Одржана редовна седница на Советот на Народната банка

Советот на Народната банка, на редовната седница одржана на 25 април 2024 година, го усвои Годишниот извештај на Народната банка за 2023 година, во кој се наведува дека мерките и политиките на Народната банка спроведени минатата година.

Советот на Народната банка, на редовната седница одржана на 25 април 2024 година, го усвои Годишниот извештај на Народната банка за 2023 година, во кој се наведува дека мерките и политиките на Народната банка спроведени минатата година, овозможија успешно одржување на стабилноста на девизниот курс и справување со инфлацијата, којашто од највисокото ниво од 19,8% во октомври 2022 година, се сведе на 3,6% на крајот на 2023 година, без притоа позначително да се загрози реалната економија и финансиската стабилност. Всушност финансиската стабилност и дополнително зајакна и покрај последователните кризи во изминатиов период.

Во 2023 година Народната банка продолжи со постепено зголемување на основната каматна стапка до нивото од 6,3%, а истовремено направи и промени во макропрудентната политика, како и кај инструментот на задолжителна резерва, кои дополнително го поттикнаа штедењето во домашната валута, односно доведоа до поголема „денаризација“. Начинот на водењето на монетарната политика од страна на Народната банка, одржувањето на финансиската стабилност, како и довербата на граѓаните и на институциите во нашата централна банка беа позитивно оценети од страна на повеќе релевантни меѓународни и европски институции како што се Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската комисија, Европската централна банка (ЕЦБ), како и Светската банка.

Дел од активностите на Народната банка во 2023 година беа насочени во области кои носат погодности за граѓаните како корисници на банкарските услуги. Со стапувањето на сила на Законот за платежни услуги и платни системи, се поттикнува влез на нови даватели на платежни услуги, што ќе придонесе за поширока понуда на поевтини платежни услуги за граѓаните и компаниите, а се уредуваат и повеќе решенија за подобра заштита на потрошувачите, преку поставување насоки и ограничувања за надоместоците за платежните услуги, основната сметка со платежни функции, како и поголема транспарентност. Народната банка воспостави и нова алатка која овозможува споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги, а исто така за прв пат донесе и Циркулар којшто ги опфаќа добрите практики за заштита на правата и интересите на потрошувачите при користењето финансиски услуги од банкарскиот сектор. Исто така, Народната банка започна со таргетирани контроли на давателите на платежни услуги во насока на заштита на корисниците на финансиските услуги.

Минатата година се засилуваше и колективната свест кон спроведување одржливи економски политики насочени кон екологијата. За таа цел, Народната банка го усвои првиот Среднорочен план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година, со што се постави сеопфатна рамка за управувањето со ризиците од климатските промени, којашто предвидува повеќе активности во областа на регулативата и супервизијата за климатските ризици, вклучително и стрес-тестирања на домашните банки поврзани со климатските промени. Како дел од активностите од Планот, Народната банка донесе и Насоки за управување со ризиците поврзани со климатските промени, коишто деловните банки ќе ги земат предвид при формулирањето и спроведувањето на својата деловна стратегија и во процесот на управување со ризиците.

Во 2023 година беше донесена и Финтек-стратегијата за финансиските регулатори, во која се содржат препораки за координиран пристап на регулаторите, со цел да се трасира патот за ползување на придобивките од развојот на иновациите на финансиите, коишто се повеќекратни.

Народната банка активно работеше на остварувањето на Програмата за работа за 2023 година којашто придонесува за исполнување на стратегиските цели и јакнење на институционалните капацитети предвидени со Стратегискиот план за периодот 2022 ‒ 2024 година, а воедно и за исполнување на предвидената визија да биде препознаена како независна, одговорна, професионална, иновативна и транспарентна институција којашто ужива висока доверба и кредибилитет во јавноста.

Во однос на статистиката, Народната банка продолжи со објавување на нови сетови на податоци со кои ги продолжи напорите за следење на меѓународните и европски статистички барања и го исполни последниот показател во рамките на највисокиот статистички стандард за дисеминација на податоци СДДС плус. Ова, во основа значи зголемување на транспарентноста на Народната банка што е видливо и преку збогатувањето на веб-страницата со повеќе податоци, алатки за пристап до информации и преку дополнувањето со други начини на комуникација со јавноста.

