Фустаните на принцезата Дијана се изложени во Хонг Конг, пред да се продадат на аукција (ФОТО)

Светло жолта јакна, обложена на рамената и украсена со блескави позлатени копчиња, што ја носеше принцезата Дијана на патувањето во Хонг Конг во 1989 година, ќе биде една од шесте нејзини парчиња облека, изложени во поранешната британска колонија.

Колекцијата на фустани, чевли и чанти на принцезата од Велс е изложена во трговскиот центар во Хонг Конг во следните 12 дена, пред колекцијата да се пресели во Ирска до аукцијата на 27 јуни. Принцезата Дијана, која загина во сообраќајна несреќа во Париз во 1997 година, ја диктираше модата „секогаш кога се облекуваше и излегуваше“, рече Мартин Нолан, директор на Џулиенс, аукциска куќа со седиште во Калифорнија.

Познатата јакна на дизајнерката Кетрин Вокер би можела да достигне цена од 50.000 долари, додека вечерниот фустан со сини ѕвездички би можел да достигне цена од 400.000 долари. Принцезата го носеше овој фустан од дизајнерот Мареј Арбејд на премиерата на „Фантом од операта“ во 1986 година во Вест Енд, Лондон.

Изложена е и вечерна тоалета од свила и тантела од дизајнерот Виктор Еделштајн, каки и цветен фустан на Кетрин Вокер, кој Дијана го носеше во 1991 година на бдеењето на нејзиниот близок пријател Адријан Вард Џексон.

Многу луѓе се натрупаа во малиот изложбен простор. Еден од посетителите, 69-годишниот Фунг, се сеќава како толпата ги преполнила улиците на Хонг Конг кога Дијана пристигнала во тој град во 1989 година. "Таа беше харизматична, грижлива и посветена на добротворната работа. Затоа е исклучително почитувана во Хонг Конг", вели Фунг.

Во 2023 година, аукциската куќа Julien's продаде вечерен фустан на принцезата Дијана за рекордни 1,14 милиони долари.

Србија доби нова Влада, премиер Милош Вучевић, 31 министер и 26 министерства

Собранието на Србија вечерва ја избра новата Влада на Србија на чело со претседателот Милош Вучевиќ, јави дописникот на МИА од Белград.

За новата влада од 250 пратеници колку што има српското собрание, за владата гласаа 152 од 213 присутни пратеници, а 61 беа против. Воздржани немаше, а отсутни беа 37 пратеници.

Новата Влада на Србија ќе брои 31 член, од кои пет се министри без ресор. Новата влада има третина од новите имиња во однос на претходната Влада на Србија предводена од Ана Брнабиќ.

Премиерот на новата српска влада Милош Вучевиќ во експозето на собраниската седница вчера најави дека владата ќе биде континуитет на политиката на досегашните влади и на претседателот Александар Вучиќ. За Северна Македонија кажа дека е држава која во Србија секогаш може да најде партнер и повеќе од тоа.

Во новата влада Синиша Мали ќе биде вицепремиер и министер за финансии, Ивица Дачиќ-министер за внатрешни работи и вицепремиер, Александар Вулин-вицепремиер, Ирена Вујовиќ-вицепремиер и министер за заштита на животната средина, Братислав Гашиќ-министер за одбрана, Марко Ѓуриќ-министер за надворешни работи, Тања Мишчевиќ-министер за евроинтеграции, Горан Весиќ, министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дубравка Ѓедовиќ-министерка за рударство и енергетика, Златибор Лончар-министер за здравство, Томислав Момировиќ-министер за внатрешна и надворешна трговија, Маја Поповиќ-министер за правда, Славица Ѓукиќ Дејановиќ-министер за образование, Немања Старовиќ-министер за вработување, труд, ветерани и социјални прашања, Милица Ѓурѓевиќ Стаменковски, министер за семејна грижа и демографија, Никола Селаковиќ, министер за култура, Андријана Месаровиќ, министер за економија, Јелена Жариќ Ковачевиќ, министер за администрација и локална самоуправа, Јелена Беговиќ-наука и иновации и Хусеин Мемиќ министер за туризам.

