Награда и признание за Азески од Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип

Во знак на признание и благодарност за неговиот значаен придонес и соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески доби благодарница и награда од страна на Универзитетот.

Оваа почесна награда му беше врачена од ректорот проф. д-р Дејан Мираковски по повод 27 март-патронат на УГД за 2024 година. Наградата е знак за благодарност за неговиот важен придонес во областа на економијата и неговата активна соработка со образовната институција, како и напорите на Азески за поврзување на образованието и науката со бизнис секторот.

17 години од основањето Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го одбележа со свечена академија како централен настан. Традиционално, внимание на овој настан им беше посветен на студентите со најдобар успех, како и на институциите со кои УГД има одлична соработка и заеднички придонесуваат за развојот на нашето општество.

Во фокусот на годинашното одбележување на патрониот празник на УГД беше прашањето – Што треба да значи еден универзитет за општеството во кое делува?

УГД е универзитет кој во своето 17-годишно постоење се стреми кон воведување и развој на нови технологии, учество во научноистражувачките текови на светско ниво, креирање иновации, пренос на знаење на студентите и грижа за вработените.

Стопанска комора на Македонија

Иран најави дека ќе го ослободи екипажот на запленетиот брод „MSC Aries“

 Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахјан изјави дека екипажот на запленетиот брод „MSC Aries“, кој пловеше под португалско знаме и е поврзан со Израел, ќе биде ослободен, пренесоа иранските медиуми.

Според информациите, Амир Абдолахјан во телефонски разговор со шефот на португалската дипломатија Пол Рангел рекол дека Иран сака да го ослободи екипажот на запленетиот брод бидејќи го смета за хуманитарно прашање.

Абдолахјан изјави дека екипажот ќе им биде предаден на амбасадорите на нивните земји во Техеран, без да прецизира точен датум кога тоа ќе се случи.

Иранската револуционерна гарда го заплени товарниот брод „MSC Aries“ со 25 членови на екипажот во Ормутскиот теснец на 13 април, еден ден откако Техеран објави дека ќе возврати на нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април, за кој го обвини Израел. .

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека бродот бил запленет бидејќи наводно „ги прекршил поморските закони“ и дека нема сомнеж дека е поврзан со Израел.

MSC го изнајмува Aries од Gortal Shipping, подружница на Zodiac Maritime, која е делумно во сопственост на израелскиот бизнисмен Ејал Офер.

Мурал со цитат на Марко Цепенков осамна на прилепскиот Центар за култура

На предната страна од Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, осамна мурал во рамките на проектот „Јазикот коски нема, но коски крши“ на визуелната уметница Ивана Самандова на која ѝ помогнаа уметниците Методи Исков и Александар Џинго.

Фокусот на муралот е истакнување на величината на Марко Цепенков, како една од најистакнатите фигури во македонската историја и култура. Идејата зад муралот е создавањето „искра“ и љубопитност кон истражувањето и врската меѓу современиот свет и историското културно наследство, соопштуваат од Факултет за работи што не се учат – ФРУ кој е организатор на проектот а е со поддршка на министерството за култура.

Целта на проектот е избегнување на централизираност на културата и уметноста во само еден град, а соработката помеѓу Центарот за култура во Прилеп и локалните уметници е стремеж кон визуелно осовременување и освежување на објектот, создавајќи ликовна композиција која корелира со предизвикот и играта на архитектурата.

Дел од муралот е цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ на Марко Цепенков преку кој може да се интерпретираат неколку перспективи како истрајноста, флексибилноста и настојувањето во потрагата на правдината во општествените пошироки аспекти. Овој концепт на правдина укажува дека и во мигови кога таа умее да биде истанчена, никогаш не може да биде комплетно уништена.

Инаку, ова е втор мурал во организација на Факултет за работи што не се учат – ФРУ. Во март, заедно со уметниците Ивана Самандова, Ана Трајковска и Доротеј Нешовски иницираа акција за обновување на фасада на зграда во центарот на Скопје, изработувајќи мурал посветен на потребата од солидарност.

Промовирана новата генерација полициски службеници

 Во Центарот за обука во Идризово денеска се одржа свечена промоција на нови полициски службеници - генерација 2023-2024 година. Едногодишната обука ја завршија 508 нови полицајци од кои 416 мажи и 92 жени. 

Техничкиот премиер Талат Џафери честитајќи им на новите припадници на полицијата посочи дека да се биде на првата линија на безбедноста е благородно и во исто време многу одговорна должност.

-Знаењата и вештините што сте ги стекнале изминатава година преку интензивна обука, верувам дека како идни полициски службеници ќе ги применувате доследно во организациските единици каде што ќе бидете распоредени, рече Џафери.

Ги охрабри полицајците да бидат чесни и посветени во спроведувањето на должностите кон граѓаните и горди на својата работа и професионално да се справуваат со новите предизвици на работата и да бидете подготвени за очекуваните одговори. Посочи дека овој ресор работи исклучиво во служба на граѓаните, и никако поинаку, и за полицискиот службеник, секој граѓанин е подеднакво важен, независно од личните определби, уверувања, или какви било други различности.

-За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи, рече Џафери.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека полицајците ги очекува една нова етапа.

-Најпрво би ви порачал секојпат да имате на ум дека секој еден од вас е креатор на сопствената среќа. Вашиот успех зависи само од вас. Вашиот успех треба да заврши само од вашата стручниост, кооперативност, добра волја, истакна Тошковски.

Порача дека законот мора да се почитува, како и дека секоја добра промена почнува од поединецот, од неговиот светоглед, поведение и дејствување, а не обратно.

- Секако говорам за интергритетот кој што е суштинска спротивност од подмитливоста, или поткупливоста, од лицемерието, од непочитувањето на законите или од селективната правда. Вие како млади луѓе пред кои е иднината имате право, можност, одговорност и секако обврска секој во својот домен на способности и афинитети да даде свој придонес за подобра и попросперитетна заедничка иднина, рече министерот Тошковски.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев им честиташе успешното завршување на обуката за полициски службеници, потсетувајќи на се што претходно е направено во полицијата, меѓу другото, и на реконструкцијата на Центарот за обука во Идризово.

На свеченоста беа соопштение и имињата на најдобрите полициски службеници.

притисни ентер