На истата седница беше усвоен и Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор во 2023 година. Во него се наведува дека и покрај повеќето шокови кредитното портфолио на банките е со солиден квалитет, а учеството на нефункционалните во вкупните кредити од 2,8% е на ниво на историскиот минимум. Адекватноста на капиталот на банките во 2023 година достигна нивоа коишто се највисоки во изминатите 17 години и на крајот од годината изнесува 18,1%, што е суштински за задржувањето на стабилноста при соочувањето со евентуалните ризици. Народната банка во неколку наврати во текот на 2023 година го зголеми нивото на противцикличниот капитален заштитен слој што треба да го одржуваат банките, со што се очекува натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем. Во насока на понатамошно јакнење на отпоноста на банкарскиот сектор и јакнење на макропрудентната политика, минатата година беа подготвени и донесени новиот Законот за финансиска стабилност и Законот за решавање банки.

Носител на депозитниот раст во 2023 година чиј годишен раст достигна 9,2% беа депозитите од домаќинствата, иако и депозитите од претпријатијата го забрзаа растот. Преку инструментот за задолжителна резерва Народната банка придонесе за раст на склоноста на депонентите за чување на своите средства во денарските депозити, чиј годишен раст е неколкукратно повисок во споредба со зголемувањето на девизните депозити, при што кај домаќинствата растот на депозитите во денари изнесува 11,8% наспроти 4,4% во странска валута, додека кај корпоративниот сектор 15,8% наспроти 8,2%. Дополнително, позитивни придвижувања има и во однос на рочноста на депозитите, при што долгорочните депозити, по подолг период на намалување, во 2023 година забележаа раст со стапка од 25,7%, највисока во последните десетина години.

Показателите за изложеноста на ризици на банкарскиот сектор се стабилни и дополнително се подобрени, а стрес-тестовите упатуваат на добар капацитет за апсорбирање на можните шокови. Сепак, окружувањето и натаму е неизвесно во услови на геополитички превирања и потребно е натамошно внимателно следење на ризиците и претпазливост во водењето на политиките.

Народна банка

Димитриевски: Приоритет на Македонија е да се избере Претседател

Граѓаните да излезат и да гласаат по сопствено убедување.

Движењето ЗНАМ - За наша Македонија денеска одржа прес конференција на која, претседателот на Движењето, Максим Димитриевски, ги реафирмираше државните приоритети на партијата, преточени во програмата за парламентарните избори „Проглас за достоинствена Македонија“.

Тој рече дека воделе скромна и позитивна кампања преку која ги промовирале конкретните мерки од програмата.

„Наша оценка е дека ги исполнивме целите на кампањата и дека мерките од нашата изборна програма „Проглас за достоинствена Македонија“ ги пренесовме до сите граѓани на Македонија кои ги препознаваат нашите конзистентни политики. Денеска сакам уште еднаш да ги реафирмирам државните приоритети на Движењето ЗНАМ За наша Македонија:

I). Движењето ЗНАМ За наша Македонија смета дека врвен државен приоритет е на овие избори да се избере Претседател на Македонија. Ги повикуваме сите граѓани масовно, во што поголем број да излезат на гласање и својот глас да го дадат за кандидатот по свое убедување.

II). Приоритети на Движењето ЗНАМ За наша Македонија за отпочнување на разговори за формирање и функционирање на идната Влада во мандатот2024-2028 година се :

1. Дефинирање на македонските национални црвени линии на патот кон евроинтегративните процеси. Заштита на јазикот, историјата, идентитетот, културното наследство во сите фази на преговорите. Парламентот да усвои Декларација за националните македонски црвени линии.

2. Одложена примена на уставните амандмани по приемот на Македонија како полноправна членка на ЕУ, доколку се потребни измени во Уставот на Македонија.

