Русија распиша потерница по Зеленски

Руското Министерство за внатрешни работи распиша потерница по украинскиот претседател Володимир Зеленски, пренесува руската државна новинска агенција РИА Новости.

„Володимир Александрович Зеленски, 25 јануари 1978 година. Се бара според членот од Кривичниот законик“, пишува во базата на податоци на веб-страницата на Министерството. Не е прецизиран членот по кој е издаден налогот за апсење на украинскиот лидер.

Базата на податоци го наведува и местото на раѓање на бараното лице, градот Кривиј Рих во регионот Дњепропетровск. Објавена е и фотографија од Зеленски, направена пред војната.

Радио Спутник пишува дека Русија распишала и потерница за Валериј Залужни, поранешен врховен командант на украинските вооружени сили.

Да потсетиме, Меѓународниот суд во Хаг издаде налог за апсење на Владимир Путин во март минатата година. Хашкиот суд издаде налог за апсење на рускиот претседател поради сомнение дека е одговорен за нелегална депортација на деца и илегално пренесување на луѓе од територијата на Украина во Руската Федерација.

Поплави и свлечишта во германската провинција Сар

Обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во западната германска покраина Сар. Поради надојдената вода евакуирани се жителите од неколку згради.

Според Германската метеоролошка служба во Сар вчера наврнале повеќе од 100 литри дожд на квадратен метар за помалку од 24 часа.

Според досегашните информации, во силното невреме нема жртви, а при евакуацијата едно лице е повредено.

Голем број патишта во Сар сè уште се затворени, а ограничен е и железничкиот сообраќај.

Германскиот сојузен канцелар Олаф Шолц најави дека ќе ја посети поплавената област.

Поради обилните дождови зголемена е готовност и на надлежните служби и во Саксонија, Тирингија и Баварија./МИА

Управен суд ги одби како неосновани сите седум тужби од „Европски фронт“

Управниот суд синоќа ги одби како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија (ДИК) за прегласување на парламентарните избори 2024. 

Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.

Според Изборниот законик, доколку одлуката за прегласување на едно избирачко место може да влијае на конечните резулатите од изборите, ДИК ќе организира повторно гласање 14 дена од одржувањето на изборите, односно на 22 мај.

Коалицијата „Европски фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024. За сите беа оформени предмети и закажани во текот на вчерашниот ден.

Роналдо го собори рекордот на Саудиска Арабија во една сезона

 Напаѓачот на Ал-Наср, Кристијано Роналдо постигна асистенција на натпреварот од 32. коло на шампионатот на Саудиска Арабија со Ал-Хилал (1:1).

Триесет и деветгодишниот Португалец го собори рекордот во една сезона на овој турнир. Тој има 33 гола и 11 асистенции.

Претходниот рекордер беше Абдеразак Хамдалу, кој постигна вкупно 43 поени (гол+асистенции) во сезоната 2018/19.

Ал-Наср со 78 поени и се наоѓа на второто место во поредокот. /МИА

притисни ентер