав и тогаш, ви кажувам и сега, лажат. ЛАЖАТ!!! Не им верувајте. Не ја сакаат победата за да се поправат, туку за повеќе да украдат, за своите семејства да живеат во луксуз и да се обезбедат за идните генерации, додека вие осиромашувате, додека економијата крахира и додека Македонија тоне во криминал и корупција. А сега после нивниот пораз, се повеќе се гневни, полни со бес кон сопствениот народ, во вас гледаат разлутено затоа што ги казнивте, и затоа можно е следниот период да не бираат ниту средства, ниту пак методи со кои ќе се обидат да ве заплашат и да ве предомислат. Но, нема веќе заплашување. Овој македонски народ никогаш не се плашел, нема ниту сега. ВМРО-ДПМНЕ е партијата на народот, која секогаш застанува против секој еден кој се соочил со неправда од страна на власта, изјави тој.

Во однос на проектите Ковачки додаде дека визијата на ВМРО-ДПМНЕ е да ја трансформира Македонија напред преку реализација на проектите од Платформата 1198.

Нашата визија е Македонија повторно ваша. Во вашите раце. Затоа што вие сте сила на една држава. Промените се во вашите раце и вие одлучувате во каква Македонија ќе живеете. Вие ја давате и одземате довербата. Затоа ве замолувам за огромна поддршка и доверба од ваша страна, ве замолувам за сплотување, за обединување, за масовна излезност. Разговарајте со секој еден и подадете рака на сите. Силата на ВМРО-ДПМНЕ во вас, народот. Ние сме партија која помага, работи и која покажала како треба да се води Македонија. Сме покажале што значат нови проекти, реформи и визија. Имаме план за секоја општина, се обврзуваме на целосна трансформација на Македонија, објасни тој.

За општина Градско, Ковачки рече дека Платформа 1198 предвидува:

Завршување на изградба на експресниот пат од Градско до Прилеп, во должина од околу 33 километри. Проектот ќе се реализира во три фази, Градско – клучка Дреново (15.5 километри). Потоа втора фаза од Фаришка до Дреновска Клусура (10 километри) и трета фаза проширување на патната делница од Прилеп до мостот на Ленишка река и изградба на трета лента на патната делница од село Беловодица – Каменолом Маврово околу 7.5 километри. Реконструкција на мостот на река Вардар кај село Уланци, реконструкција на 8ми Септември во Градско, подобрување на квалитетот на услугите за водоснабдување во Градско и многу други проекти кои значително ќе го подобрат вашиот живот.

Ковачки ја побара поддршката од граѓаните и масовна излезност со заокружување на бројот 2 за Силјановска Давкова за претседател на Македонија, и нова влада предводена на ВМРО-ДПМНЕ.

Ние се што ветуваме пред вас, се обврзуваме да го исполниме. Платформата 1198 значи решавање на проблемите, затоа што во неа има проекти за сите граѓани. Мораме да ја трансформираме Македонија напред кон нови победи и кон нови успеси. Но ни треба вашата поддршка и масовна излезност на 8 мај за бројот 2, за двојна победа. 2 за ВМРО-ДПМНЕ за идна влада, и 2 Силјановска Давкова за претседател на Македонија. Ние ја сакаме Македонија повторно твоја. Македонија на земјоделците, на здравствените работници. Македонија повторно твоја на просветните работници, Македонија на пензионерите. Македонија на младите. Македонија на успешни компании и странски инвестиции. Македонија земја на горди граѓани, кажа Ковачки и порача дека на 24 април народот го делегитимира СДС и ДУИ, а на 8 мај ќе го срози.

На 24 април го делегитимиравме Ковачевски, Пендаровски, Маричиќ, Спасовски, Зечевиќ, Битиќи, Али, Груби, Османи, Бектеши и баграта околу нив. А на 8 мај да ги срозиме. И да го победиме ова зло поради кое Македонија и вие граѓаните тонете, се наведува во партиското соопштение.

Изложени ликовни творби од ученици по повод Националниот комеморативен ден на Израел- Јом Хашоa

Конкурсот беше распишан од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, и се состои од три проекти - ликовен, литературен и дигитална содржина.

По повод одбележувањето на Националниот комеморативен ден на Израел - Јом Хашоа, кој е посветен на хероизмот во Варшавското гето, денеска во Меморијален центар на Холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје е отворена изложба од ликовни творби на ученици кои учествуваа на наградниот конкурс „Холокаустот низ призмата на детските очи“. Учесниците низ своја призма создадоа дела поврзани со Холокаустот.

Конкурсот беше распишан од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, и се состои од три проекти - ликовен, литературен и дигитална содржина.

Согласно одлуката од жири комисијата, првото место го освои Мартин Николовски, деветто одделение од основното училиште „Љубен Лапе“ од Скопје, чиј ментор е Сузана Михајловска. Второто место го освои Сара Гигова од основното училиште „Димитар Влахов“ од Штип, чиј менторот е Дејан Марков, а третото место го доби цртежот изработен од Илина Талеска, деветто одделение чиј ментор е Марга Масеска.

