Пендаровски: Срамота е што Мицкоски ги моли коалиционите партнери за гласови за Силјановска

Тој посочи дека очекува огромен дел од гласовите од петте кандидати кои испаднаа од првиот круг на осми мај да дадат поддршка на бројот еден.

На денешната средба со граѓаните на општина Маврово-Ростуше, кандидатот за претседател Стево Пендаровски се осврна на случувањата меѓу двата круга од претседателските избори и барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ гласовите од другите кандидати да се префрлат кон кандидатката Гордана Силјановска-Давкова.

„Од денешните изјави на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ гледаме дека тој отишол да моли кај другите партии со кои наводно веќе има направено договор за влада, тие да му ги префрлат гласовите за противкандидатката. Поголемо понижување на македонските гласачи немаме видено одамна. Ако ги делиш ресорите и власта пред да ја освоиш, ти си политички манипулант. Нека решат граѓаните и вечерта на осми и ако ти ја имаш власта, повели, терај ја понатаму државата. Но во меѓувреме, несигурен во тоа што го нудиш како политички концепт, да бараш од другите помош и поддршка, затоа што знаеш дека твојот кандидат, можеби нема да може да ја истера целата работа сам, е нечесно кон целиот народ и сите македонски граѓани. Јас тоа не го правам, не го правев ни пред 24 април, нема да го правам ниту до осми мај. Ќе го чекаме вечерта на осми мај судот на македонските граѓани, како ќе речат тие, така ќе биде. Но јас ве уверувам дека во гласовите на кандидатите кои отпаднаа има огромно мнозинство кои Македонија ја сакаат ваква - шарена со сите убави бои, со сите граѓани еднакви меѓу себе, со солидарност и со заеднички сили да оди напред“ порача Пендаровски.

Тој посочи дека очекува огромен дел од гласовите од петте кандидати кои испаднаа од првиот круг на осми мај да дадат поддршка на бројот еден.

„Во вториот круг почнуваме од нула и тука навистина имаме голема шанса на крај да излеземе и како победници. Петте кандидати кои отпаднаа вкупно собраа 330.000 гласови. Јавно, гласно и јасно кажувам дека од тие 330.000 гласови, најголем дел, огромно мнозинство се блиски до ова што ние го пропагираме, застапуваме и кажуваме години наназад. Нашата притивкандидатка во вториот круг има сосем други замисли за Македонија, која мисли дека Македонија треба да се враќа назад и во тоа е сериозно поддржана од партискиот лидер кој ја поддржа како негов личен избор“ порача Пендаровски, повикувајќи на осми мај да се заокружи бројот 1 како единствена гаранција дека државата ќе продолжи по исправниот пат и нема да се врати назад.

Илон Маск повторно сведочи во истрагата на СЕК за преземањето на Твитер

 Американскиот федерален суд нареди дека Илон Маск мора повторно да сведочи пред Комисијата за хартии од вредност на САД (СЕК) за неговото преземање на Твитер за 44 милијарди долари.

СЕК го тужеше Маск во октомври за да го принуди извршниот директор на производителот на електрични автомобили Тесла и ракетната компанија Сепјс Икс (SpaceX) да сведочи откако тој одби да биде испрашан во септември за целите на истрагата. Милијардерот тогаш изјави дека СЕК се обидува да го „малтретира“ со бројни судски покани.

Истрагата се обидува да утврди дали Маск ги прекршил федералните закони за хартии од вредност кога купил акции на Твитер во 2022 година.

Исто така, се разгледуваат изјавите и поднесоците што ги дал во СЕК поврзани со договорот, објави агенцијата претходно.

Анчелоти: Ова беше мојата најдобра сезона како тренер

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти даде оценка за сезоната која е во завршница.

Реал Мадрид синоќа во натпревар од 37. коло на Шпанското фудбалско првенство го победи Алавес со 5:0.

- Тимот има многу таленти, многу млади луѓе и многу квалитетен тим. Овој клуб може да одбележи ера во иднина со оглед на вредноста на младите играчи кои ги имаме во моментов. Ова беше мојата најдобра сезона како тренер. Тимот се претстави фантастично во Ла Лига, достојно и без никаков сомнеж ја освоивме титулата. Сите чекаа наш пад, но до тоа не дојде. Среќни сме и на седмо небо. Но, треба да продолжиме бидејќи сè уште не сме го одиграле најважниот натпревар, изјави Анчелоти за официјалниот сајт на клубот.

Реал Мадрид ја освои деветтата победа во низа во Ла Лига.

Тимот предводен од Карло Анчелоти, кој одамна ја обезбеди шампионската титула е лидер во поредокот со 93 освоени бодови.

Алавес е на 11. место со 42 бода.

Балетот „Заспаната убавица“ на фестивалот „Мајски оперски вечери“

На 52. „Мајски оперски вечери“ вечер од 20 часот на програмата е класичниот балет „Заспаната убавица“ на музика од Петар Илич Чајковски.

Диригент на претставата е Најер Нагуи - главен диригент на оркестарот на Операта во Каиро, кореограф е Виктор Јаременко од Украина, асистент-кореограф - неговата сонародничка Тетјана Белецка, а сценограф и костимограф на балетот е Миодраг Табачки од Србија.

Во главните улоги ќе настапат Марта Петкова и Никола Хаџитанев од Софиската опера и балет кои се добитници на голем број престижни награди и признанија. Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

-Повеќе од 100 години оваа класична балетска бајка за вечната борба помеѓу доброто и злото ја одушевува публиката на најголемите светски сцени. Сложените варијации, брилијантната изведба и чистата класична техника го прават овој балет од бајките врвен балетски бисер, соопшти Националната опера и балет.

притисни ентер