Украина наскоро би ги добила првите авион Ф-16, ќе ги чуваат во подземни бункери

Украина би можела да го добие првиот авион Ф-16 по Велигден, но точниот датум се уште не е одреден, најави Илја Јевлаш, портпарол на украинските воздухопловни сили.

Како што објави „Киевпост“, тој истакна дека не може со сигурност да каже кога тоа ќе се случи, имајќи предвид дека во неколку наврати се одложува датумот на испорака на првите американски борбени авиони во Киев.

„Доставата се очекува по Велигден, би сакале да ги добиеме што е можно поскоро и да објавиме дека пристигнале“, изјави Јевлаш.

Тој потврди дека украинските пилоти се обучуваат на овие авиони во Данска и во САД. Според портпаролот на украинските воздухопловни сили, веќе се преземени мерки за да се осигура дека авионите се безбедни откако ќе бидат испорачани во Украина.

„За тоа, најпрво е неопходно правилно да се подготви базата за нив. Ова вклучува колосални трошоци, вклучувајќи подземни засолништа и бункери. Затоа, во моментов се развиваат методи за тоа како точно може да се сместат“, рече Јевлаш.

Тој посочи дека по добивањето на авионите Ф-16, вооружените сили на Украина ќе можат да изведат различни операции за одбивање руски воздушни напади и нанесување штета на непријателот. Поточно, 16 борбени авиони ќе бидат распоредени на различни типови на аеродроми, што ќе им отежне на Русите да ги откријат украинските авиони. Ќе се користат различни методи за да се измами непријателот.

Во март годинава, холандската министерка за одбрана Кајса Олонгрен изјави дека првата пратка авиони Ф-16 ќе ѝ биде испорачана на Украина од Данска ова лето. Ова го потврди Дмитро Кулеба, шеф на украинската дипломатија.

Минатата есен, Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, изјави дека испораката на авиони Ф-16 сигурно ќе ги зголеми воените капацитети на Украина, но дека тоа нема да биде „сребрен куршум“ кој драстично ќе ја промени ситуацијата на фронтот.

Се огласи и Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, кој рече дека испораката на авионите Ф-16 нема да го промени исходот од конфликтот и дека руската армија ќе ги уништи, како и другите украински оружја.

САД: Можни се терористички напади врз претставници на ЛГБТ заедницата ширум светот

 Владата на САД ги предупреди американските државјани да бидат внимателни поради евентуални терористички напади врз претставниците на ЛГБТ заедницата ширум светот.

- Поради потенцијалниот ризик од терористички напади, демонстрации или акти на насилство против американските граѓани и интереси, Стејт департментот ги предупредува своите граѓани во странство да покажат зголемена будност, се наведува во соопштението.

Исто така се наведува дека постои потенцијален ризик од насилство врз ЛГБТ заедницата инспирирано од странски терористички организации.

- Американските граѓани треба да бидат внимателни за време на маршевите на ЛГБТ заедницата, наведува Стејт департманот./МИА

Баку: Франција да престане со неоснованите тврдења против Азербејџан

Министерството за надворешни работи на Азербејџан вчера ги отфрли „навредливите обвиненија“ и повтори дека Баку не е поврзан со протестите во Нова Каледонија.

- Наместо да го обвинува Азербејџан дека наводно ги поддржува протестите за независност во Нова Каледонија, Франција треба да се фокусира на неуспешната политика на прекуокеанските територии што доведе до такви протести. Уште еднаш ја повикуваме Франција да престане со неоснованите тврдења против нашата земја, истакна портпаролот на азербејџанското МНР, Ајхан Хаџиев.

Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин на 15 мај го обвини Азербејџан за мешање во политиката на пацифичката територија Нова Каледонија.

- Ова не е фантазија … Жалам што некои од сепаратистите се договорија со Азербејџан … дури и ако има обиди за мешање … Франција е суверена на својот сопствена територија, истакна Дарман.

Но, Дарманин не презентираше докази за вмешаноста на Азербејџан во немирите на Нова Каледонија.

Француската единица за откривање дезинформации преку интернет, „Вигинум“, формирана како одговор на руските активности во Африка, објави извештај во кој се идентификувани најмалку 86 азербејџански профили кои на платформата Икс шират антифранцуска пропаганда.

Немирите на Нова Каледонија почнаа на 13 мај поради уставната реформа, која предвидува промени на изборниот закон на француската територија. Националното собрание во Париз усвои реформа со која на илјадници француски граѓани, кои пред најмалку 10 години се преселиле на јужниот пацифички архипелаг, им се дава право на глас на локалните избори, а со тоа и поголемо политичко влијание. /МИА

Саутемптон противник на Лидс во финалето на плејофот за пласман во Премиер лигата

Саутемптон синоќа го победи Вест Бромвич во реванш полуфиналниот натпревар од плејофот на Чемпионшип со 3:1. Средбата се одржа на стадионот „Сент Мери“ во Саутемптон.

Во првото полувреме немаше постигнати голови. По паузата, Вилијам Смолбон го отвори резултатот, Адам Армстронг со два погодока зголеми на 3:0. Во последните минути гостите намалија преку Седрик Кипре.

Првиот меч заврши нерешено 0:0, па Саутемптон се пласираше во финалето каде ќе се сретне со Лидс. /МИА

притисни ентер