Обезбеден буџет за изградба на Турскиот театар-Скопје, завршени покривот и фасадата на објектот

Надворешноста на новиот објект на НУ Турски театар-Скопје – неговата фасада и покрив се завршени, и проектот за изградба продолжува во трета фаза во која ќе бидат поставени внатрешни инсталации за што е во тек јавна набавка за избор на изведувач.

Објектот во изградба денеска го посети министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска која по увидот искажа задоволство затоа што, рече, процесот на градежните активности се одвива професионално, стручно и квалитетно и е „забележителен напредокот во изградбата на објектот особено фасадата и покривот“.

За сѐ што досега е реализирано биле издвоени 4,4 милиони евра или 274 милиони денари, а со новите инвестиции на Министерството за култура процесот ќе се финализира и, нагласи министерката, „наскоро очекуваме публиката да има нов театар“.

Гаранција дека театарскиот ансамбл наскоро ќе има свој дом, рече Костадиновска-Стојчевска, е обезбедена со одлуката на Владата за тригодишно континуирано финансирање на проектот за Турскиот театар.

-Министерството за култура во три буџетски години – 2024, 2025, 2026, продолжува непречено да го финансира проектот за што се проектирани средства во износ од 6,1 милиони евра односно 380 милиони денари. Од буџетот на Министерството за култура за оваа година се обезбедени 1,7 милиони евра или 104 милиони денари. Со овие средства ќе се комплетираат градежните зафати, поставувањето инсталации, уредувањето на ентериерот и ќе се обезбеди стручен надзор за театарот да го добие својот облик и форма за да можат вработените низ уметничкото творештво да придонесат во уште поголема афирмација на македонската културата, изјави Костадиновска-Стојчевска.

Нагласи дека оваа институција повеќе од седум децении придонесува за популаризација и афирмацијата на турската, но и севкупната култура.

-Затоа е потребен нов, современо опремен театар, достоен за реномето кое го имате и за целите што ги поставувате, рече министерката. Додаде дека активно се работи на реконструкција на голем број културни центри во земјава, а Владата е одлучна, рече, да ги заврши сите започнати објекти од културата со максимален квалитет и транспарентна постапка.

Директорката на Турски театар-Скопје, Ајлин Емин Скоро, соопшти дека втората фаза од изградбата е завршена и ќе се отпочне со третата фаза – внатрешните инсталации.

-Веќе е во тек јавната набавка која чекаме да заврши во законски рок, да се одреди изведувачот и веднаш да се почне со внатрешните инсталации – механиката, електриката, водовод и канализација. Објектот е замислен како културен центар кој ќе ги унапредува и афирмира јазикот и култура на турскиот народ тука, и во него ќе функционира и новоформираната национална установа Турски културен центар со галерии, изјави директорката на оваа национална установа.

НУ Турски театар-Скопје постои 74 години и до пред десетина години работеше во ист објект со Албанскиот театар-Скопје во тогашниот Театар на народностите. На таа локација во новоизграден објект сега работи Албанскиот театар-Скопје, а за Турскиот театар во 2015 почна изградбата на нова театарска зграда во близина на Железниччката станица. Додека трае изградбата на Турскиот театар, во изминатите десет години ансамблот ја дели сцената и работи под ист покрив со Театар Комедија.

Евроинституциите по повод Денот на Европа: ЕУ е проект што не обединува

ЕУ е проект што не обединува, заедно сме посилни.

Европска Унија пред се е идеја и сон за Европа обединета во мир, која работи за поголем просперитет и го подобрува животот на луѓето, порача претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел по повод Денот на Европа – 9 мај.

- Денеска, на Денот на Европа, време е да ја потврдиме нашата цврста решеност за продолжиме, дел по дел, да го градиме овој европски проект што не обединува сите нас. Наведе Мишел во кусата видео порака објавена на социјалните мрежи.

Претседателката на Европската комисија во пораката по повод Денот на Европа нагласи дека на денешниот ден и изразуваме почит на визијата на Роберт Шуман за обединета, мирна и просперитетна Европа.

- Ги славиме луѓето кои ја изградија нашата Унија и оние кои продолжуваат да ја градат секојдневно. Овој ден им припаѓа на сите Европејци - сонувачи и градители. Заедно, ние сме посилни, наведе Фон дер Лајен на платформата Икс.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел нагласи дека ба денешниот Ден на Европа ја одбележуваме визијата на Шуман, што ги постави темелите на нашата Унија.

- Со оглед на тоа што војни беснеат околу нас, од Украина до Газа, пораката дека поранешните непријатели можат да постигнат мир и да изградат подобра иднина е порелевантна од кога било. Како ЕУ продолжуваме да работиме за мир. Насекаде, порача Борел во објава на Икс.

Европската комисија, исто така, преку Икс, повика на славење на „континуираното единство и солидарност во Европа промовирани со Шумановата декларација во 1950 година“.

- Само преку единство и солидарност можеме да го одржиме европскиот проект. На денешен ден во 1950 година, Роберт Шуман ја даде својата позната Декларација – пресвртница во нашата историја која ги постави темелите за ЕУ каква што ја знаеме денес, се додава во пораката на ЕК по повод Денот на Европа – 9 мај.

Бојмацалиев: Вечна слава на загинатите припадници на македонската полиција во Диво Насеље

Вечна слава на загинатите припадници на македонската полиција во Диво Насеље.

Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, државната секретарка Магдалена Несторовска, претставниците од единиците при Оддел за специјални полициски операции, како и раководството на СВР Куманово, денеска положија цвеќе пред спомен обележјето пред СВР Куманово, по повод девет години од вооружениот судир помеѓу македонската полиција и терористичка групација во кумановско „Диво Насеље“, соопшти МВР.

-Утрото на 9 мај 2015 година ние кумановци се разбудивме со звуци од бомби, пукотници и растревожени лелеци од сограѓаните … „Диво Насеље“ гореше, и за брзо се прошири веста за загинатите колеги, припадници на македонската полиција, во вооружен судир со терористичка групација. Најскапоценото, својот живот во одбрана на Македонија, го дадоа припадниците на специјалните единици на македонската полиција. Жарко Кузмановски, Ненад Серафимовски, Сашо Самојловски, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Исамедин Османи, Љубиша Аранѓеловиќ, Горан Стојменовиќ. Нека им е вечна слава! Никогаш да не се заборави!, напиша Бојмацалиев на социјалните мрежи.

ЦУК апелира попладне на внимателност поради локална нестабилност, пороен дожд, ...

ЦУК апелира попладне на внимателност поради локална нестабилност, пороен дожд, силни електрични празнења и засилен ветер.

Метеоролозите најавија дека денеска, особено попладне, ќе има појава на метеоролошка нестабилност, со локален пороен дожд, грмежи, силни електрични празнења, засилен ветер и појава на град.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) апелира до граѓаните за голема внимателност при појавата на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.

Сите итни случаи, како што велат од ЦУК, да се пријават на единствениот повикувачки број за итни случаи 112, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.

притисни ентер