Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за 2024 година

Народната банка, на денот на монетарната самостојност, 26 април, традиционално ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството. 

Овогодишниот добитник на првата награда е младиот истражувач Никита Ристовски за неговиот труд „Економски раст поттикнат од интеграцијата: Случајот на интеграцијата на Македонија во Европската Унија“. Годинава, беше доделена и втора награда за трудот „Монетарната политика и каналите на цените на средствата во контекст на регионализацијата на берзите во земјите на поранешна Југославија“ на Стефан Таневски.

При доделувањето на наградите, младите истражувачи остварија средба со гувернерката на Народната банка, како и со Одборот за оценување трудови, којшто го сочинуваат вицегувернерката Ана Митреска, претседател и членовите Билјана Давидовска-Стојанова, директорка и Гани Рамадани, заменик-директор во Дирекцијата за монетарна политика и истражување. На средбата со младите истражувачи беше искажана поддршка за нивниот придонес кон научноистражувачката работа. Беше истакнато дека основната цел на Народната банка за организирање на Конкурсот за Годишната награда, веќе осумнаесет години, е да се афирмираат младите истражувачи и да се даде придонес кон развојот на истражувачката дејност во земјава во областа на макроекономијата и банкарството.

Во согласност со досегашната практика, наградените трудови ќе бидат презентирани на некоја од следните сесиите на Клубот на истражувачите на Народната банка, којшто служи како центар за развој на истражувачката мисла и мрежа за поврзување на истражувачите од ова поле на интерес.

Пригодното одбележување на монетарната самостојност преку чинот на доделување на Годишната награда ги отсликува залагањата на Народната банка за постојано јакнење на научноистражувачката мисла во прилог на макроекономската стабилност, раст и развој. Инаку, Народната банка одбележа 32 години од монетарното осамостојување, односно од осамостојувањето како централна банка и од воведувањето на националната валута – денарот. За овие 32 години, напорите на централната банка беа насочени кон обезбедување макроекономска и финансиска стабилност, како фундаменти за економскиот раст и развој, работејќи особено на јакнењето на сопствените капацитети, односно на напредокот на човечките ресурси. Залагањата и резултатите на Народната банка во изминатите години се признаени од сите релевантни меѓународни организации, а таа е согледана како современа професионална институција, со висок кредибилитет.

Народна банка на Република Македонија

Евроинституциите по повод Денот на Европа: ЕУ е проект што не обединува

ЕУ е проект што не обединува, заедно сме посилни.

Европска Унија пред се е идеја и сон за Европа обединета во мир, која работи за поголем просперитет и го подобрува животот на луѓето, порача претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел по повод Денот на Европа – 9 мај.

- Денеска, на Денот на Европа, време е да ја потврдиме нашата цврста решеност за продолжиме, дел по дел, да го градиме овој европски проект што не обединува сите нас. Наведе Мишел во кусата видео порака објавена на социјалните мрежи.

Претседателката на Европската комисија во пораката по повод Денот на Европа нагласи дека на денешниот ден и изразуваме почит на визијата на Роберт Шуман за обединета, мирна и просперитетна Европа.

- Ги славиме луѓето кои ја изградија нашата Унија и оние кои продолжуваат да ја градат секојдневно. Овој ден им припаѓа на сите Европејци - сонувачи и градители. Заедно, ние сме посилни, наведе Фон дер Лајен на платформата Икс.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел нагласи дека ба денешниот Ден на Европа ја одбележуваме визијата на Шуман, што ги постави темелите на нашата Унија.

- Со оглед на тоа што војни беснеат околу нас, од Украина до Газа, пораката дека поранешните непријатели можат да постигнат мир и да изградат подобра иднина е порелевантна од кога било. Како ЕУ продолжуваме да работиме за мир. Насекаде, порача Борел во објава на Икс.

Европската комисија, исто така, преку Икс, повика на славење на „континуираното единство и солидарност во Европа промовирани со Шумановата декларација во 1950 година“.

- Само преку единство и солидарност можеме да го одржиме европскиот проект. На денешен ден во 1950 година, Роберт Шуман ја даде својата позната Декларација – пресвртница во нашата историја која ги постави темелите за ЕУ каква што ја знаеме денес, се додава во пораката на ЕК по повод Денот на Европа – 9 мај.

Бојмацалиев: Вечна слава на загинатите припадници на македонската полиција во Диво Насеље

Вечна слава на загинатите припадници на македонската полиција во Диво Насеље.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, државната секретарка Магдалена Несторовска, претставниците од единиците при Оддел за специјални полициски операции, како и раководството на СВР Куманово, денеска положија цвеќе пред спомен обележјето пред СВР Куманово, по повод девет години од вооружениот судир помеѓу македонската полиција и терористичка групација во кумановско „Диво Насеље“, соопшти МВР.

-Утрото на 9 мај 2015 година ние кумановци се разбудивме со звуци од бомби, пукотници и растревожени лелеци од сограѓаните … „Диво Насеље“ гореше, и за брзо се прошири веста за загинатите колеги, припадници на македонската полиција, во вооружен судир со терористичка групација. Најскапоценото, својот живот во одбрана на Македонија, го дадоа припадниците на специјалните единици на македонската полиција. Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ, Горан Стојменовиќ. Нека им е вечна слава! Никогаш да не се заборави!, напиша Бојмацалиев на социјалните мрежи.

ЦУК апелира попладне на внимателност поради локална нестабилност, пороен дожд, ...

ЦУК апелира попладне на внимателност поради локална нестабилност, пороен дожд, силни електрични празнења и засилен ветер.

Метеоролозите најавија дека денеска, особено попладне, ќе има појава на метеоролошка нестабилност, со локален пороен дожд, грмежи, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира до граѓаните за голема внимателност при појавата на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.

Сите итни случаи, како што велат од ЦУК, да се пријават на единствениот повикувачки број за итни случаи 112, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.

притисни ентер