Изборите во Македонија во фокусот на регионалните и светските медиуми

Ден по изборите во земјава, додека на  адреса на ВМРО – ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова се редат честитки по двојната победа  изборите, соседна Бугарија ги повтори позициите. 

Без да честита било кому, бугарскиот претседател Румен Радев, коментирајќи го исходот од изборите, порачува наскоро ќе видиме по кој пат ќе тргне земјата.

Очекувал да се да случат уставните измени, а Македонија да ги почитува принципите на добрососедство, Копенхашките критериуми и да стави крај на како што потенцира, говорот на омраза.

„Како што беше со претседателите Ѓорѓе Иванов и Стево Пендаровски, така ќе биде и со Гордана Силјановска Давкова. Како што беше со СДСМ, така ќе биде и со ВМРО- ДПМНЕ. Но јас мислам дека е крајно време, и тоа ќе се види многу брзо дали новиот претседател и партијата која извојува победа на изборите ќе работат за европската перспектива или ќе тргнат по некоја друга насока.“ - изјави Румен Радев – Претседател на Бугарија.

Официјална Атина засега воздржана за коментар. Владиниот портпарол Павлос Маринакис на брифинг со новинарите рече дека ќе ги почекаат позициите на новата македонска влада, а потоа ќе коментираат, нагласувајќи дека очекува Преспанскиот договор да биде почитуван.

Први доцна синоќа двојната победа на ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска Давкова им ја честитаа, српскиот претседател Александар Вучиќ и унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалните мрежи.

„Убеден сум дека ќе продолжиме да работиме заедно за зајакнување на врските меѓу Србија и Македонија за таа цел на напредокот и благосостојбата на нашиот народ, како и на просперитетот на целиот регион“ – напиша - Александар Вучиќ – претседател на Србија во својата честитка.

Заслужена и историска победа за ВМРО ДПМНЕ и Силјановска, се вели во честитката на Орбан, а со свои очекувања излезе и еврокомесарот за проширување, Вархеји.

„Со нетрпение очекувам да работиме заедно за да дадеме нов поттик на процесот на пристапување на Македонија до ЕУ!“, се додава во честитката на - Виктор Орбан – Премиер на Унгарија.

„Со нетрпение очекувам да работиме со претседателката Гордана Сиљановска Давкова на забрзување на потребните реформи за да се придвижи напред процесот на пристапни преговори“ – порача утрово еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји во својата честитка и до новоизбраната претседателка и до ВМРО – ДПМНЕ.

Честитки упатија и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, екс словенечкиот премиер Јанез Јанша, евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир, на кои Силјановска Давкова им возврати со јавна благодарност.

Украина со шест беспилотни летала погоди руска рафинерија

 Руската нафтена рафинерија во Славјанск, Краснодарската територија, беше оштетена по напад со беспилотно летало кон крајот на минатата недела, изјави денеска безбедносниот претставник на компанијата, Едуард Труднев.

Според локалните власти, шест беспилотни летала ја погодија областа на нафтената рафинерија во Славјанск во раните утрински часови во неделата.

По нападот, рафинеријата престанала да работи. „Причинета е штета. Ќе се утврдат нејзиниот обем и големина“, рече Труднев.

Рафинеријата во Славјанск е приватен објект со капацитет од околу 100.000 барели дневно. Произведува гориво за домашни потреби и за извоз.

Русија бележи зголемување на бројот на украински напади откако нејзините сили отворија ново бојно поле во североисточната украинска област Харков претходно овој месец.

Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на Нетанјаху и на лидерот на Хамас

Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за наводни воени злосторства.

„Постојат разумни основи да се верува дека израелскиот премиер Нетанјаху сноси кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече обвинителот на Меѓународниот суд на правдата.

Судот бара налог за апсење и на лидерот на Хамас , Јахја Синвар.

МАЕИ доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија

МАЕИ доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија.

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија, информираше Васил Стерјовски, претседател на партијата.

-На наше големо задоволство добивме значајна донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија. Оваа мала „Пиринска библиотека“ ќе биде сместена во нашата канцеларија во Пустец и секој Македонец ќе може да се запознае со маките на македонскиот народ под Пирин, бескрајната борба за правда и слобода, како и со народната култура, традициите и животот на Македонците во Бугарија, рече Стерјовски.

Според него во оваа колекција се вклучени дела од познати имиња како поетот Никола Вапцаров, револуционерот Петар Манџуков, државникот Димитар Влахов, и писателот Борис Сандански, внук на Јане Сандански.

Исто така, додава, тука се и дела од основачот на обединетата македонска организација „Илинден“ и долгогодишен затвореник по бугарските затвори Стојан Георгиев, копретседателот на партијата ОМО Илинден-ПИРИН историчарот професор Стојко Стојков, како и делата на академиците Иван Катарџиев и Ѓорги Поп Атанасов, филозофот Стефан Влахов-Мицов и многу други.

-Благодарност за донацијата на ОМО Илинден-ПИРИН поддржани од „Комити“-Скопје и BIBLIOTHECA MACEDONICA. Се надеваме дека во иднина ќе развиваме поголема културна соработка меѓу Македонците во Албанија и Македонците во Бугарија, нагласи Стерјовски.

притисни ентер