Садик Кан третпат избран за градоначалник на Лондон

Садик Кан го освои рекордниот трет едноподруго градоначалнички мандат во Лондон на локалните избори во Англија на кои што неговите лабуристи ѝ нанесоа тежок пораз на конзервативната партија.

Кан, кој првпат беше избран во 2016, ја победи ривалката Сузан Хол со разлика од повеќе од 276.000 гласови.

„Мојата животна чест е да му служам на градот што го сакам. Во моментов сум многу понизен. Ова беа тешки неколку месеци, во кои се соочивме со кампања на постојана негативност. Горд сум што одговоривме на поттикнувањето страв со факти“, изјави 53-годишниот Кан, кој е и првиот муслиман кој беше избран за градоначалник на Лондон.

Тој истовремено го повика премиерот Риши Сунак да распише парламентарни избори.

Додик: Односите меѓу Бања Лука и Сараево можеби се на најлошо ниво

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави денеска дека односите меѓу Бања Лука и Сараево можеби се на најлошо ниво и дека мирот е единствената вредност за која се залага.

Додик истакна дека ситуацијата во БиХ е катастрофална, пренесе новинска агенција на Република Српска.

Тој рече дека претседавачот со Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, кажува лаги за Република Српска и дека со него не може да се отвори дијалог. /МИА

Во Иран обесени седум луѓе осудени на смрт, меѓу кои и две жени

Невладината организација „Иран Хјуман рајтс“ денеска соопшти дека од почетокот на годинава во Иран биле егзекутирани 223 лица и го осуди отсуството на фер судење.

Седум лица, меѓу кои две жени, беа обесени денеска во Иран, бидејќи Исламската Република ја зголемува употребата на смртната казна за политички цели, соопшти организацијата со седиште во Норвешка, објави „Фигаро“.

Парвин Мусави (53), мајка на две деца, беше обесена во затворот Урмија во северозападен Иран со пет мажи, од кои сите беа осудени за трговија со дрога, се вели во соопштението на организацијата.

Фатемех Абдулахи (27) е обесена во Нишапур на истокот на земјата поради убиство на нејзиниот сопруг, кој воедно и бил братучед.

Огранизацијата соопшти дека забележала 223 егзекуции годинава, вклучително и најмалку 50 само во мај, по крајот на персиската Нова година и Рамазан во април.

Иран е една од земјите каде што се извршуваат најмногу егзекуции заедно со Кина и Саудиска Арабија. Егзекуциите се вршат со бесење./МИА

Хасани:Руската агресија во Украина останува најкритична закана за мирот и безбедноста во Европа

Албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани смета дека руската агресија во Украина останува најкритична закана за мирот и безбедноста на европскиот континент и пошироко.

Хасани на меѓународната конференција „Ленарт Мери“ (Lennart Meri) во главниот град на Естонија, Талин изјавил дека „Албанија продолжува со својата јасна и цврста позиција во одбрана на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, во согласност со ставот на ЕУ, НАТО и САД".

-Албанија активно ги поддржува напорите и преземените иницијативи за да се обезбеди целосна одговорност за најтешките злосторства според меѓународното право извршени во Украина. Застанувајќи покрај Украина, Албанија ја поддржува политички, економски и воено, до постигнување праведен и стабилен мир, нагласил тој, јави АТА.

Прашан за улогата на Русија во светската безбедност, министерот Хасани, рекол дека „единствениот победник во овие турбулентни времиња е НАТО, сојузот на вредности и нации кои го сакаат мирот и ги почитуваат правата на народите".

Министерот Хасани остварил средби со премиерката Каја Калас, неговиот естонски колега Маргус Цахкна и шефот на Комисијата за надворешна политика во естонскиот парламент, Марко Михкелсон на кои изразил благодарност за континуираната поддршка на Естонија за процесот на интеграција на Албанија и Балканот во ЕУ./МИА

притисни ентер