Путин ја презеде функцијата претседател: „Судбината на Русија ја одредуваме само ние“

Путин ја презеде функцијата претседател: „Судбината на Русија ја одредуваме само ние“, смотра на претседателскиот полк. .

Во големата палата Кремљ започна церемонијата на инаугурација на рускиот претседател Владимир Путин.

Првиот човек на Руската федерација влезе во салата и беше поздравен со аплауз од публиката.

Со давање заклетва, Путин ја презеде функцијата претседател на Руската Федерација, по што беше интонирана националната химна на земјата.

Текстот на претседателската заклетва е определен со Уставот на Руската Федерација (член 82) и гласи: „Се колнам дека при вршењето на овластувањата на претседателот на Руската Федерација, ќе ги почитувам и штитам правата и слободите на човекот и граѓанинот, ќе го почитувам и бранам Уставот на Руската Федерација, ќе ги штитам суверенитетот и независноста, безбедноста и интегритетот. на државата и верно му служи на народот“.

Путин по преземањето на претседателската функција им се обрати на граѓаните и порача дека народот сам ќе одлучи за иднината на државата. Тој се заблагодари за укажаната доверба.

„Се обраќам на секој граѓанин на Русија. Само што дадов заклетва, а тоа е суштината на претседателската функција - да му служи на народот и да ја заштити Русија, тоа е чест, обврска и света должност“, рече тој и истакна дека граѓаните дека сами ќе одлучуваат за судбината на државата. Како што порача, убеден е дека државата достоинствено ќе го преживее тешкиот период и ќе стане уште посилна. „Ве уверувам дека во иднина интересите и безбедноста на народот на Русија ќе бидат пред се за мене“, рече Путин.

Старо новиот руски претседател учествува на свечена церемонија пред најистакнатите личности во земјата, на која ќе положи заклетва, со што официјално ќе стане актуелен лидер на Русија за уште еден мандат, со кој ќе стане најдолговечниот претседател на Русија во историјата.

На денешната инаугурација во Кремљ, Владимир Путин положи заклетва за новиот, петти по ред, шестгодишен мандат на чело на Русија, јави Бета.

„Се колнам дека ќе ги почитувам и штитам правата и слободите на човекот и граѓанинот, дека ќе го почитувам и штитам Уставот, суверенитетот, независноста, безбедноста и интегритетот на владата“, рече Путин.

Владимир Путин помина речиси четвртина век како руски лидер.

Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија ќе продолжи да работи со партнерите за формирање мултиполарен светски поредок, како и дека е возможно да се разговара за безбедносни прашања со западните земји, но под еднакви услови.

- Заедно со партнерите во евроазиските интеграции, со другите центри за суверен развој, ќе продолжиме да работиме на формирање мултиполарен светски поредок, еднаков и неделив безбедносен систем“, рече Путин на церемонијата на инаугурација во палатата во Кремљ.

Тој рече дека Русија била и ќе биде отворена за зајакнување на добрите односи со сите земји кои во неа гледаат сигурен и чесен партнер.

Русија не го отфрла дијалогот со западните земји, туку дека изборот е нивен, истакна Путин.

- Дали сè уште планираат обиди да го запрат развојот на Русија, да ја продолжат политиката на агресија, притисокот врз нашата земја кој не запира со години или бараат пат кон соработка и мир“, рече рускиот лидер на церемонијата на инаугурацијата.

Според него, разговорот меѓу Русија и западните земји за безбедносни прашања е можен само под еднакви услови, а не од позиција на моќ.

- Повторувам, можен е разговор, вклучително и за прашања за безбедност и стратешка стабилност, но не од позиција на сила, туку разговор без никаква ароганција, вообразеност и лична ексклузивност, само под еднакви услови, со почитување на заедничките интереси, нагласи Путин.

Елегантни моторџии низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје

Стотици дотерани моторџии денеска дефилираат низ скопските улици со цел подигање на свеста за машкото здравје и превенција на рак на простатата.

Моторџиите облечени во палта и вратоврски по девети пат земаат учество во глобалниот хуманитарен мотоциклички настан, а собраните донации од учесниците одат во фондацијата за борба против рак на простатата „Мовембер“ во Лондон .

Организаторот на настанот во Скопје Игор Стефановски објаснува дека Глобалното движење започнало 2012 година во Сиднеј од група моторџии, во чест на нивниот пријател кој починал од рак на простатата, по што станува најголем глобален собир на мотоциклисти на светско ниво.

