Тел Авив засега не открива каков одговор ќе има кон Иран по масовниот напад

Сите очи вперени кон Израел, Тел Авив засега не открива каков одговор ќе има кон Иран по масовниот напад што во саботата вечерта го изведе со стотици дронови и проектили. 

По повиците на западните сојузници да се воздржи од ескалација, од средбата на воениот врв на Израел произлезе само порака дека одмазнички контраодговор ќе има, но прашање на време е кога и во каков обем ќе возврати на иранскиот напад, по кој, се нижат предупредувањата дека светот можеби е на раб на Трета Светска Војна.

-Иран, од почетокот на војната единствено што сака е да го ескалира регионот. Изминатите часови ние одобривме оперативни планови – и за офанзивни и за дефанзивни акции. , изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската армија.

Воздржаноста на Израел, според аналитичарите се должи и на пораките на Вашингтон дека нема намера да учествува во какви било одмазнички напади против Иран и оти успехот на ракетната одбрана на Израел и сојузниците во саботата претставува победа сама по себе. Повици за воздржаност одекнаа и на синоќешната седница на Советот за безбедност, каде Техеран го бранеше како природно правото да возврати на неодамнешните израелски напади врз иранската амбасада во Сирија.

-Соочен со такви околности, Исламската република Иран немаше избор освен да го примени своето право на самоодбрана согласно меѓународното право. , изјави Амир Иравани, амбасадор на Иран во ОН.

-Помислете само на моментот што би се случило ако ајатолахот Хамнеи лансираше нуклеарна бомба минатата ноќ. Дали е ова светот во кој сакаме да живееме? Потребни се сите можни санкции кон Иран пред да биде предоцна. , изјави Гилад Ердан, амбасадор на Израел во ОН.

-Имаме споделена одговорност да работиме на мир. И регионалниот и глобалниот мир и безбедност се поткопуваат од час во час. Ниту регионот, ниту светот смеат да дозволат нови војни. , Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.

Иранскиот напад пред два дена ги разбранува духовите, но од друга страна, според најголем дел од аналитичарите, јасно сугерираше дека целта не беше да се нанесат значителни последици, туку да се обели образот на Техеран пред своите сојузници. Иран правовремено ги алармираше сите соседи, а неговите проектили со часови патуваа кон еврејската држава.

-Во која било воена операција вие не давате предупредување со денови однапред и не испраќате мали дронови кои бавно се движат, што му дава на вашиот непријател премногу време да се подготви. , изјави Алекс Ванка, Институт за Блискиот Исток во Вашингтон за „Ал Џезира“

Иран прв пат во историјата директно го нападна Израел од своја територија со околу 300 дронови, балистички и кростосувачки ракети, кои во 99 проценти беа соборени.

Најскромниот претседател на светот има рак на хранопроводот: Ќе се борам додека можам

Поранешниот претседател на Уругвај, Хозе „Пепе“ Мухика денеска соопшти дека по медицинскиот преглед минатата недела му бил дијагностициран рак на хранопроводот.

Мухика (88) изјави дека автоимуното заболување од кое боледува веќе 20 години создава потешкотии кога се работи за хемотерапија и дека операцијата би била ризична, но дека лекарите размислуваат за опции.

На новинарско прашање за прогнозата, Мухика рече дека не е лекар и дека не знае што да очекува, пренесува Обсервадор.

Тој нагласи дека ќе продолжи „да се бори додека може“, а ги повика младите Уругвајци својот гнев да го претворат во надеж, да се борат за љубов и да бараат помош доколку се зависници од наркотици.

„Благодарен сум и на крајот на денот никој не може да ми ги одземе убавите моменти кои ги имав“, изјави Пепе.

Во април 2021 година, тој имаше операција на хранопроводникот поради повреда од „туѓо тело“, а личниот лекар на Мухико тогаш објави дека станувало збор за рибна коска.

Лекарите по операцијата потврдија дека поранешниот претседател има чир на хранопроводникот, и дека нема повреда.

Мухика ги освои симпатиите ширум светот бидејќи за време на неговиот претседателски мандат покажа дека е скромен човек кој вози стара „буба“, поради што го доби прекарот „најскромниот претседател на светот“.

Хонда „се сели“ на друг континент- вложуваат милијарди во фабрика во Канада

Јапонскиот производител на автомобили Honda Motor денеска објави дека сака да изгради фабрика за електрични возила (EV) во Канада и е подготвен да инвестира 11 милијарди американски долари во овој проект.

Honda започнала преговори со канадските власти за добивање субвенции за проектот во Онтарио, пренесува агенцијата Kyodo.

Вистинската инвестиција на Honda во создавањето на синџир за снабдување со електрични возила во Канада се очекува да биде од 60 до 70 отсто од вкупната сума, бидејќи и добавувачите на материјали ќе ги поделат трошоците.

Хонда планира да започне со производство во новата фабрика за електрични возила, која ќе биде втора од ваков вид во Северна Америка, во 2028 година.

Јапонската компанија моментално ја реконструира својата постоечка фабрика во Охајо во Соединетите Американски Држави со цел таму да произведува исклучиво електрични автомобили од 2025 година.

Бебе загина во страшното торнадо, што ја опустоши Оклахома (ВИДЕО)

Според последните информации, најмалку пет лица, меѓу кои и едно дете (4), загинале во серијата разорни торнада што минатиот викенд ги погодија централните делови на САД.

Како што јави Би-Би-Си, четири лица загинале во Оклахома, додека едно го загубило животот во Ајова.

Силното невреме што започнало во петокот предизвикало значителна материјална штета, а десетици илјади луѓе останаа без струја. Вонредна состојба е прогласена во повеќе од 12 окрузи во Оклахома. Во сојузните држави Небраска и Ајова биле регистрирани дури 70 торнада.

Националната метеоролошка служба потврди дека прелиминарните податоци покажале дека некои од торнадата имале брзина на ветер до 136 милји на час (околу 218 километри на час). Невремето се проширило од Тексас до Мисури и за само неколку часа наврнале околу 18 сантиметри дожд на метар квадратен, пренесе АФП.

На социјалните мрежи се објавени бројни видеа од штетите на кои се гледаат уништени куќи и превртени автомобили. Службите за итни случаи во Оклахома регистрирале најмалку сто повредени лица на кои им била потребна медицинска помош.

„Ќе се вратиме, ќе ги исчистиме урнатините, ќе изградиме куќи и ќе продолжиме напред“, рече претседателот на Домот на Оклахома, Чарлс Мекол.

Гувернерот на Оклахома Кевин Сит изјави дека во неколку градови е предизвикана најголемата штета што ја видел во последните шест години откако е на чело на државата.

"Видов како доаѓа големо торнадо. Имав доволно време само да ги засолнам децата и сопругата. Сè беше уништено. Населбата не постои. Им помагавме на затрупаните да излезат од урнатините - рече Брент Ричардсон, еден од жителите на Омаха.

Американскиот претседател Џо Бајден разговараше со гувернерот на Оклахома и понуди федерална помош за најранливите области.

притисни ентер