Ристовски: Дали ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ прифатија укинување на 20 посто употреба на албанскиот јазик

Дали ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ прифатија укинување на 20 посто употреба на албанскиот јазик и воведување двојазичност со што се гасне унитарниот карактер на Македонија

„Денеска сме во Куманово да испратиме уште една порака не само до Кумановчани но и до македонската јавност. Пред да го дадете својот глас и да ја положите својата доверба на 8 мај во среда сакам длабоко да размислите кому ќе ја дадете таа доверба. Барајте јасни, чисти, експлицитни ставови од сите политички субјекти за кои веќе вие сте размислувале дека треба да им го дадете својот глас и да ја положите својата доверба. Барајте јасен и експлицитен став што ќе се случи со Уставот на Македонија, барајте јасен и експлицитен став и од ВМРО-ДПМНЕ и од партијата ЗНАМ и од тие коалициски партнери кои веќе најавуваат дека ќе бидат партнери во власта и отворено говорат дека веќе е потпишан договор дека во рок од шест месеци ќе се промени македонскиот Устав согласно барањата на албанскиот екстремизам. Дали ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа тој нивен став, дали ЗНАМ го прифаќа тој нивни став дека 20% јазикот треба да исчезне од Уставот, јазикот кој што го говорат малцинските етнички заедници, дали тие се согласни со тој став и дали веќе го имаат прифатено тој став, ако не треба јасно, јавно и експлицитно да одбијат на јавна сцена. Исто така треба да каже дали навистина е потпишан договор со албанскиот екстремизам од албанската опозиција дека Уставот мора да се смени во рок од шест месеци и тие јавно најавуваат дека веќе се имаат договорено и дури дека тие се гарантот дека Уставот ќе биде сменет во рок од шест месеци. Дали со ова се потврдуваат сите сомневања дека ВМРО-ДПМНЕ веќе има потпишано и се има согласено за промена на Уставот. Дали ВМРО-ДПМНЕ и партијата ЗНАМ се имаат согласено за укинување на одредбата од 20% од јазикот, дали тие добро знаат што тоа значи“, рече претседателот на ИНТЕГРА и носител на листата во ИЕ 2 на Коалицијата Храбро за Македонија од Куманово, Љупчо Ристовски.

Како професор на политички науки 20% јазик кој што го говори малцинска етничка заедница го нема во уставната одредба тоа значи дека веќе имате двојазична Македонија. Тоа значи дека веќе е згаснат унитарниот карактер на Македонија, дали членството кое гласаше и за ВМРО-ДПМНЕ и за ЗНАМ се свесни за овој факт и за овој момент? Оттука, пораката е дека мора секој од вас да размисли длабоко кому ќе ја даде довербата во среда на 8 мај. Ние како ИНТЕГРА македонска конзервативна партија како дел од Коалицијата Храбро за Македонија на ГРОМ, ИНТЕГРА и ПЦЕР имаме јасен, јавен и експлицитен став дека не смее да има ниту педа поместување од оската на којашто стои Уставот на Република Македонија, а тоа е државотворноста на македонскиот народ, унитарниот карактер на македонската држава и македонскиот народ да ја дефинира својата држава како круна на вековна борба за национална слобода и за своја држава. Оттука нашиот став е јасен дека не смее да има промена на Уставот по ниту едни уцени, закани и притисоци и потреба да се дојде на власт по секоја цена. Потребно е сите притисоци од екстремизмите од албанската опозиција да се стават на страна и да се пружи силен отпор во дадениов момент. Но гласачкото тело треба да се запраша дали тоа навистина така и ќе биде?