3. Движењето ЗНАМ за наша Македонија нема да партиципира во Влада во која ДУИ би била коалиционен партнер.

4. Правда за сите, нулта корупција и борба против организираниот криминал. Незастарување на делата за криминал и корупција. Враќање на укинатите одредби од Кривичниот законик и зголемување на казните за злоупотреба на службена положба и овластувања со казна затвор од минимум 10 години.

5. Македонија да биде една изборна единица.

6. Македонија треба да ја градиме како држава со мултиетничко општество со еднакви права и обврски на сите граѓани кон државата.

Да се отфрли наметнатиот наратив од албанскиот политички фактор дека Македонија треба да биде биетничка држава во која живеат две мнозинства и повеќе малцинства.

7. Македонија да ја направиме самоодржлива држава.

Мораме самите да си обезбедиме енергија, сами да ја произведуваме храната за нашите потреби“.

Димитриевски рече дека после првиот круг на Претседателските избори Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, преку огромната поддршка од граѓаните и дадениот глас за него се етаблира како нова политичка сила во Македонија. Тој ја побара поддршката уште посилно за Движењето ЗНАМ За наша Македонија на претстојните Парламентарните избори во среда на 08 мај.

„Ве повикувам сите граѓани на Македонија, без разлика на националната, верската, политичката или било која друга припадност, масовно да излезете на изборите на 08 мај и да гласате за кандидатските листи на Движењето ЗНАМ За наша Македонија, да го заокружите бројот седум (7).

Ве повикуваме да ни се придружите и да дадете поддршка на вистинската, нова политичка сила во Македонија, новата опција, Движењето ЗНАМ да биде уште поголем фактор за стабилност на владата на Македонија и да го зачуваме националното достоинство. Гласот за Движењето ЗНАМ За наша Македонија на овие Парламентарни избори ќе биде глас за стабилност и просперитет на Македонија“, рече Димитриевски.

Запрашан колку пратеници очекуваат, врз основа на претходно добиените гласови и анализите во партијата, Димитриевски одговори:

„Очекуваме бројката што ја постигнавме на претседателските избори да се потврди и истата да се зголеми. Колкав ќе биде бројот на пратеници не можеме да претпоставиме, бидејќи треба да се пресмета и одѕивот.

Очекуваме поголем одѕив од страна на граѓаните на претстојните парламентарни избори, но како и да е, поддршката на Двиежењето ЗНАМ – За наша Македонија на претстојните праламентрани избори е поддршка од граѓаните за граѓаните и ние ќе се ставиме во функција и во коалиција со граѓаните на Македонија“.

На прашањето дали ќе коалицираат со ВМРО – ДПМНЕ и со коалицијата Вреди,

Димитриевски рече:

„До овој момент, најодговорно тврдам дека ниту еден претставник на Движење ЗНАМ – За наша Македонија нема водено никакви разговори по основ на било какви можни коалиции со било кој политички субјект.

За жал ние подадовме рака кон раководството на СДСМ со одредени барања, но не успеаја да се надминат себе си и штитејќи ги своите лични интереси, всушност во залог ја ставија социјалдемократијата, а се повикаа на наводно своја социјалдемократија, со што не одбија и нас и граѓаните. Дополнително, немаме разговарано ниту со ВМРО-ДПМНЕ ниту со друг политички субјект во државата. Ќе ги почекаме изборните резултати. Во рамките на органите и телата на партијата ќе ги донесеме сите наши понатамошни одлуки. Ние не трчаме по власта, ние трчаме по граѓанската поддршка. Движење ЗНАМ се роди од граѓаните, ќе работи со граѓаните и за граѓаните. И нашиот концепт е јасен - Македонија мора да биде стабилна, просперитетна држава, во којашто младите луѓе ќе ја најдат својата иднина“.

