Расистички навреди кон Нико Вилијамс

Напаѓачот на Атлетик Билбао, Нико Вилијамс, беше цел на расистички навреди од трибините на натпреварот против Атлетико Мадрид во 33. коло од шпанската Ла Лига.

Дваесетиедногодишниот Шпанец го постигна единствениот гол за баскискиот клуб кој ги загуби натпреварот со 3-1.

„Не е нормално да те навредуваат поради бојата на кожата. Знам дека насекаде има глупави луѓе, но ова треба да се промени. Играчите на Атлетико ме поддржаа и разбираат дека е неприфатливо да се пуштаат мајмунски звуци за време на натпревари“, изјави Вилијамс, цитиран од шпанските медиуми.

Вилијамс оваа сезона забележа 32 настапи во сите натпреварувања за Атлетик, постигнувајќи шест голови, а запиша и 14 асистенции.

Полицијата го растури протестот на пропалестинските демонстранти во Амстердам

Холандската интервентна полиција го растури пропалестинскиот протест на Универзитетот во Амстердам, при што уапси околу 125 лица во повремени насилни судири, соопштија властите.

Во пораките објавени на мрежата „Икс“, полицијата наведе морала да дејствува за да го растури протестот и шаторите поставени од демонстрантите кои биле насилни кон полицијата.

„Полициската рација беше неопходна за да се воспостави ред“, велат од полицијата.

Локалните медиуми покажаа како демонстранти фрлаат пиротехнички средства кон полицајците, но засега нема извештаи за повредени од двете страни.

„Сега сè е тивко... полицијата останува во близина на кампусот во Ротерсејланд“, соопшти полицијата „Икс“.

Министерот за образование во заминување, Роберт Дијкграф, рече дека универзитетите се место за дијалог и дебата и дека е разочаран што полицијата морала да интервенира. /МИА

Германскиот Управен суд прифати десничарската АфД да биде ставена под надзор

Сојузниот управен суд денеска пресуди дека Германската разузнавачка агенција има право да ја стави под надзор екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD) поради потенцијален екстремизам и во исто време ја одби жалбата на таа партија

Судот во Минстер, во покраината Северна Рајна-Вестфалија, утврди дека има доволно правна основа за ваквото означување на АфД, нагласувајќи дека тој чекор не води неизбежно до тоа партијата да биде означена како докажан случај на десниот екстремизам.

Судот соопшти дека нема индикации дека разузнавачката агенција дејствувала со несоодветни политички мотиви.

Со таа пресуда во корист на разузнавачка агенција на Германија, судот ја потврди претходната одлука на понискиот суд од Келн од 2022 година.

АфД го отфрли таквото толкување и го оцени како политички обид за дискредитација на партијата. Членот на нејзиното национално раководство, Роман Реуш, рече дека партијата ќе поднесе жалба. /МИА

Продолжува потрагата по исчезнати по разорните поплави во Авганистан

Продолжуваат напорите за пребарување и спасување на исчезнатите лица по големите поплави што го погодија северен Авганистан во петокот, изјавија денеска претставници на локалните власти за ДПА.

Некои области првично беа тешко достапни поради уништените патишта.

Агенциите на ОН и авганистанското Министерство за бегалци соопштија дека загинале најмалку 315 луѓе. Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА) соопшти дека речиси 9.000 домови биле уништени или оштетени.

Екстремните временски настани како поплави и суши се во пораст во Авганистан. Експертите за ова ја обвинуваат климатската криза.

По децении војни и конфликти, земјата е лошо подготвена да се справи со последиците од климатските промени.

Земјата сè уште закрепнува од повеќекратните земјотреси претходно оваа година и големите поплави во март. /МИА

притисни ентер