Во центарот на Куманово откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски кој беше убиен кај Вејце

Во центарот на Куманово откриен мурал со ликот на Бобан Трајковски кој беше убиен пред 23 години кај Вејце

Мурал посветен на Бобан Трајковски, еден од загинатите припадници на безбедносните сили во настаните кај Вејце 2001 година денеска беше откриен во Куманово. Трајковски беше еден од осумте припадници на македонските безбедносни сили кои загинаа на денешен ден 2001 година. Организатор на денешниот настан е здружението „Слобода, искреност, лојалност, акција-СИЛА“ и колегите од единицата „Волци“.

-Во 2001 година се случи еден настан во текот на борбените дејства при одбрана на државата каде што загинаа осум припадници на безбедносните сили, четворица од армијата, од специјалната единица „Волци“ меѓу кои и Трајковски Бобан-Другарчики. Тој учествуваше во таа акција и го даде својот живот за нашата Македонија. За жал, 23 години само за овој човек колку што имам информација барем за оваа случка никој нема направено апсолутно ништо. Јас како негов другар, сосед, претпоставен, бидејќи и јас тогаш бев вработен во „Волци“ како старешина, сега пензионер, си зедов за обврска заедно со единицата „Волци“ да направиме свечена манифестација каде што ќе го обележиме настанот, бидејќи 23 години никој ниту на централно, ниту на локално ниво не успеа да направи нешто, изјави Антонио Станковски, од здружението „СИЛА“.

Муралот го изработија уметниците од „Форма“ кои се сограѓани на кумановецот Трајковски. Од здружението се надеваат дека општината ќе именува улица или друг објект во чест на припадникот на безбедносните сили кој го даде животот за државата.

-Ова можеби е само почеток. Немаме ниедна улица, објект, јавен во градот којшто би требало да го носи неговото име, тука треба општината да донесе одредени одлуки, каде што никој нема да се налути, бидејќи го градиме мултиетничкото општество, но постои начин. Овие луѓе биле во легална институција, законски поставувале, го дале животот и мислам дека никој не треба да се навреди ако има какво било обележје во градот, дали име на школо, улица, објект, итн. Немавме никакви проблеми од граѓаните на зградата, бидејќи требаше да имаме нивна согласност. Тие сите и дуќаните и станарите апсолутно не правеа проблем, рекоа цртајте сè што мислите ако ова е во интерес на државата и на ликот на Бобан Трајковски, кажа Станковски.

На настанот присуствуваа членови на семејството, колеги, припадници на безбедносните сили, кумановци. На 28 април 2001 година, во 17:45 часот, се случи масакрот во Вејце, кога осум припадници на специјалната единица Волци и полицајци од посебната единица беа начекани во подмолна заседа и беа убиени. Тој дена беа убиени Роберт Петковски (27), Игор Костески (26), Миле Јаневски (30), Бобан Трајковски (28), Марјан Божиновски (27), Илче Стојановски (24), Бошко Најдовски (25) и Кире Костадиновски (24).

Украина тврди дека спречила серија руски бомбашки напади во Киев на 9 мај

Украинската служба за безбедност (СБУ) соопшти дека четири бомби требало да бидат активирани во главниот град на 9 мај.

Украина денеска соопшти дека спречила руска операција која планирала да изврши серија бомбашки напади во продавници за градежни материјали и во близина на кафуле во главниот град Киев, како и во фабрика за одбранбена индустрија во западниот град Лавов.

Двајца руски воени агенти се приведени под сомнение за вмешаност во наводниот заговор, а запленети се 19 експлозивни направи, се вели во објава на Телеграм на канцеларијата на украинскиот државен обвинител.

Украинската служба за безбедност (СБУ) соопшти дека четири бомби требало да бидат активирани во главниот град на 9 мај, кога Русија ја прославувала советската победа над нацистичка Германија во 1945 година.

„Според планот на руската специјална служба, експлозивите требало да бидат активирани за време на шпицот во супермаркетите за да се нанесе максимална штета на цивилното население“, соопшти СБУ на Телеграм. /МИА

Алегри ја напушта клупата на Јувентус

Стратегот на Јувентус, Масимилијано Алегри, ќе ја напушти тренерската должност по завршување на сезоната, објави денеска италијанскиот весник „Тутоспорт“.

Според истиот извор, финалето на Купот на Италија против Аталанта и преостанатите два натпревари од сезоната во Серија А против Болоња и Монца ќе бидат последните за Алегри на клупата на Јувентус.

Клубот од Торино забележа само две победи на последните 15 натпревари, но обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

Договорот на Алегри истекува во 2028 година.

Алегри го предводи Јувентус од 2021 година, а седеше на клупата и во периодот од 2014 до 2019 година, и освои пет шампионски титули во Серија А, четири трофеи во Купот на Италија и два во италијанскиот Суперкуп. /МИА

Жестоки борби во Газа, САД предупредуваат на „повоена анархија“

Жестоки судири имало и во северниот и централниот дел на опколениот Појас Газа, јавуваат странските агенции.

Израелската армија денеска се судри во Појасот Газа и во Рафа со припадниците на Хамас и покрај барањата на САД да не започнуваат инвазија во тој пренаселен град. Америка, исто така, предупреди дека на палестинските територии им се заканува повоена анархија.

Жестоки судири имало и во северниот и централниот дел на опколениот Појас Газа, јавуваат странските агенции.

Во меѓувреме, Израел се подготвува вечерва да го прослави Денот на независноста, седум месеци по почетокот на војната со Хамас.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху утринава за време на Меморијалниот ден, кој му претходи на одбележувањето на Денот на независноста, изјави дека израелската војна за независност сè уште не е завршена и продолжува.

„Ние сме решени да победиме во оваа борба“, рече Нетанјаху.

Минатата недела, и покрај меѓународните предупредувања, вклучително и од својот најблизок сојузник САД, Израел испрати тенкови и војници во источниот дел на Рафа, град на границата со Египет, каде што околу 1,4 милиони Палестинци се засолниле од конфликтот во други делови на Газа.

Блинкен во неделата рече дека не видел кредибилен израелски план за заштита на цивилите во Рафа, ниту план за тоа што ќе се случи ден по завршувањето на војната во Газа и предупреди на опасноста од останување на вооружените членови на Хамас и поствоен вакуум исполнет со анархија.

Жителите на Рафа денеска добија нови израелски наредби за евакуација преку телефон и СМС пораки.

Во услови на континуиран конфликт, напорите на Египет, Катар и САД да посредуваат за прекин на огнот сево застој. /МИА

притисни ентер