- Тие губат другар од рак на простатата, во негова чест почнуваат собирање, чисто клубски прво, меѓутоа сакаат да пренесат порака дека мотоциклистите не мора секогаш да бидат бучни, во кожни вентијаги и одлучуваат настанот да го направат дотерани, костумосани што би се рекло. Така да настанот со текот на годините настанот излегува од рамките на Австралија и се шири низ целиот свет. - Игор Стефановски – организатор

Во движењето на глобално ниво учествуваат околу 100.000 мотоциклисти од 110 држави. Во Скопје оваа година има рекорден број на официјално пријавени учесници, над 170. Тие велат дека се особено горди што се дел од ваков настан.

- Чувството да се вози на ваков настан е навистина убаво бидејки да си џентлмен и да правиш нешто што помага за да се поттикне машкото здравје е многу убава работа, веќе 8 години возам на gentlemens ride и е настан кој дефинитивно не се пропушта.- Филип Арсовски – учесник

- Чувството е одлично, се работи за еден интернационален настан кој ја потикнува важноста од борбата за машкото здравје, би препорачал на сите граѓани што повеќе да земаат учество во вакви хуманитарни настани и да ја гајат културата на старите мотори, олдтајмер возилата.- Златко Ивановски – учесник

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се над 18.000 евра. Од основањето на движењето досега глобално се собрани над 50 милиони долари кои се донираат во институции и болници за машко здравје.

Сообраќаен хаос во Клиничкиот центар во Скопје

Вакво е секојдневието во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Колони возила, свирежи и нервозни граѓани. Огромниот сообраќаен хаос за влез во клиниките е најизразен во утринските часови.

Ова е проблем со кој се соочуваат граѓаните години наназад и движењето низ клиниките е исклучително отежнато.

-И покрај тоа што во Клиничкиот центар има паркинг, се чини дека тој не е доволен да ги собере сите возила. Дел од нив се паркираат и на лентата за возилата за Брза Помош.

А токму несоодветно паркираните возила дополнително го заглавуваат сообраќајот низ клиничкиот центар.

Луѓето што ги анкетиравме се разочарани за целиот сообраќаен хаос што се случува во клиничкиот центар. Велат – ем плаќаат паркинг, ем губат време, ем не завршуваат работа.

Клиничкиот центар во Скопје располага со над 900 места за паркинг, а нови 600 предвидува новиот детален урбанистички план кој во февруари годинава го донесе Општина Центар. Сепак, и ова е мала бројка бидејќи според провен ките дневно во Клинички влегувата околу 5000 возила.

Иако низ годините помпезно од речиси сите министри беа најавувани брзи решенија за надминување на хаосот на Клинички, досега ништо од ветеното не е реализирано.

Државјанин на Македонија со „богато“ криминално досие во Грција, уапсен за кражба

Државјанин на Македонија со „богато“ криминално досие во Грција, уапсен за кражба во дом на Пелопонез

Државјанин на Македонија, кој издржувал затворска казна, но по добиената неколкудневна дозвола за излез пред три месеци, не се вратил во затвор, уапсен е во централниот дел на Пелопонез по извршена кражба во дом заедно со уште едно лице, јави дописничката на МИА од Атина.

Станува збор за 45-годишен маж со „богато“ криминално досие во Грција, а во грчките медиуми и во минатото се споменуваше, но и сега дека учествувал во киднапирањето на бродосопственикот Периклис Панагопулос, во јануари 2009 година.

Како што соопштија од грчката полиција, двајцата, сега веќе уапсени странски државјани, вчера наутро насилно влегле во дом во општина Триполи на Пелопонез, под закана со оружје (реплика) и нож и со употреба на сила нападнале три лица, ги врзале, одзеле поголем износ на пари и накит, а потоа побегнале.

Едниот веднаш бил уапсен, додека пак другиот успеал да побегне, но по организираната акција на полицијата бил пронајден во планинско подрачје.

Двајцата се товарат за учество во криминална организација, кражба, фалсификување, фалсификување потврди, за прекршување на законската регулатива за поседување оружје, додека пак 45-годишниот е обвинет и за бегство од затвор.

Уапсените се превезувале со изнајмен автомобил на кој му ставиле украдени регистарски таблици, а при претресот на возилото било откриено оружјето, како и фалсификувани лична карта и возачка дозвола изадени во Хрватска.

Кај двајцата биле пронајдени и украдените пари и накитот.

-Како што беше констатирано, уапсениот 45-годишен маж од 25 јануари 2024 година ги прекршил условите за дозволата за излез што му беше доделена од Управата за затворот, соопштија од грчката полиција.

Според информациите на дописничката на МИА од Атина, едниот уапсен е Албанец, а другиот, 45-годишниот е државјанин на Македонија, кој издржува затворска казна за кражби на банки во Грција, извршени пред над десет години, а неговото име се споменува и во киднапирањето на грчки бродосопственик пред 15 години.

притисни ентер