Запрашан дали би влегле во влада во која ќе бидат договорени уставни измени Димитриевски одговори дека нивниот став по тоа прашање е јасен и јасно кажан. „Што се однесува до соработка во владата и во кој состав на влада би соработувале, рече тој, -Ние посакуваме, доколку бидеме дел од идната влада, да имаме и албански партнер којшто ќе ги прифати овие услови. Во спротивно Македонија е унитарна, независна и самостоја држава којашто ги носи одлуките врз основа на законот и уставот. Имам веќе кажано дека се она што значи мнозинство од 61 пратеник плус е формирање на влада“.

На констатацијата дека лично дал поддршка за Гордана Силјановска, а сега повикува на гласање по сопствено убедување, Димитриевски одговори:

„Јас никогаш немам до сега изјавено нешто поразлично од ова што го кажав денеска. Тоа што одредени медиуми го лиферуваа, или поединци го разбираат како одреден став и кажување, тоа е нивни став и нема да го коментирам. Мојот став е јасен. На 20 јули 2022 година имав јавно извинување кон граѓаните за мојата поддршка на Стево Пендаровски во минатиот мандат и дека таа грешка нема да ја повторам. Но тоа е мој личен издвоен став. Што се однесува до гласањето на граѓаните, симпатизерите и членовите на ЗНАМ, ние сме демократска партија и согласно таквата демократија што владее во партијата, ги повикувам граѓаните по сопствено убедување да се произнесат за оној кандидат за кој сметаат дека ја заслужува нивната доверба.

Приоритет на Македонија е да се избере претседател на државата.

Затоа повикувам на што помасовен одѕив, како и поддршка на Движењето ЗНАМ за наша Македонија на парламентарните избори за Македонија да тргне по нов пат“.

КФОР, ЕУЛЕКС и косовската полиција утре на заедничка вежба

КФОР, ЕУЛЕКС и косовската полиција утре на заедничка вежба, Улуташ: Ја демонстрираме готовноста за зачувување на регионалната стабилност.

Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, заедно со Мисијата на Европската унија за владеење на правото, ЕУЛЕКС и полицијата на Косово утре ќе одржат заедничка вежба, насловена „Златна сабја 2024“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во денешното соопштение на КФОР се вели дека вежбата што ќе се одржи во кампот Врело ќе ги тестира вештините за спроведување заеднички процедури во справувањето со кризи и безбедносни сценарија.

„Во вежбата ќе бидат вклучени значителен број на персонал, возила и опрема кои ќе дејствуваат низ областа во која ќе се изведе, како и неговата околина и долж главните патишта. ’Златна сабја 2024‘ е одраз на нашата долгорочна соработка и посветеност за поддршка на стабилна безбедност на цело Косово, за доброто на заедниците“, се вели во соопштението на КФОР.

Командантот на КФОР, Озкан Улуташ вели дека оваа вежба ја симболизира посветеноста на мисијата на мирот и стабилноста на Косово и ќе ја покаже подготвеноста за зачувување на регионалната стабилност.

„Со здружување на силите и способностите, ја покажуваме нашата подготвеност да се справиме со предизвиците и нашата посветеност за зачувување на регионалната стабилност. Очекуваме успешно завршување на оваа вежба и постојана соработка меѓу сите вклучени“, рече командантот на КФОР.

КФОР како и обично нагласува дека продолжува да го спроведува својот мандат на ОН – врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност од 1999 година – да обезбеди безбедна средина за сите луѓе кои живеат во Косово, како и слобода на движење, во секое време и непристрасно.

„КФОР е третиот безбедносен одговор, по косовската полиција и Мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС), кои дејствуваат соодветно како прв и втор безбедносен одговор“, велат од мировната мисија на НАТО.

Tаравари се сретна со европскиот емисар Питер Ванхоуте

Европскиот пат на земјата ќе биде во сигурни раце .

Претседателот на Алијанса за Албанците , Арбен Таравари во текот на денешниот ден одржа средба со европскиот емисар, Питер Ванхоуте.

"Денеска имавме добра и продуктивна средба со европскиот емисар г. Ван Хојтен. Европскиот пат на земјата ќе биде во сигурни раце!", пишува Таравари.

Потсетуваме дека дипломатот Питер Ванхоуте има мандат од Европската Унија како посредник за уставни измени.

притисни ентер