Костадиновска-Стојчевска во Пустец: Преку соработка во културата ја зајакнуваме врската

Преку соработка во културата ја зајакнуваме врската со нашинците во Преспа.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска заедно со директорката на Заводот и музеј – Битола, Мери Стојанова, го посети Музејот посветен на ликот и делото на албанскиот писател со македонско потекло, Стерјо Спасе, во селото Глобочани, каде што оствари средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски.

Како што соопшти Министерството за култура, посетата е по повод продолжувањето на прекуграничната соработка со Албанија во рамките на програмата ИПА со проектот „Смарт4Ју2“, чија цел е да ги афирмира културните вредности што ги поседува регионот и да ги развие туристичките потенцијали на општините Битола, Пустец и Корча.

-Преку соработка во културата, ја зајакнуваме врската со нашинците во Преспа. Успешната реализација на заедничките проекти носи придобивки за граѓаните од двете страни на границата. Културата и културното наследство даваат идентитетско значење на луѓето од овој регион, а од економски аспект, претставуваат значаен туристички потенцијал, рече на средбата министерката за култура Костадиновска-Стојчевска.

На средбата со градоначалникот на Општина Пустец, Колефски, се наведува во соопштението, беше потврдена заемната заложба за зачувување на нашето културно наследство бидејќи, како што кажа Костадиновска-Стојчевска, тоа значи зачувување и на нашиот културен и национален идентитет.

- Kолефски ги најави новите планови и активности во Глобочани, а беа разменети идеи за нови проекти за унапредување на соработката преку културната размена и промоција на туристичкиот потенцијал на овој регион, со цел подобрување на економскиот развој и животниот стандард на граѓаните што живеат во Преспа. Од страна на министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска беше посочено дека Министерството за култура, преку традиционалната поддршка на манифестацијата „Македонско културно лето во Пустец и во Корча“, останува партнер во заедничките заложби за негување на македонската култура, идентитет и традиција во овој прекуграничен регион, соопшти Министерството за култура.

Директорката на Заводот и музеј од Битола, Мери Стојанова, информираше дека продолжуваат активностите што се планирани за наредниот период, за искористување на ЕУ-можностите за развој на културата и заштитата на културното наследство, и укажа на нови можности за соработка со општините Пустец и Корча.

-Проектот „SMART4YOU2“, кој е поддржан од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија, има буџет во вкупен износ од милион и двесте илјади евра европски неповратни средства за развивање на културните и туристичките потенцијали на прекуграничниот регион, се наведува во соопштението.

Во рамките на еднодневната посета, министерката за култура Костадиновска-Стојчевска ќе оствари средба со префектот на округот Корча, Нерти Јоли.

ЦУК: Осум пожари на отворено во изминатото деноноќие

Во последното деноноќие се евидентирани осум пожар на отворен простор, а активни утрово нема. Горела ниска вегетација, депонии и ѓубришта, соопшти ЦУК.

По еден пожар на отворено имало во село Трубарево (ниска вегетација), зад терминалот на влезот во Струмица (ѓубриште) и кај пробиштипското село Неокази (трска). Во Општина Ѓорче Петров имало два, кај „Стопански двор“ (ниска вегетација) и кај „Обиколница Волково“ (ниска вегетација). Три пожари на творено имало во Општина Кочани - горела градската депонија, кај месноста „Монополски Бавчи“ (ѓубриште) и кај местото „Игралиште“ во Кочани (ѓубриште).

Танц парада и мини концерт во Струга по повод Светскиот ден на танцот

Со танц парада и мини концерт на отворено, под мотото „Струга танцува“ студиото за танц „Бах“ денеска по четврти пат ќе го одбележи Светскиот ден на танцот - 29 април.

Тања Бах, кореограф и идеен творец на студиото за танц информира дека членовите на „Бах“ ќе тргнат од центарот за култура „Браќа Миладиновци“, покрај кејот на реката Црн Дрим ќе продефилираат низ Струшката чаршија, а потоа ќе одржат концерт во Паркот на поезијата.

-Танц парадата е еден креативен начин да го одбележиме Светскиот ден на танцот. Парадата е нашиот придонес во културните настани во градот на мостовите. Ќе приредиме едно вистинско уживање за публиката и на за нас својствен начин ќе потсетиме за физичките и психичките придобивки од танцувањето, изјави Бах.

Во Паркот на поезијата, додаде, 100-тината членови на „Бах“ ќе ја продолжат танцовата традиција во Струга.

Светскиот ден на танцот за прв пат е прославен на 29 април 1982 годинаа, оттогаш, секоја година на овој ден ширум светот се читаат меѓународни и национални пораки за танцот. Оваа иницијатива ја покрена Меѓународниот одбор за танц на Меѓународниот инститиут за танц на УНЕСКО, а го избра денот според роденденот на зачетникот на модерниот балет и еден од најголемите танцови реформатори, Жан Жорж Новер. /МИА

Ден на македонската дипломатија - 55 години од основањето на МНР

 Во Министерството за надворешни работи денеска се одбележува 55 години од неговото постоење. 

По повод Денот на Министерството за надворешни работи министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе одржи прес-конференција, а вчера дипломатскиот клуб од Скопје го одбележа Денот на македонската дипломатија со садење дрво пред зградата на МНР и посета на Меморијалниот музеј на АСНОМ во Пелинце.

Македонската дипломатија своите почетоци ги има во Бирото за односи со странство формирано во 1969 година. Република Македонија имаше свои дипломати кои работеа во југословенската дипломатија во Белград и во странство, како и во републичкиот орган за односи со странство. Во 1991 година овој орган прерасна во Министерство за надворешни работи.

Министерството за надворешни работи ги врши работите што се однесуваат на надворешните работи и надворешната политика на Република Северна Македонија.

Една од најзначајните дипломатски активности на ова Министерство беше претседавањето со ОБСЕ кое ја одбележа изминатата 2023 година кога нашата држава беше домаќин на Самитот на ОБСЕ.

притисни ентер