Милан Кркобабиќ е министер за грижа на селото, Дејан Ристиќ е министер за информации и телекомуникации, Дарко Глишиќ министер за јавни инвестиции, Новица Тончев, Усаме Зукурлиќ, Ненад Поповиќ и Татјана Мацура се министри без ресор. /МИА

Иран воведе санкции за поединци и правни субјекти од САД и Велика Британија

Иран воведе санкции за неколку американски и британски физички и правни лица поради нивната поддршка за Израел во војната против палестинската организација Хамас во Појасот Газа, јавија француските медиуми.

Во соопштение Исламската Република - жесток непријател на Израел – наведува дека воведува санкции за седум американски граѓани, вклучувајќи го генералот Брајан Фентон, шеф на командата за специјални операции, и вицеадмиралот Бред Купер, поранешниот шеф на американската морнарица на Блискиот Исток.

Меѓу британските функционери и институции кои се санкционирани се министерот за одбрана Грант Шапс и Кралската морнарица во Црвеното Море.

Санкции се воведени и за американските компании „Локид Мартин“ и „Шеврон“, како и за британските „Елбит системи“, „Паркер Мегит„ и „Рафаел УК“.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека санкциите вклучуваат „блокирање на сметките и трансакциите во финансискиот и банкарски систем на Иран, замрзнување на средства под јурисдикција на Исламската Република Иран и забрана за визи и влез на иранска територија“.

Меѓутоа, останува нејасно влијанието на овие мерки врз поединците или субјектите, како и какви било средства или трансакции со Иран, пренесуваат француските медиуми.

Иран не ја признава државата Израел и ја стави поддршката за палестинската кауза како камен-темелник на својата надворешна политика од Исламската револуција во 1979 година.

Од почетокот на војната во Појасот Газа, која започна на 7 октомври со неиспровоциран напад на палестинското исламистичко движење „Хамас“ на израелска територија, мнофукратно се кренати тензиите меѓу Израел, од една страна, и Иран и неговите сојузници, особено либанскиот „Хезболах“, од друга.

Ситуацијата меѓу двете земји ескалираше на 13 април кога Иран започна невиден напад врз Израел користејќи 350 дронови и проектили, од кои повеќето беа пресретнати со помош на САД и другите сојузнички земји.

Неколку дена подоцна, во друг напад, што му се припишува на Израел, беше погоден аеродромот во Исфахан, во централен Иран, но таму беше предизвикана само ограничена штета. /МИА

ДИК донесе заклучок за конечност на резултатите од првиот круг на претседателските избори

Државната изборна комисија на денешната седница донесе заклучок за конечност на разултати за избор на претседател на Република Северна Македонија, прв круг.

Според заклучокот, за изборите одржани на 24.4.2024 година, вкупен број на избирачи запишани во избирачки список имало 1 814 317 гласачи од кои гласале 905 622. Неупотребени гласачки ливчиња биле 908 720, важечки ливчиња 881 040, а неважечки ливчиња 24 560.

Конечните резултати покажуваат дека кандидатот за претседател Стево Пендаровски добил 180 499, Гордана Силјановска Давкова 363 085, Стевчо Јакимовски 8 121, Бујар Османи 120 811, Билјана Ванковска 41 331, Арбен Таравари 83 337 и Максим Димитревски 83 855.

Во вториот круг на избори за претседател што треба да се одржат на 8 мај ќе се гласа за кандидатите за претседател Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова.

За претстојните избори за претседател, до Државната изборна комисија пристигнале акредитации од 52 домашни набљудувачи, 11 меѓународни и пет странски новинари, истите доставиле барање и за изборите за пратеници во Собранието, соопштија на денешната седница на ДИК.

На денешната седница ДИК ги усвои и записниците од 97 и 98 седница.

притисни ентер