Утревечер седница на Советот за безбедност на ОН за Босна и Херцеговина по барање на Русија

Постојаната мисија на Малта во ОН потврди дека утре, 30 април, во 21 часот ќе се одржи итна седница на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Босна и Херцеговина (БиХ) на барање на Русија.

Како што јави Н1 БиХ, повикувајќи се на извори од мисијата на Малта во Њујорк, списокот на говорници за седницата се уште не е утврден.

На седниците на Советот за безбедност на ОН, списокот на говорници може да се утврди на самиот почеток на седницата на предлог на претседавачот, но и на заинтересираните земји членки на Советот за безбедност на ОН.

Од Бањалука беше соопштено дека на оваа седница на СБ на ОН ќе се обрати и членката на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, но преку видеоврска бидејќи не побарала виза за САД.

За нејзиното обраќање, како и за сите други, ќе се одлучува пред почетокот на седницата со гласање на членките на Советот за безбедност на ОН.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачич, претходно изјави дека Цвијановиќ и веројатно некој од бошњачката страна ќе се обратат на вонредната седница на Советот за безбедност на ОН за Босна и Херцеговина на барање на Русија. /МИА

Путин го поддржува кинескиот план за мирно решавање на кризата во Украина

Рускиот претседател, Владимир Путин во интервју објавено денеска вели дека го поддржува кинескиот план за мирно решавање на кризата во Украина.

Во интервју за кинеската новинска агенција Синхуа пред посетата на Путин на Кина оваа недела, рускиот лидер рече дека Пекинг ги разбира причините за кризата во целост, пренесе БТА.

Путин вели и дека Русија е отворена за дијалог и преговори за решавање на конфликтот кој трае повеќе од две години.

-Планот и принципите на Кина, објавени минатиот месец од кинескиот лидер Си Џинпинг, ги земаат предвид факторите зад конфликтот. Позитивно го оценуваме пристапот на Кина за решавање на украинската криза. Пекинг навистина ги разбира причините за кризата и нејзиното глобално геополитичко значење. Дополнителните принципи за решавање на кризата, кои Си Џинпинг ги постави во рамките на неговите преговори со германскиот канцелар Олаф Шолц, се реални и конструктивни чекори кои ја развиваат идејата дека е неопходно да се надмине менталитетот на Студената војна, изјави Путин.

Пред повеќе од една година, Пекинг објави план од 12 точки што ги содржи општите принципи за ставање крај на војната во Украина. Планот беше поздравен и од Русија и од Украина.

Најстудено на Попова Шапка, најмногу дожд во Крушево

Најниска температура од 5 степени Целзиусови утрово е измерена на Попова Шапка.

Најниска температура од 5 степени Целзиусови утрово е измерена на Попова Шапка. Следат Лазарополе со 6 степени, 7 во Крушево, 8 Маврови Анови, 9 Берово, Претор, 10 Крива Паланка, Охрид, 11 Прилеп, Виница, Битола, Тетово, 12 Скопје-Зајчев Рид Кавадарци, Штип, Струмица, Куманово, Велес, Дојран, 13 Скопје-Петровец и 14 степени во Демир Капија и Гевгелија.

Најмногуи наврнат воден талог за изминатите 24 часа до 08 часот има во Крушево- 17 л/м2, потоа 10 во Скопје кај Петровец и во Битола, 9 во Прилеп, 7 Крива Паланка, Пожаране, 6 Кавадарци, Куманово, 5 Велес, Берово, Лазарополе, Попова Шапка, 4 Скопје-Зајчев Рид, Тетово , 3 Охрид, Пожар, 2 Дојран, Тополчани, Маврови Анови, Претор и 1 л/м2 во Штип, Демир Капија и во Гевгелија.

Количините на врнежи, се наведува, се од дождомерните места на УХМР и локално количината на воден талог може да варира и да биде поголема од измерената.

Времето денеска променливо облачно со повремени врнежи од дожд, локално пообилни и поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 20 степени.

Во Скопје претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне и во вечерните часови во делови од котлината врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе достигне 18 степени.

Пред Уставниот суд оспорените одредби на законите за платите на судиите и на членовите на СС

Пред Уставниот суд оспорените одредби на законите за платите на судиите и на членовите на Судскиот совет.

Оспорените одредби на Законот за платите на судиите и на Законот за платите на членовите на Судскиот совет за намалување на коефициентот за утврдување на платите на судиите кои Собранието ги донесе на 29 февруари годинава се меѓу предметите за расправа на денешната седница на Уставниот суд.

На дневен ред на седницата се вкупно седум иницијативи за оценување на уставност и законитост и три предлози за одлучување по предмети со нацрт-одлуки, односно предмети за кои веќе е исцрпена дискусијата.

Подносители на иницијативите за оспорените законски измени се Судски совет на Република Македонија, преку претседателка Весна Дамева и Здружение на судиите на Република Македонија, преку претседателот Џемали Саити

-Судскиот совет на Република Македонија наведува дека со оспорените закони законодавецот извршил противуставна и незаконита интервенција во самостојноста и независноста на судската власт преку правно недозволено намалување на платите на судиите како носители на судската власт и на членовите на Судскиот совет кој е орган што ја гарантира независноста на судската власт, пренесува наводи од иницијативата Уставниот суд.

Во иницијативите, дополнува Судот, се наведува дека уставно-правната положба на судовите и на Судскиот совет е нарушена со оспорената измена на законите бидејќи со нив законодавецот значително го намалил коефициентот за утврдување на платата на судиите (коефициентите кои се движеле од 2.8 до 3.7 сега се намалени во распон од 2.43 до 3.21), односно коефициенот за пресметка на платата на членовите на Судскиот совет (коефициентите од 4 за претседател на Судскиот совет, односно 3.7 за заменик претседател и за член на Судскиот совет сега се намалени на 3.47 односно 3.21).

- Преку намалување на коефициентите што претставуваат параметар за пресметување на платата на судиите и на членовите на Судскиот совет правно и фактички се оневозможува усогласување на нивните плати со динамиката на движење на просечната исплатена плата во претходната календарска година, со што се спречувало законското право на усогласување на платата согласно постојните правила за нејзино пресметување, се наведува во иницијативата.

притисни ентер