На парламентарните избори во Хрватска на 17 април ХДЗ го освои мнозинството мандати во Парламентот, но недоволно за сама да формира влада, па претходните денови имаше интензивни преговори за можни коалиции, а десницата Татковинско движење е најголемиот коалициски потенцијал на кој смета ХДЗ.
„Разговорите продолжуваат утре. Денеска имавме средба со сите колеги кои беа заедно со ХДЗ на листите на изборите, сите тие пратеници, а ги има шестмина, ми даваат силна поддршка како иден мандатар за состав на нашата трета влада“, рече Пленковиќ по вчерашниот состанок.
Тој најави дека денеска ќе се сретне и со претставници на националните малцинства, а потоа и со претставници на Татковинското движење.
„Работите во преговорите за формирање на парламентарното мнозинство и влада се движат во добра насока“, рече Пленковиќ.