Ние како Коалиција Храбро за Македонија кажуваме дека целиот македонски идентитетски корпус по сите црвени линии на македонскиот национален интерес во татковината Македонија мора да бидат затворени еднаш засекогаш и тоа да биде оската на којашто ќе се движат преговорите со Европската Унија. Нашата историја е наш национален интерес и ние ја пишуваме. Македонскиот јазик е наш јазик којшто го говорат овде Македонците овде со векови наназад. И тука нема померување ниту милиметар. Илинденскиот период е една светла фаза од таа круна на вековната борба на македонскиот народ нашите Илинденци се исто така светлата точка и тие се нашиот крвен запис денес. Оттука на 8 мај ве повикуваме заокружете број 3, гласајте за Коалицијата Храбро за Македонија за ГРОМ ИНТЕГРА И ПЦЕР и нема да зажалите. Ние ќе бидеме вашиот бастион, одбрана, вашата совест во парламентот и нема да отстапиме ниту милиметар од промена на Уставот во тој сегмент, рече Ристовски.

Ужасна снимка од напад на ајкула- се слушаат и врисоци под вода (ВИДЕО)

Следното видео кружи низ мрежите веќе неколку години, а го објави Ден Вајт, кој своевремено тренирал како нуркач на брегот на Египет.

Повеќе нуркачи се придружиле на неговата група, што доведе до промена во однесувањето на ајкулите што кружат во близина.

Отпрвин немало никакви проблеми, а Вајт ужива во друштво на океански белоперки. И тогаш една од нив решила поблиску да ги истражи „непоканетите гости“.

„Три пати се нафрли на мојот колега, а потоа му пријде германски нуркач. За жал, не успеале да ги следат нејзините движења. „Штом доби прилика, го дофати за ногата“, рече Вајт.

Додека ги заривала острите заби, се слуша крикот на несреќниот маж, што го прави видеото уште повознемирувачко.

За среќа, ајкулата се оддалечи и повеќе не нападна, бидејќи којзнае како сѐ би завршило на 10 метри длабочина.

На несреќниот човек му била укажана помош на брегот, а ногата му била во прилично лоша состојба, изгризана до коска.

Веднаш му биле дадени лекови против болки, додека раната била преврзана. По некое чудо, не морала да му биде ампутирана, пренесува LadBible.

Орбан: Претпоставките за врската на атентатот врз Фицо и војната во Украина се оправдани

Унгарскиот премиер Виктор Орбан смета дека е оправдано да се претпоставува дека има поврзаност меѓу атентатот на словачкиот премиер Роберт Фицо и војната во Украина.

Орбан рече дека „малку земји зборувале со гласот на мирот, освен неодамна Унгарија, Ватикан и Словачка“ и додаде дека „силните центри на моќ имаат интерес да ја продолжат војната“ во Украина, пренесува МТИ.

Унгарскиот премиер рече дека „сигурно е дека напаѓачот бил левичар и провоен“ и оти затоа претпоставките за поврзаноста меѓу атентатот и војната „не се неоправдани“ бидејќи, како што оцени, „постојат големи сили зад политичарите кои се за војна“.

„Оние кои се за мир не смеат да се плашат и мора да се соочат со империјата на Сорос и, доколку е потребно, со американската надворешна политика и мора јасно да кажат дека во интерес на Европа е страните да се вратат на преговарачка маса“, рече Орбан.

Управен суд ја одби тужбата на „Европски фронт“ за избирачкото место 1470 во Долнени

Управниот суд денеска ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија" за избирачкото место 1470 во Долнени.

Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024. За сите се оформени предмети и закажани во текот на денешниот ден.

Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194 во Општина Крушево.

ДИК на 104 седница ги разгледа приговорите поднесени од политичките партии по одржувањето на парламентарните избори на 8 мај. Од вкупно 27 поднесени приговори - девет од коалицијата „Влен“, осум од ВМРО-ДПМНЕ, пет од СДСМ и четири од Левица, прифатени беа седум и тоа шест во Петтата изборна единица и еден во Шестата изборна единица.

Во Изборната единица 5 прифатени беа приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени. Во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено 58 пратенички мандати, по што следуваат Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ со 18, Коалицијата „Вреди“ со 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.

притисни ентер