Почнува пријавувањето за 20. издание на Виз Ер Скопски Маратон

Пријавувањето за 20. јубилејно издание на Виз Ер Скопски Маратон почнува утрово во 9 часот и ќе трае до 20 септември до 23:59 часот. Право на учество имаат сите македонски и странски државјани. 

- Трката има ограничен број на учесници и пријавувањето може да се затвори, доколку се пополни предвидениот број на бројот на учесници, затоа побрзајте и пријавете се уште денеска, апелира организаторот на манифестацијата Сојузот на спортови на Скопје

Маратонот ќе се одржи 6 октомври со почеток во 8 часот.

Учесниците на маратон и полумаратон на стартот ќе бидат распоредени во четири стартни боксови според времето кое ќе го одберат при процесот на

пријавување, додека учесниците во штафетниот маратон и трката на 5км ќе бидат распоредени во стартни зони кои ќе бидат означени во зоната на старт со името на трката.

Трката има сертификат од Асоцијацијата за улични трки (AIMS) и се одвива според правила на Светска Атлетика (WA), и АФСМ.

Секој учесник што ќе стартува на Виз Ер Скопски Маратон ќе добие вредносен ваучер од 20 ЕУР од насловниот спонзор на трката, Виз Ер. Во стартниот пакет за сите трки е вклучена и маица, но ја добиваат само оние кои ќе се регистрираат до 29 август 2024.

Конте седнува на клупата на Наполи

Поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Италија, Антонио Конте, се согласил да застане на чело на Наполи, пренесува денеска Раи Спорт.

Според истиот извор, 54-годишниот Италијанец ќе потпише тригодишен договор.

Неговата плата ќе изнесува 6,5 милиони евра годишно.

Конте својот последен тренерски ангажман го имаше на клупата на лондонски Тотенхем, од 2021 до 2023 година.

По 33 кола Наполи е на 8. место во Серија А со 49 бодови.

Во Кочани одбележана 119-годишнината од загинувањето на Никола Карев

Со откривање на спомен биста на патронот во ОУ „Никола Карев“, во Кочани почна одбележувањето на 119-годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер и претседател на Крушевската Република.

На свеченоста на која присуствуваа ученици, вработени, граѓани и претставници од централната и локалната власт, беше нагласено дека по три децении од преименувањето, училиштето добива соодветно спомен обележје што ќе го краси училишниот двор.

- Во 1993 година нашето училиште се одделило од друго основно училиште со кое заеднички носеле име на револуционер од југословенското минато. Во таа учебна година го добило сегашното име и имало многу време и простор да се постави обележје на патронот, но токму денеска, нам ни припадна честа да ја реализираме иницијативата. Бистата ја изработи и ја донираше скулпторот Борче Србиновски, за што упатуваме голема благодарност, истакна Александар Андов, директор на ОУ „Никола Карев“.

Учениците и наставниците од ОУ „Никола Карев“ организираа свечена програма со која го одбележаа патрониот празник, а признанија им беа оддадени на сите соработници, поддржувачи и вработени кои во изминатиот период дале придонес во унапредувањето на условите за настава.

Во рамки на одбележувањето на годишнината, денеска претставници од општините од регионот и од граѓански здруженија го посетија спомен паркот во месноста Свиланово, кај кочанското село Рајчани, каде загинал револуционерот. Исто така, почит на великанот му беше на оддадена со положување свежо цвеќе на спомен обележјата во Паркот на Револуцијата во Кочани и кај селото Тркање.

Премиерно изведена претставата „Мац Мац“ во велешкиот театар

На сцената на велешкиот народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ синоќа премиерно беше изведена претставата „Мац,Мац“ инспирирана од „Мачка на вжештен лимен покрив“ на Тенеси Вилијамс во режија и кореографија на Филип Петковски.

Во неа настапија актерите Ведран Чешарек-Брик, Ана Јовановска, Илин Јовановски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Филип Христовски и Сандра Танчева.

Музиката е на Мориц Вернер од Германија, сценографија на Дардан Жегрова од Косово и Филип Петковски, а костимографијата е на Антонија Гугинска Јорданоска и Гордана Божиновска.

Режисерот Филип Петковски појаснува дека Вилијамс честопати презентира длабоко несреќни и маргинализирани ликови кои се борат со своите внатрешни демони, социјални притисоци и комплексност на нивите човечки односи. Најчесто тие се аутсајдери желни да станат дел од некаква заедница.

Додава дека и во неговата претстава „Мац Мац“ публиката проследи една длабоко несреќна фамилија која сонува за живот, а во кој депресијата не е опција. Но за жал излезот го бара во погрешни вредности и супстанции за да ја прими дневната доза допамин. Појаснува дека тоа за жал тоа се луѓе кои сите ние добро ги познаваме со кои можеме да се поистоветиме или луѓе кои и ние самите сме биле. Потенцира дека за жал тоа е еден од главните проблеми на нашето депресивно општество.

Проектот е финансиран од Интернационалниот фонд за копродукција (Internationaler Koproduktionsfonds) на Гете институтот и Министерството за култура.

Инаку претставата има најава дека ќе биде изведена на фестивалот ФИАТ во Подорица, а потоа и на уште неколку фестивали.

притисни ентер