Во кочанскиот регион пријавени уште 164 лица кои ќе гласаат во домашни услови

Во четирите општини од кочанскиот регион се пријавиле уште 164 болни и изнемоштени граѓани кои побарале своето гласачко право да го остварат во домашни услови.

Тоа е зголемување од над 40 отсто во споредба со пријавените за првиот круг на претседателските избори, односно вкупниот број сега изнесува 436 лица.

Најголем број пријави биле доставени до Општинската изборна комисија во Кочани, но по разгледувањето на документацијата дел од нив биле одбиени.

- Во законскиот рок ни беа доставени уште 87 пријави, но комисијата утврди дека 11 од нив не ги исполнуваат условите. Кај една пријава е констатирано дека лицето не е запишано во избирачкиот список, за што има поднесено приговор, и ако добиеме позитивен одговор тоа ќе може да го оствари правото да гласа. Заедно со пријавените од првиот круг на претседателските избори, на територијата на општина Кочани има вкупно 245 болни и изнемоштени кои ќе гласаат во домашни услови, истакна Билјана Димовска Гичева, претседателка на Општинската изборна комисија – Кочани.

До Општинската изборна комисија во Виница се доставени уште 38 пријави и сите се прифатени, со што вкупно 99 лица ќе гласат во домашни услови.

Во процентуален износ најголем број новопријавени лица во однос на гласањето од пред две недели има во општина Зрновци. Порастот е за двојно поголем, односно ќе гласаат вкупно 22 болни и изнемоштени.

Во Општинската изборна комисија во Чешиново-Облешево добиле уште 39 пријави и вкупниот број сега изнесува 69 лица, за кои е констатирано дека ги исполнуваат условите за гласање во домашни услови.

Стабилна состојба на работникот, кој се здоби со тешки повреди во лифт

Стабилна е состојбата на 56 годишниот маж кој вчера попладне се здоби со тешки телесни повреди во лифтот во угостителски објект во Штип. 

Надлежните во Клиничка болница- Штип информираат дека е примен со скршеници на пршлените и е хоспитализиран на oдделението за ортопедија во штипската Клинничка болница. Неговиот колега, 71 годишниот пензиониран кувар им подлегна на повредите добиени при пад на лифтот, во кој биле работно ангажирани.

Во меѓувреме директорката на Државниот инспектор за труд, Весна Томовска за МИА изјави дека на лице место вчера е излезен трудов инспектор. Утврдено е дека двајцата работници не биле вработени, туку работно ангажирани во објектот. Починатиот бил кувар во пензија.

Посочува дека утре до инспекторатот треба да биде доставена документацијата за безбедност при работа во објектот. Од Обвинителството пак информираат дека се обезбедуваат докази за расчистуваање на настанот, а стручно лице ќе направи техничко вештачење на лифтот. Како дошло до трагедијата се уште нема официјални информации. Телото на починатото лице е дадено на обдукција.

Сиљановска Давкова: Минатото со Бугарија не ни е романтично, но мора да работиме на иднината

Сиљановска Давкова на претседателската функција стапи пред една недела и ова и беше прво јавно појавување. 

Не мислам дека минатото ни е романтично, ни вашето ни нашето, но мораме да живееме денес и да работиме за иднината, рекла македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова во изјавата за бугарските медиуми, синоќа пред премиерата на операта „Валкира“од германскиот композитор Вагнер во изведба на Софиската опера и балет во рамките на 52. издание на „Мајски оперски вечери“. Имала средба и со режисерот Пламен Карталов, а нејзиното присуство на настапот на Софиската опера и балет во Скопје го смета за чекор во знак на пријателство.

-Ова е чекор. Јас уживам во културната дипломатија и верувам дека културната дипломатија е помоќна од традиционалната. Затоа дојдов да уживам. Валкира е денеска, Вагнер. Јас знам и за академикот, мислам дека е инзвонреден, за Пламен, мислам ќе го запали културниот пламен овде. – Гордана Сиљановска Давкова – Претседател

Сиљановска Давкова на претседателската функција стапи пред една недела и ова и беше прво јавно појавување од тогаш. Првата официјална посета пак во странство ќе и биде во Ватикан и Рим, предводејќи ја македонската делегација на чествувањето на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј. Според најавите во бугарските медиуми по истиот повод во Ватикан ќе биде и бугарските претседател Румен Радев, но засега е неизвесно дали тие двајца ќе имаат некаква средба. На 23 мај, според протоколот, Сиљановска Давкова ќе има аудиенција кај Папата Франциск, а ќе се сретне и со нејзиниот италијански колега Серџо Матарела.

Коскоска и Лазов нови државни прваци во шах

 Претставниците на клубот Алкалоид, Габриела Коскоска и Тони Лазов се новите македонски шаховски шампиони. 

Женскиот интернационален мајстор Габриела Коскоска по неколкугодишна пауза им се врати на настапите во поединечна конкуренција, откако минативе неколку години настапуваше само на екипните првенства. Таа во 9 партии освои 8 бода, односно 7 победи и во два наврата ремизираше и триумфираше пред Леа Ефтовска и пред Моника Жежовска, кои завршија со половина, односно со цел поен помалку.

- Задоволна сум од постигнувањето! Во согласност со ждрепката, најголемиот дел од партиите со конкурентките за висок пласман ги играв со црни фигури, односно бели имав само во дуелот со Леа Ефтовска. Имаше момент во една партија кога се соочив со закана да бидам поразена, меѓутоа успеав да ја наметнам својата игра. Турнирот, иако со мал број учеснички, генерално, беше многу борбен, со голем број одлучени партии, изјави Коскоска.

Интернационалниот мајстор Тони Лазов по одиграни девет кола со 7,5 поени го освои првото место, пред Никола Николовски и Антон Златков со по 7 бода.

- Воопшто не беше лесно, иако многумина од повозрасните колеги одлучија да не настапат. Одлучуваше последната партија и задоволен сум од конечниот исход, но цврсто верувам дека е ова резултат на долгогодишното изучување и тренирање на шаховската игра, како и на поддршката од клубот, истакна Лазов.

Младиот шахист од Неготино во последните две кола оствари значајни победи, прво над тимскиот колега Филип Панчевски, кој важеше за фаворит на турнирот, а потоа и над Антон Златков.

притисни ентер