Како што изјави на отворањето на изложбата Жаклина Мучева, раководител на секторот за едукација на Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија, повеќето од делата кои се изложени се поврзани со две книги кои што учениците ги читаат - „Ана Франк“ и „Момчето во пругасти пижами“.

Таа испрати апел до сите наставници оваа литература да ја прошират, бидејќи како што посочи, имаме содржини кои што можат да го збогатат знаењето на сите ученици.

-Оваа изложба ја отвораме традиционално и навистина сме горди на проектот бидејќи се она што го добиваме од учениците во основните училишта во нашата земја во овие 13 години, за нас е големо богатство. Децата низ својата призма, низ призмата на историјата и она што го учат на единствениот училишен час кој што го имаат на програмата за Холокауст и она што го учат овде во Меморијалниот центар преку поставката и работилниците кои што ги организираме за нив, навистина можете да видите дека создадоа дела кои што се излезени од детската имагинација, креативност, но и вештина и таленти, посочи Мучева.

Таа информираше дека оваа година добиле 90 трудови од повеќето училишта во нашата земја. Изложени се околу 50 цртежи кои се најдобри, според одлуката на жири комисијата. Сертификати ќе добијат сите учесници, и училиштата и менторите.

Маја Наноу, член на Управниот одбор на Еврејската заедница во обраќањето пред отворање на изложбата посочи дека Јом хашоа е ден на сеќавање на холокауст и хероизам. На овој ден Израел и сите Евреи во светот им оддаваат почит на шест милиони Евреи убиени од нацистичкиот режим на нацистичка Германија и нивните сојузници и соработници.

- На овој ден се сеќаваме и оддаваме почит на милионите животи загубени за време на Холокаустот, мрачно и нечовечко поглавје во историјата. Се сеќаваме на оние кои беа жртви на најгрозоморната нетолеранција, омраза и варваство, како и на актите на храброст и хуманост што произлегоа, од херојските напори на оние кои се спротивставија, до храбрите поединци кои ги ризикуваа своите животи за да ги спасат другите, наоѓајќи светлина во темнина, рече Наноу.

Таа напомена дека и нашата држава рамо до рамо со целиот прогресивен свет им оддава почит на своите 7.144 Евреи, жртви на нацизмот, депортирани во логорот на смртта во Треблинка.

-Македонија не ги заборави своите 7.144 убиени Евреи и почитувајќи ги највисоките светски стандарди во одбележувањето на холокаустот, изврши денационализација на еврејските имоти без правни наследници и ние заедно го изградивме овој Меморијален центар, рече Наноу.

Самоил Садикарио, член на еврејската заедница изјави дека ќе продолжат да го кажуваат наративот за Холокаустот, со цел да допре во свеста на луѓето.

-Изразувам големо жалење за сите холокаусти, еврејски и нееврејски, кои се случија на овој свет, многу животи отидоа само заради некои луди идеи што постоеја и се уште постојат. Во Македонија е можеби најрадикалниот Холокауст во однос на проценти. Поточно, 99 проценти од Евреите се депортирани во логорот Треблинка, но секако и во другите земји бројките се огромни, рече Садикарио.

Пред отворањето на изложбата, во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија Соломон Садикорио ги запали шесте меморијални свеќи. /МИА

Малолетник прегазен во Велес, пренесен во скопските Клиники

 Во СВР Велес синоќа во 21:55 часот било пријавено дека на главната  улица „Благој Ѓорев“ во Велес, патничко возило „цитроен“ со велешки регистарски ознаки, управувано од 35-годишната велешанка М.Р.  удрило во малолетен пешак. 

Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетникот, информира денеска портпаролот на СВР Велес, Билјана Ѓаковска.

Таа додава дека по овластување на јавен обвинител извршен бил увид од увидна екипа од СВР Велес.

Како што информира за МИА портпаролот на ЈЗУ Општа болница Велес, Марина Андова, малолетникот бил прегледан на Одделот за Радиодијагностика по што било утврдена скршеница на левата потколеница, и по дадената лекарска помош поради тежината на повредата малолетникот бил препратен на Клиниките во Скопје на понатамошно лекување.

Бензините поевтинуваат за денар ипол, а дизелот за еден денар по литар

Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 отсто.

Бензините и Екстра лесното масло за домаќинство од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 1,5 денари за литар, а цената на дизелот се намалува за еден денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 отсто.

Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 86 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе се продава за 88, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 74,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 74 денари за литар.

Со одлуката на РКЕ за 0,829 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на Мазутот М-1 НС и ќе изнесува 45,832 денари.

Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување кај бензините во просек за 2,438 отсто, кај дизелот за 2,100, кај екстра лесното масло за 2,605 и кај мазутот за 1,907 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 0,407 отсто.

притисни ентер