Верстапен по триумфот во Шангај: Болидот возеше како по шини

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен по денешната победа на трката во Формула 1 возена за Големата награда на Кина, ги пофали сите од тимот кои беа вклучени во подготовката на неговиот болид.

- Чувството е неверојатно. Бевме неверојатно брзи во текот на целиот викенд. Автомобилот беше задоволство да се вози на секаков вид гуми. Добро го преживеавме рестартирањето, а болидот возеше речиси како на шини, можев да правам што сакам со него. По ваквите викенди, има неверојатни чувства, а она што успеавме да го постигнеме на ова Гран при е навистина фантастично, изјави Верстапен за „Sky Sports“.

Сезонава Холанѓанецот победи на 4 од 5 трки.

Шестата етапа од Формула 1 ќе се одржи во Мајами (Флорида, САД) од 3 до 5 мај. /МИА

Иран осуди познат ирански режисер на камшикување и осум години затвор

Судот во Иран го осуди познатиот филмски режисер Мохамед Расулоф на осум години затвор и камшикување за злосторства против националната безбедност, изјави неговиот адвокат Бабак Пакнија.

Тој рече дека судот утврдил дека филмовите и документарците на Расулоф се „примери за заговор со намера да се изврши злосторство против безбедноста на земјата“.

„Судот, исто така, изрече неодредена парична казна и нареди заплена на имотот на Расулоф“, додаде Пакнија.

Расулоф ја доби Златната мечка за 2020 година за најдобар филм на Берлинале за „Не постои зло“, а неговиот филм „Човек со интегритет“ доби признание во Кан во 2017 година. Најновото дело на писателот и режисер, „Семето на светата смоква“, треба да биде премиерно прикажано следната недела на Канскиот филмски фестивал во Франција, пишува Си-Ен-Ен.

Непосредно пред прикажувањето на новиот филм, иранските власти испрашувале некои актери и им забраниле да ја напуштат земјата, а на Расулоф му рекле да го повлече филмот од фестивалот, тврди Пакнија.

Во 2022 година, иранскиот суд го осуди Расулоф на една година затвор и му забрани да снима филмови на две години, бидејќи, како што се наведува, вршел пропаганда против системот.

Иранската асоцијација на независни режисери ја критикуваше најновата казна и истакна дека „независните кинематографери ја осудуваат неважечката пресуда против Мохамад Расулоф и стојат покрај него и сите уметници кои се потсмеваат на цензурата на владата“.

Евролига: Олимпијакос последен учесник во фајнлфорот

 Кошаркарите на грчки Олимпијакос се пласираа на фајнлфорот во Евролигата, откако синоќа во решавачкиот, петти, натпревар на гости ја совладаа Барселона со 63-59 (9-12, 16-15, 15-13, 23-19).

Шекил Мекисик со 12 и Костас Папаниколау со 11 поени го предводео Олимпијакос до големата победа, додека најефикасни во редовите на Барселона беа Николас Лапровитола со 17 и Алекс Абринес со 13 поени.

Во полуфиналето на фајнлфорот Олимпијакос ќе игра против Реал Мадрид, додека во второто полуфинале ќе се сретнат Фенербахче и Панатинаикос.

Завршниот турнир ќе се одржи од 24 до 26 мај во Берлин.

Апасиев: Прва пратеничка група на Левица, прва жена - пратеник од Левица

Левица со 6 (шест) пратеника во Парламент резултираше на Парламентарните избори, 2024.

На прес - конференцијата по овој повод, претседателот на Левица, Димитар Апасиев, имаше свое обраќање кон народот.

- Да прославиме пасокизација на СДС и факторизација на ЛЕВИЦА! Прва пратеничка група на Левица, прва жена - пратеник на Левица - истакна Апасиев.

Во ИЕ1, Левица освои 2 пратеника и тоа: претседателот Димитар Апасиев и потпретседателот, Реџеп Исмаил - Хактан.

Од ИЕ2, во Парламентот влегува еден пратеник - портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ.

Во ИЕ3 - влез во Собранието има и актуелниот пратеник Борислав Крмов.

Во Четворка влегува Сашко Јанчев, а во Петка - Генералниот секретар на Левица, Јована Мојсоска.

- Она за што се залагавме, тоа ни успеа. Го пасокизиравме СДС, ја кутнавме црвената буржоазија што беше наш детски сон уште од транзицијата на под 20 пратеника - потенцираше лидерот Апасиев.

Резултатите на Парламентарните избори - 2024 ја потврдија и тезата на претседателот Апасиев дека новопојаното т.н. политичко движење е ,,краткотраен проект" или ,,надуван балон".

- Друга значајна победа е тоа што и покрај сета наша маргинализација, а фаворизација на Максо, го преполовивме проектот на ЗНАМ на пола на Претседателските избори - 2024. Но и покрај тоа преполовување на гласовите на ЗНАМ, овој изборен систем повторно нè краде, затоа што некаде го водиме за 4000 гласа, а имаме ист број на пратеници. Ова ќе биде првото барање на Левица, а тоа е воведување на една изборна единица. Ваквиот Д'онтов модел ни краде во секоја изборна единица по еден до двајца пратеници - додаде Апасиев на прес - конференцијата.

Претседателот Димитар Апасиев им се заблагодари на активистите на Левица што заеднички ги донесоа подемот и победата на Левица и што не потклекнаа на малодушноста на одредени субјекти.

- Левица ќе продолжи за петпати појако од сега, затоа што секој наш пратеник вреди колку 10 нивни. Да знаат дека ги чека пекол во Собрание со нашите борбени пратеници! Долу црвената буржоазија! - вака Апасиев го заокружи своето обраќање.

Од Левица потврдија дека уште веднаш почнуваат со подготовка за локалните избори каде очекуваат да го надминат резултатот којшто го освоија на Парламентарните избори - 2024.

Левица

притисни ентер