Мото ГП: Бањаја победи во Херез

 Италијанецот Франческо Бањаја (Дукати) победи во трката од Светскиот шампионат во мотоциклизам која денеска се возеше во шпанскиот град Херез елитната класа во Мото ГП.

Втор беше Шпанецот Марк Маркез (Гресини Дукати), а трет Италијанецот Марко Безки (Дукати ВР46),.

Лидерот во генералниот пласман на сезоната, Шпанецот Хорхе Мартин (Прамак Дукати) не ја заврши трката, што најдобро го искористи светскиот првак Бањаја.

Во генералниот пласман Мартин сега има 92 бода, 17 повеќе од Бањаја на второто место.

Следната трка се вози на 12 мај во француски Ле Ман.

Словенецот Марко Бошњак избран за нов претседател на Европскиот суд за човекови права

Словенечкиот судија Марко Бошњак е избран за нов претседател на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кој на таа функција ќе ја наследи Ирката Сиофра О’Леари, соопшти денеска судот чие седиште е во Стразбур.

Бошњак (50) е потпретседател на ЕСЧП од ноември 2022 година. Тој ќе ја преземе новата функција на 2 јули.

Времетраењето на неговиот мандат не е прецизирано.

Претседателот на Европскиот суд за човекови права обично се избира за најмногу три години, но судиите не можат да останат на функцијата повеќе од девет години.

Бошњак е во Европскиот суд за човекови права од 2016 година, а неговиот мандат треба да истече во 2025 година.

Судиите немаат право на реизбор.

Претседателот на ЕСЧП го избираат 46 судии на судот, во принцип по еден судија по земја членка на Советот на Европа.

Сиофра О’Леари беше првата жена избрана на чело на ЕСЧП.

Норвешкиот судија Арнфин Бардсен денеска е избран за потпретседател на ЕСЧП. И тој ќе ја преземе функцијата на 2 јули.

Европскиот суд за човекови права е судска гранка на Советот на Европа. Тој е одговорен за постапување по жалби поврзани со прекршување на Европската конвенција за заштита на човековите права во 46 земји кои ја ратификувале. /МИА

Евролигата ја избра најдобрата петорка

 Евролигата денеска ја објави најдобрата петорка за сезоната 2023/24, избрана од навивачите, новинарите и капитените на тимовите кои учествуваат во елитното европско кошаркарско натпреварување.

Најдобрата петорка ја сочинуваат Факундо Кампацо (Реал Мадрид), Мајк Џејмс (Монако), Кендрик Нан (Панатинаикос), Најџел Хејс-Дејвис (Фенербахче) и Матијас Лесор (Панатинаикос).

Кампацо се врати во Реал Мадрид оваа сезона и имаше просек од 11,7 поени и 6,5 асистенции по натпревар, со просечен индекс на корисност од 16,9.

Џејмс оваа сезона стана најдобриот стрелец во историјата на Евролигата, но не успеа да избори пласман со својот тим на фајнл-форот. Сезоната ја заврши со просек од 17,9 поени, 5,1 асистенции и 4,1 скокови по натпревар.

Нан во својата дебитантска сезона во Евролигата постигна 526 поени на 33 натпревари, што е најмногу за дебитант во историјата на Евролигата.

Лесор втора година по ред е избран во првата петорка, а оваа сезона имаше просек од 13,7 поени и 6,2 скокови по натпревар.

Втората петорка ја сочинуваат: Лоренцо Браун (Макаби), Костас Слукас (Панатинаикос), Вејд Болдвин (Макаби), Марио Хезоња (Реал Мадрид) и Валтер Таварес (Реал Мадрид). /МИА

Телефонски разговор Ципрас-Заев, истакната важноста на почитувањето на Договорот од Преспа

Ципрас и Заев разговарале за политичкиот случувања кај нас.

Важноста што ја имаат доследното придржување до Договорот од Преспа и соработката на двете земји, како за европската перспектива на Македонија, така и за мирот и стабилноста на Западен Балкан во период на големи тензии во регионот, ја истакнале поранешните премиери Алексис Ципрас и Зоран Заев во нивниот денешен телефонски разговор, јави дописничката на МИА од Атина.

Ципрас и Заев разговарале за политичкиот случувања кај нас, а освен важноста на Договорот од Преспа, според информациите на МИА од Атина, посочиле и „колку е лицемерен и опасен националистичкиот популизам што се разви и на двете страни“.

Паралелно се договориле во следниот период да преземат заеднички иницијативи за поддршка и имплементација на Договорот од Преспа, за унапредување на односите меѓу народите на Грција и Македонија и за мирот и стабилноста во поширокиот регион. /МИА

притисни ентер