Николоски: Во првите 100 дена од владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе го смениме Законот за тутун

Зборувавме со земјоделците и она што е најголема грижа, секако е главниот извор на егзистенција на жителите на општина Конче, а тоа е производството на тутун. 

Зборувавме за маките на тутунарите, за тоа како е потценет нивниот труд, како цените за откуп не се тие кои што би требало да бидат, како се касни со исплатата, како се касни со субвенциите и како се помалце се произведува, рече од митингот во општина Конче, потпретседателот и носител на листата за пратеници во четвртата изборна единица, Александар Николоски.

Истакна дека тоа е жалната слика за македонското земјоделие каде што се помалку се произведува, за што се свесни и самите земјоделци и дека производството за тутун скоро за половина е намалено, што е трагично за државата имајќи предвид дека се работи за една стратешка гранка, гранка која што носи егзистенција на десетици илјади жители на Македонија.

„Во таа насока, една од првите работи кои што ќе ја направиме е усвојување на измените на Законот за тутун, со кој што ќе се забрани увоз на тутун во Македонија со цел да се откупи целокупниот домашен тутун, по пристојни цени и да се произведува повеќе од она што се произведува до сега. Ние како пратеници, два пати тој закон го поднесувавме во Собранието, но за жал немавме мнозинство за да го изгласаме, пратениците на СДСМ и на ДУИ овој закон не го гласаа од чисто бизнис интереси, затоа што главен увозник на тутун во моментов во Македонија е братот на министерот за земјоделие, Љупчо Николоски“, рече Николоски.

Така што, посочи дека од чисто лични бизнис интереси, досегашното парламентарно мнозинство предводено од СДСМ и ДУИ не го поддржаа тој закон, но затоа пак ВМРО-ДПМНЕ измените на Законот за тутун ќе ги донесе во првите 100 дена од формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

„Но, ние апсолутно, планираме тој закон да го изгласаме уште во првите 100 дена после формирањето на Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ со цел вашиот труд биде почитуван, да можете да заработувате добра и да можете чесно да живеете тука“, истакна Николоски, се наведува во партиското сопштение.

Земјоделци од селата Иловица и Штука го блокираа патот заради ниските откупни цени

Земјоделци од селата Иловица и Штука во Општина Босилово денеска го блокираа патот до нивните села заради ниските откупи цени на младиот компир.

Со трактори и земјоделска механизација тие ја блокираа крстосница што води кон двете села револтирани од откупната цена на младиот компир која денеска изнесувала 15 денари за килограм.

Според земјоделците, младиот компир треба да се откупува за најмалку 25 денари за килограм, бидејќи сегашната не ги покрива ниту основните трошоци за производство.

Земјоделците од Иловица и Штука од вчера имаат договор да не земат амбалажа и да не го предаваат родот.

Дачиќ: Во акцијата Армагедон уапсени седум педофили, пронајден детски порнографски материјал

Во големата акција „Армагедон“ денеска биле уапсени седум лица кои се осомничени за искористување на деца за порнографија од шест до десет години, но и на возраст под две години.

Потпретседателот на Владата на Србија и министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, изјави дека во големата акција „Армагедон“ денеска биле уапсени седум лица кои се осомничени за искористување на деца за порнографија од шест до десет години, но и на возраст под две години, јави дописникот на МИА од Белград.

-Во големата акција ’Армагедон‘ беа уапсени седум лица кои се осомничени за искористување на деца за порнографија. При претресот на становите, преку увид во компјутерите беа пронајдени фотографии и видео записи кои се резултат на сексуална експлоатација на децата, во најголем број случаи на возраст од шест до десет години, но и на возраст под две години, изјави Дачиќ.

Исто така, беа пронајдени пораки преку кои осомничените сексуално злоупотребувале деца и малолетни лица, односно барале од нив да испратат слики и видеа на кои се голи, изјави министерот Дачиќ.

Вишото јавно обвинителство во Белград, Специјалното одделение за борба против високотехнолошкиот криминал во соработка со полициски службеници на Дирекцијата за техника, Службата за борба против високотехнолошки криминал и полициски службеници од полициските одделенија Смедерево, Пирот, Шабац, Лесковац, Тутин, Врање и Бор успешно ја спроведоа акцијата „Армагедон“ при што беа уапсени седум лица од територијата на Република Србија.

Уапсени се М.Ц. (1958) од Шабац, Н.Б. (2000) од Пирот, П.С. (1999) од Лесковац, М.А. (1980) од Тутин, П.Д. (2000) од Смедерево, Л.Л. (1995) од Врање, и М.М. (1993) од Неготин.

На осомничените им е одредена мерка притвор до 48 часа и во законскиот рок со кривична пријава ќе бидат изведени пред Специјалното одделение за борба против високотехнолошкиот криминал на Вишото јавно обвинителство во Белград. /МИА

Намален бројот на превезени патници во патниот сообраќај во првиот квартал

Вкупниот број превезени патници во патничкиот патен превоз во првото тримесечје од 2024 година изнесува 10.766.000 и во однос на истиот период од претходната година е намален за 17.2 %, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Според видот на превозот, бројот на превезените патници во градскиот превоз е намален за 22.2 %, во приградскиот превоз е намален за 13.1 %, во меѓуградскиот превоз е зголемен за 6.6 %, а во меѓународниот превоз е намален за 32.6 %.

Во првото тримесечје од 2024 година, во однос на истиот период од 2023, вкупниот број патнички километри во патниот патнички превоз е намален за 12.0 %. Според видот на превозот, бројот на патничките километри во градскиот превоз е намален за 1.6 %, во приградскиот превоз е намален за 8.6 %, во меѓуградскиот превоз е зголемен за 14.2 %, а во меѓународниот превоз намалувањето изнесува 27.7 %.

притисни ентер