Кисела Вода, единствената македонска општина во мрежата на Партнерството за отворена власт

Партнерството за отворена власт (ПОВ) денеска објави дeка Општина  Кисела Вода е една од новите 55 нови општини во растечката мрежа од 75 земји, кои ги унапредуваат иницијативите за отворена власт ширум светот. 

Како единствена општина од Македонија, која беше избрана меѓу 138 апликанти, за Кисела Вода ова претставува значаен чекор во поттикнувањето на транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на локалните политики и одговорноста на локално ниво, соопшти општинската прес-служба.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска остварил средба со партнерите во овој процес, директорот на ИРИ, Крис Бренан и високите претставници од ИРИ Илина Мангова и Марија Саздевски, со националниот координатор за ПОВ Гордана Гапиќ Димитровска од МИОА, како и со претставниците од здружението КРИК Константин Карадафов и Ангела Здравковска. Од сите нив доби честитки за успехот, кко и за сета досегашна работа, за ентузијазмот и најавениот акциски план кој ќе ја унапреди состојбата во општината и пошироко, со оглед на тоа што градоначалникот Ѓорѓиевски е и Претседател на ЗЕЛС, а Кисела Вода исто така е дел од Б40 Мрежата на градови од Балканот.

Градоначалникот изрази задоволство што преку можноста да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ), на граѓаните ќе им се овозможи зголемена транспарентност и со тоа зголемена доверба во институцијата.

Ѓорѓиевски изјави дека е чест и привилегија е да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ) , од оваа значајна мрежа на општини од светот кои преку својата работа во изминатите 15-тина години дадоа големи резултати во насока на отворање на институциите кон граѓаните

- Драго ми е што нашите досегашни заложби и реализирани проекти во изминатите две години, со посебен акцент на зголемената транспарентност и дигитализацијата беа препознаени помеѓу други 138 апликанти и Општина Кисела Вода денес ги доби овие убави вести. Ова за нас како општина и за мене како градоначалник претставува уште поголема обврска за да испорачаме уште подобри политики за граѓаните. Стекнатото знаење и помошта од експерти кои треба произлезат од членството во ПОВ за Општина Кисела Вода ќе значи постигнување на уште подобри резултати во транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на политиките и одговорноста на локално ниво. Со оглед на тоа што сум и Претседател на ЗЕЛС, ова ќе овозможи споделување на позитивните искуства со останатите 80 општини, со што бенефитот ќе го почувствуваат и останатите граѓани ширум државата. Верувајќи во сопствените потенцијали, сметаме дека со членството во ПОВ ќе можеме да го стимулираме развојот и на други членови на оваа престижна организација и градење на капацитети кои ќе бидат мостови при решавањето на проблеми од сличен карактер, потенцира Ѓорѓиевски.

Турското ГП би можело да се врати во календарот на Формула 1 за две години

Турскиот министер за култура и туризам Мехмет Нури Ерсој изјави дека земјата повторно може да биде домаќин на трка во Формула 1. Според него, тоа ќе се случи во 2026 година.

Последен пат турско Гран при се одржа како дел од Светскиот шампионат во кружни трки во сезоната 2021 година.

- Тендерот за управување на патеката Формула 1 во Истанбул се одржа на почетокот на април и беше успешно завршен. Сега преминавме на втората фаза. Претходниот закупец мора да го ослободи просторот и да го предаде на победникот. По ова, процесот на склучување договор за одржување на Гран при во Истанбул од 2026 година ќе продолжи брзо, изјави Ерсој за „Milliyet“.

Се истакнува дека тендерот за изнајмување и контрола на објектот „Истанбул Парк“, во кој е вклучена и тркачката патека, се одржал на 2 април. Го освои Кан Билим Егитим Курумлар А.С., чиј партнер е шефот на управниот одбор на турскиот огранок на Пирели, Лале Џандер.

Првата етапа во Турција во рамките на Формула 1 се одржа во 2005 година. Во 2021 година се одржа од 8 до 10 октомври. Победи Валтери Ботас со Мерцедес, Макс Верстапен во Ред Бул беше втор, а Серхио Перез трет. /МИА

ОЦХА: Отстранувањето на експлозивните направи во Појасот Газа ќе трае 14 години

Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (ОЦХА) соопшти дека отстранувањето на бомбите и другите видови неексплодирани смртоносни средства во Појасот Газа може да потрае 14 години.

Според процените на ОН, за време на војната во Појасот Газа настанати се 37,5 милиони тони урнатини, а поголемиот дел од нив е покриен со бомби и други видови муниција кои не експлодирале.

ОЦХА соопшти дека околу два милиони луѓе или половина од населението на Појасот Газа, нашле засолниште во Рафа, но немаат пристапат до основните потреби како што се здравствена заштита, чиста вода и санитарни објекти. /МИА

МП: Дозволена е екстрадицијата на Љупчо Палевски, првоосомничен за убиството на Вања и Панче

Министерството за правда информира дека е добиено  официјално известување дека екстрадицијата на Љупчо Палевски е дозволена.

Турските власти уште во февруари му ветиле на министерот за правда Кренар Лога дека во брзо време во земјава ќе биде екстрадиран Љупчо Палевски Палчо, но иако му бил посочен и рок, тој не сакаше да сподели кога ќе се случи тоа бидејќи се уште траат административните процедури.

Инаку, веќе е завршена судската процедура за Палевски, кој е првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Додека се чека на екстрадицијата на Палевски, од притвор излезе таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, на кого Врховен му ја прифати жалбата, а осомничените за соучесништво Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски остануваат во притвор.

По три месеци поминати во притвор возачот Стефан Димковкси кој го превезуваше Палевски низ Србија Бугарија и Турција, беше пуштен да се брани од слобода и му беа определени мерки на претпазливост.

притисни ентер