Состојба на патиштата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози. 

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Стејт департмент: Охрабруваме продолжување на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија

Соединетите држави охрабруваат продолжување на дијалогот на релација Скопје- Софија – ова е одговорот кој од американскиот Стејт Департмент го дале за Гласот на Америка .

Соединетите држави охрабруваат продолжување на дијалогот на релација Скопје- Софија – ова е одговорот кој од американскиот Стејт Департмент го дале за Гласот на Америка на прашањето дали Бугарија со блокадата на земјава ги загрозила интересите на САД во регионот. Во одговорот каде дополнително се бара и почитување на Преспанскиот договор со Грција, се додава и дека САД ќе продолжат со поддршката на евроатлантските аспирации на земјава.

„Охрабруваме продолжување на дијалогот меѓу С.Македонија и Бугарија, кој е вкоренет во заедничката заложба за иднината на С. Македонија како полноправна членка во ЕУ“. – велат од Стејт Департментот.

Ваквата позиција на САД доаѓа во време кога ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ најавуваат дека ќе ги почекаат изборите во Бугарија во јуни, а потоа ќе отворат дијалог со новата влада во Софија, за да се најде начин да продолжат евроинтергациите на земјава..

Во меѓувреме, Премиерот на техничката влада Димитар Главчев и денеска упати порака дека Македонија мора да ги почитува договорите.

-Бугарија повеќепати изјави дека е за европската перспектива пред нив, но тие мора да чекорат по патот, доколку имаат таква желба, да станат членки на ЕУ, но тоа оди преку почитување на сите договори. Нема во никаков случај ние да сме пречка за Македонија да влезе во ЕУ, повторувам под услов да ги почитуваат сите договори од 2022 година досега, - Димитар Главчев – Технички премиер на Бугарија.

Бугарија идниот месец повторно оди на шести по ред предвремени избори во изминатите три години. Ваквиот тек на настаните доаѓа откако пропадна владата на ГЕРБ и Продолжуваме со промената, а веднаш потоа беше избрана техничка влада.

Франција ќе прогласи вонредна состојба во Нова Каледонија, соопшти Елисејската палата

Последен пат Франција презеде слични мерки во странство во јануари 1985 година, во екот на насилниот конфликт меѓу француските власти и движењето за независност во 80-тите години.

Францускиот претседател Емануел Макрон ќе побара денеска на седница на Владата да биде прогласена вонредна состојба во Нова Каледонија, каде што три лица загинаа во вториот ден од немирите, откако францускиот Парламент ги одобри измените на правилата за гласање во архипелагот на Пацификот, јавија светските агенции, повикувајќи се на кабинетот на претседателот.

Последен пат Франција презеде слични мерки во странство во јануари 1985 година, во екот на насилниот конфликт меѓу француските власти и движењето за независност во 80-тите години.

Во меѓувреме, францускиот премиер Габриел Атал во денешниот говор пред Парламентот во Париз рече дека за неколку часа во Нова Каледонија ќе пристигнат дополнителни полициски сили. Атал повтори дека Владата има намера да разговара со претставниците на различните заедници во Нова Каледонија пред конечно да се прифати уставната реформа, која предвидува промени изборниот закон на француската територија. /МИА

Обвинителство: Извршен увид, се испитуваат причините за опожарување на службениот автомобил

Се испитуваат причините за опожарување на службениот автомобил на директорот на КПУ „Идризово“

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и вешти лица од Одделот за форензички истраги на МВР извршија увид во Кисела Вода каде во текот на ноќта беше опожарен службен автомобил во сопственост на КПУ „Идризово“ – Скопје кој го користел директорот на установата.

-Прибрани се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење со цел да се утврдат причините за опожарувањето. Обезбедени се снимки од видео надзор на околните објекти и се преземаат други дејствија, информираат од ЈОРМ.

Во Полициската станица Кисела Вода во Скопје утрово, во 3.35 часот, било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено – поправната установа Затвор Идризово, кое било паркирано од З.Ј..

Како што информира МВР, од пожарот бил зафатен дел и од фасада на зграда и предмети на балкони на долните катови од зградата. Пожарот бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, а повредени лица нема.

притисни ентер