Претежно сончево и потопло

 Времето денеска во земјава ќе биде претежно сончево и потопло, попладне во планинските подрачја со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи.

Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 18 до 25 степени.

Во Скопје претежно сончево и тивко. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 24 степен.

Утре времето ќе биде претежно сончево и топло, попладне во планинските подрачја со услови за краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Во вторник попладне ќе има локална појава на нестабилност, а во среда и четврток под влијание на нов влажен бран во поголем дел од земјава ќе има пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилни врнежи и засилен ветер.

Состојбата на Фицо е стабилизирана, но и натаму е сериозна

Тој засега нема да биде префрлен во Братислава, соопштија словачки министри.

Состојбата на словачкиот премиер Роберт Фицо е стабилизирана, но и понатаму е сериозна, изјави словачката министерката за здравство Зузана Долинкова.

Фицо беше тешко повреден на 15 мај, по седницата на Владата во градот Хандлова, кога 71-годишниот писател Јурај Цинтула, од непосредна близина испука во него неколку истрели од пиштол.

Долинкова објасни дека вчерашната двочасовна операција за отстранување на мртвото ткиво од повеќекратните прострелни рани, која ги зголемила надежите за негово закрепнување, „придонела за позитивната прогноза“ за Фичо.

Словачкиот вицепремиер и министер за одбрана Роберт Калињак им изјави на новинарите пред болницата каде се лекува Фицо дека неговиот трансфер во главниот град Братислава од малиот град во областа, каде што беше застрелан пет пати нема да се случи во следните неколку дена.

Според вицепремиерот, не било потребно официјално преземање на функциите на Фицо и има одредена комуникација со него.

Напаѓачот денеска за прв пат се појави во судницата во Пезинок, гратче недалеку од главниот град Братислава. Судската зграда ја обезбедуваше маскирани полицајци вооружени со пушки./МИА

Во Музеј на вино Кавадарци уметници творат на тема вински артефакти

 Во Музеј на вино Кавадарци уметници творат на тема вински артефакти, во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите. 

- Ликовни уметници творат во чест на музеите. Темата на ликовниот хепенинг е „Винскиот музеј низ артефактите“. Всушност, на лице место уметниците сликаат на платно, додека заедно со посетителите кои ја следат нивната активност, имаат можност да дегустираст вино од ова поднебје и македонска храна. Настанот го организиравме во соработка со здружението на граѓани љубители на уметноста „Роднокрајци“, чии претставници творат на платно. Ги спојуваме историјата, културата и традицијата на лозаровинарството во најголемиот регион за лозарство и винарство во државата. Уметноста на платно и уметноста во извонредните вино и храна, подвлече Весела Честоева, директор на Вински музеј за регион „Тиквеш“, со седиште во Кавадарци.

Настанот е дел од програмата за работа на музејот, со поддршка на локалната самоуправа. /МИА

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со Крис Павловски, директор на Рамбл

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го прими Крис Павловски, директорот на водечката светска компанија за дигитални платформи Рамбл, кој е во посета на земјата во рамките на конференцијата Македонија 2025.

На средбата, Павловски ја претстави работата на Рамбл, компанија која котира на индексот Наздак на берзата во Њујорк, со нејзината етаблирана видео платформа и е во подем во дејноста на развојот на дигиталната инфраструктура и клауд услугите. Како водечки претприемач со македонско потекло, господинот Павловски изнесе мислења за состојбата во дигиталниот сектор, за трендовите и перспективите кои може да се искористат.

Претседателката Сиљановска Давкова го информираше Павловски за нејзината иницијатива за развивање на соработката со македонската дијаспора, со цел максимално да се искористат сите можности за економски развој на земјава.

притисни ентер