Скај Њуз: Кина го хакирала платниот систем на британското Министерство за одбрана

Британскиот портал Скај њуз денеска објави дека кинеската влада извршила неколку кибер напади врз платниот систем на британското Министерство за одбрана, кој содржи приватни информации за воениот персонал.

Членовите на Долниот дом на британскиот Парламент денеска ќе бидат информирани за овој инцидент.

Пратеникот на Конзервативната партија Тобијас Елвуд изјави дека Кина „најверојатно бара финансиски слабости“ кај воениот персонал за да натера некои припадници да соработуваат со Кина во замена за пари.

„На потешкиот начин учиме како уметноста на војување брзо се менува со напредокот на технологијата. Одбраната на дигиталниот терен сега е исто толку важна како и одбраната на физичкиот. Доколку овој вид на кибер напад се случува во Велика Британија, можеме да претпоставиме дека ќе бидат нападнати и други земји-членки на НАТО“, рече Елвуд.

Истрагата на Министерството за одбрана досега не покажала дека се украдени некои податоци.

Сабаленка за поразот од Швјонтек: Сè уште сум среќна со резултатот во Рим

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка го коментираше поразот од полската претставничка Ига Швјонтек во финалето на турнирот во Рим. 

Таа истакна дека генерално е задоволна од нејзиниот настап во главниот град на Италија.

- Иако работите не одеа во моја корист, сепак сум среќен со резултатот во Рим. Во првиот сет не играв многу добро и не ја чувствував мојата игра. Во вториот се обидов да бидам малку поагресивна. Имав неколку можности да направам брејк. Можеби ако ги реализирав, натпреварот ќе испаднеше поинаку. Но, јас не го направив тоа. Ќе се обидам подобро следниот пат, рече Сабаленка на прес-конференција.

Во меч што траеше 1 час 29 минути Швјонтек победи со резултат 6:2, 6:3. Првиот светски рекет ја освои својата четврта ВТА титула во сезоната и 21-ва во кариерата.

Ова е втор меч на тенисерките во последните две недели. Швјонтек и Сабаленка се сретнаа на 4 мај во решавачкиот меч на турнирот во Мадрид. Тогаш победи исто така првиот рекет на светот. /МИА

Фјури побара реванш, Усик прифати

Британскиот боксер Тајсон Фјури, по поразот од Украинецот Олександр Усик во главниот меч на боксерската вечер во Ријад, потсети на клаузулата во договорот која предвидува реванш.

По објавувањето на резултатот, боксерите разговараа за одржување на реванш во октомври.

Усик, кој стана првиот апсолутен светски шампион во тешка категорија во 21 век, одговори: „Подготвен сум“.

За 35-годишниот Фјури ова беше прв пораз во кариерата. Пред оваа борба тој освои 34 победи и една борба со негово учество заврши нерешено.

Триесет и седумгодишниот Усик сега има 22 победи во 22 борби./МИА

Инцидент при слетувањето на хеликоптерот со кој патуваше претседателот на Иран, Раиси

По веста објавена од Иранската државна телевизија дека хеликоптерот, со кој патувал претседателот на Иран, Ебрахим Раиси, имал „тврдо слетување“ на терен се упатени 16 спасувачки тимови и беспилотни летала.

Според новинската агенција Мехр операцијата за пребарување и спасување ќе потрае извесно време поради непроодноста на теренот, планинските и шумските услови, како и неповолните временски услови, особено густата магла.

Иранската државна телевизија, како и државната Иранска новинска агенција (ИРНА) не јавија за состојбата на Раиси по инцидентот. ИРНА на англиски јазик објави дека хеликоптерот се урнал.

Дел од иранските медиуми објавија дека некои од придружниците на претседателот во хеликоптерот успеале да стапат во контакт со централните власти, истакнувајќи оти тоа надеж дека нема жртви во инцидентот.

Конвојот на претседателот се состоеше од три хеликоптери. Во другите две летала се превезувале други ирански функционери, меѓу кои и министерот за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан

Раиси патувал во иранската провинција Источен Азербејџан, а инцидентот се случи во близина на градот Џолф, во близина на границата со Азербејџан, на околу 600 километри северозападно од главниот град на Иран, Техеран.

На социјалните мрежи се појави и видео од насобрани луѓе кои се молат за здравјето на Раиси.

притисни ентер