Од следниот месец деветвалентна ХПВ вакцина, ќе биде достапна и за момчиња

Осовременет е Календарот за редовна имунизација со деветвалентна ХПВ вакцина-Гардасил 9 која ќе биде достапна за еден месец на вакциналните пунктови. 

Покрај тоа што преминуваме од четиривалентна на деветвалентна ХПВ вакцина, новина од оваа година е што ќе биде достапна и за момчињата, соопшти денеска на прес-конференција, министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири.

Демири истакна дека со оваа вакцина ќе се понуди поквалитетна превенција од хуман папилома вирус (ХПВ) инфекции, за преканцерозни лезии, како за карцином на грлото на матката.

-Се работи за успех постигнат заедно со нашите меѓународни партнери, усогласување на законската регулатива и следење на патот кон Европската Унија. Граѓаните на Европа и САД го имаат ова право веќе подолго години, сега се овозможува и кај нас. Нова вакцина, која во светот веќе се користи подолго време. Со оваа вакцина ќе понудиме поквалитетна превенција за ХПВ инфекции, како и за преканцерозни лезии, како и за карцином на вратот на матката. Ова, според истражувањата во светот каде се аплицира вакцината со години и е намален бројот на случаи, појасни министерот Демири.

Истакна дека е важно што оваа вакцина ќе биде достапна и за младите момчиња.

- Во рок од еден месец, во секој вакцинален пункт, ќе биде достапна за младите генерации за да бидат вакцинирани и побезбедни, најави Демири.

Министерот го нагласи ангажманот на Министерството, кое, како што истакна, се грижи за здравјето, пред се за превенцијата.

- За заболувања за кои има вакцини, треба секое дете да биде вакцинирано. Така ќе градиме посигурен здравствен систем. Подобро е да се спречи, отколку да се лечи, подвлече Демири.

ДКСК: Вишиот управен суд ја одби жалбата на АСЈО, приемот на нови слушатели во мирување

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) соопшти дека Вишиот управен суд ја потврдил одлуката во врска со приговорот од организатор на изборна кампања за вработувањата во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. 

- Вишиот Управен суд донесе пресуда со која се одби жалбата на Академијата за судии и јавни обвинители, со што ја потврди пресудата на Управниот суд, и постапката за прием на 130 нови слушатели во почетна обука ја стави во мирување, се до завршување на изборите. Жалбата е одбиена како неоснована, се наведува во соопштението од ДКСК.

Од Државната комисија за спречување на корупцијата посочуваат дека за овој предмет и за сите наредни предмети, постапила и ќе постапува врз основа на пропишаните закони и прописи, во насока на зајакнување на владеење на правото, како врвен приоритет кон кој цели државата.

-Оваа одлука на Вишиот Управен суд не охрабрува и ни дава поттик уште попосветено да ја вршиме работата за која ја добивме довербата, истакнуваат од ДКСК. Пресудата е достапна на следниот линк

Управниот суд на 22 април ја отфрли како неоснована тужбата на Академијата за судии и јавни обвинители против Државната комисија за спречување на корупцијата, откако претходно ДКСК расправаше по втор пат и одлучи да се стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели на Академијата до завршување на изборите.

Принцот Вилијам проговори за здравствената состојба на Кејт Мидлтон

Принцот Вилијам денеска за време на јавен настан во Њукасл проговори за здравствената состојба на неговата сопруга Кејт Мидлтон, која пред повеќе од еден месец откри дека боледува од рак.

При посетата на принцот на овој град се собраа голем број граѓани кои сакаа да го видат и поздрават идниот крал на Велика Британија.

Меѓу неговите поддржувачи била и Џули Кеј (60), која го прашала принцот како е неговата сопруга и децата.

„Сите се добро, благодарам. Добро ни е“, рекол Вилијам.

Принцот Вилијам полека се враќа на кралските обврски откако направи пауза поради лекувањето на неговата сопруга Кејт Мидлтон.

Двајцата вчера прославија 13 години брак, а на социјалните мрежи објавија приватна фотографија од нивната венчавка.

Кејт во видео минатиот месец откри дека боледува од рак. Во споменатото видео, таа ги замоли луѓето да ѝ дадат време и приватност за време на лекувањето.

Таа исто така им се заблагодари на сите за поддршката за време на нејзиното лекување и за сите пораки што ги добиваше од обожавателите на кралското семејство.

Поранешен шеф на дипломатија доби 32 месеци затвор поради продажба на стан во Монте Карло

Италијанскиот суд го осуди поранешниот министер за надворешни работи на Италија, Џанфранко Фини на две години и осум месеци затвор за неговата улога во продажбата на стан во Монте Карло што неговата партија го продавала.

Елизабета Тулијани, партнерката на Фини, е осудена на пет години затвор, додека нејзиниот брат Џанкарло Тулијани доби шест, а нивниот татко Серџо Тулијани пет години затвор, објави Ројтерс.

Обвинителството го обвини Фини, поранешниот лидер на десничарската Национална алијанса (АН) и другите обвинети за перење пари.

Во коментарите по пресудата, Фини рече дека е ослободен од главното обвинение, но сепак е осуден за авторизирање на договорот, што тој негира дека го сторил.

„После толку разговори, толку расправии и обвинувања, толку политички осуди, за што се сметам себеси за одговорен пред новинарите?

Тој додаде дека причината е што ја одобрил продажбата.

„Навистина не разбирам што е кривичното дело“, нагласи Фини.

Фини, кој беше клучен играч во италијанската политика во 1990-тите и 2000-тите, и сите обвинети ќе се жалат на пресудата и нема да одлежат затворска казна додека жалбите не се исцрпат.

Тој го предводеше крајно десничарското италијанско социјално движење (МСИ) во владата во 1994 година како дел од коалицијата предводена од поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.

Подоцна ја претвори МСИ во помејнстрим АН и служеше како министер за надворешни работи и шеф на Долниот дом на парламентот.

Актуелната премиерка на Италија, Џорџа Мелони, се искачи низ рангот на MSI и AN под водство на Фини.

Нејзината партија, Браќата од Италија, влече корени од двете партии. Фини има 72 години и повеќе не се занимава со политика.

притисни ентер