Мбапе заминува од ПСЖ за четири пати помала плата

Килијан Мбапе ја заврши мисијата во Пари Сен Жермен и прашање на време е кога ќе замине во Мадрид, во тоа нема веќе дилеми, барем според Фабрицио Романо, новинар кој е најпознат за фудбалските трансфери.

- Килијан Мбапе е презадоволен од сите разговори што ги има со Реал. Се верува дека е само прашање на време кога сагата ќе заврши, напиша Романо.

Потоа продолжи да ја објаснува ситуацијата.

- Мбапе донесе одлука. Тоа е Реал Мадрид и нема дилеми. Никогаш немаше намера да преговара со други клубови од првиот ден. Неговиот целосен фокус е на Реал Мадрид, напиша Романо.

Мбапе ќе замине во Реал кога ќе му истече договорот со ПСЖ, а Французите така и не успеале да го убедат да остане.

„Марка“ претходно напиша дека Мбапе ќе потпише петгодишен договор со Реал. Мбапе ќе биде најплатен во тимот, но не драматично повеќе од останатите. Ќе заработува 20 милиони по сезона и голем дел од парите од маркетиншки права.

Тоа значи дека ќе заработува речиси четири пати помалку отколку во ПСЖ каде во последните две години земал 72 милиони по сезона. Сепак, се очекува преку маркетинг да собере огромна сума на пари, а според некои проценки тоа би можело да го направи најбогат фудбалер во светот.

На крајот на краиштата, тој направи сличен потег како Мајкл Џордан неколку децении порано, а Мајкл денес е милијардер.

Речиси би било поетско доколку Мбапе го одигра последниот натпревар во дресот на ПСЖ против Реал Мадрид во финалето на Лигата на шампионите, но дотогаш овие два тима треба да ги исфрлат Борусија и Баерн.

Оваа сезона постигна 41 гол на 42 натпревари и запиша девет асистенции. Од доаѓањето во ПСЖ, тој одигра 302 натпревари со 253 гола и 107 асистенции. /МИА

Во Србија продолжува парламентарна расправа, се чека гласање за новата влада

Српскиот парламент претпладнево ќе ја продолжи првата вонредна седница на која единствена точка на дневен ред е избор на Влада и давање заклетва на претседателот и членовите. 

Се очекува дискусијата да продолжи, по што пратениците треба да гласаат, јавија српските медиуми.

Продолжението на првата вонредна седница на Националното собрание во актуелното свикување е закажано за девет часот. На седницата, која почна вчера, излагање поднесе претставникот за состав на новата Влада Милош Вучевиќ.

Во тричасовното обраќање пред пратениците, меѓу другото, тој истакна дека владата што ја предлага ќе биде влада на континуитет во најголема мера, како и дека полноправното членство во ЕУ останува стратешки приоритет на Србија. Тој наведе и дека најголемиот предизвик на новиот кабинет ќе биде одбраната на суверенитетот, ќе се предложи задолжителен воен рок од четири месеци. Вучевиќ порача дека членовите на Владата мора да бидат тим, дека секогаш мора да бидат подготвени да ги штитат националните и виталните интереси на Србија, а неговото прво и единствено барање е несомнената лојалност кон татковината. На Собранието му предложи 31 член на кабинетот, меѓу кои има осум нови личности. /МИА

Земјотрес од четири степени во поширокото подрачје на Лос Анџелес

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер синоќа го погоди поширокото подрачје на Лос Анџелес, соопшти Сеизмолошкиот институт на САД.

Земјотресот се случил во областа Корона, во близина на Лос Анџелес, објави Фокс.

Земјотресот бил почувствуван во пошироката област, западно до Лос Анџелес, Лонг Бич, округот Оринџ и Санта Кларита./МИА

Колумбија најави прекин на дипломатските односи со Израел поради војната во Газа

Колумбискиот претседател Густаво Петро изјави синоќа дека ќе ги прекине дипломатските односи со Израел поради војната во Појасот Газа. 

Петро претходно го критикуваше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и повика Колумбија да се приклучи на тужбата за геноцид на Јужна Африка против Израел пред Меѓународниот суд на правдата.

„Овде пред вас, владата на промени, претседателот на републиката, најавува дека утре ќе ги прекине дипломатските односи со државата Израел, затоа што има влада, затоа што има геноциден претседател“, нагласи синоќа Петро во Богота на собир по повод Меѓународниот ден на трудот. Светот не може да биде слеп пред настаните во Газа, нагласи тој. /МИА

притисни ентер