Откриена е супер-Земја: Има цврста површина и атмосфера, но и температура до 2.300 степени

Терестична планета двојно поголема од Земјата и позната како 55 Cancri-e е откриена со вселенскиот телескоп Џејмс Веб.

Овој тип на планета со цврста површина е откриен од научниците на НАСА, а се нарекува супер-Земја бидејќи е поголема од Земјата, но помала од Нептун, објави Nature.

Таа е меѓу ретките планети со цврста површина надвор од Сончевиот систем со атмосфера составена од јаглерод диоксид и јаглерод моноксид.

Температурите на вриење на планетата, кои можат да достигнат и до 2.300 степени Целзиусови, значат дека на неа веројатно нема да постои живот.

Научниците велат дека откритието е ветувачки знак дека може да има и други такви карпести планети со густа атмосфера кои би можеле да бидат погостопримливи. Егзопланетата оддалечена 41 светлосна година е осум пати потешка од Земјата и орбитира околу својата ѕвезда Коперник толку блиску што има постојани дневна и ноќна страна.

Површината на Канкри е покриена со океани од магма, а за да го идентификуваат составот на нејзината атмосфера, истражувачите ги проучувале снимките од вселенскиот телескоп Веб пред и откако планетата поминала зад својата ѕвезда.

Тие ја одделиле светлината што ја емитува планетата од онаа што ја емитува ѕвездата и ги користеле податоците за да ја пресметаат температурата на планетата.

Гасовите од океаните со магма може да играат клучна улога во одржувањето на стабилна атмосфера.

Истражувањето на оваа супер-Земја, исто така, може да обезбеди индиции за тоа како Земјата и Марс најпрво еволуирале со океаните со магма кои оттогаш се оладиле, велат научниците.

Ренџу Ху, планетарен научник во лабораторијата за млазен погон на НАСА, кој го водел истражувањето, заклучил дека ова е ретка можност за истражувачите да ја проучуваат оваа фаза од еволуцијата на планетата.

Украина со шест беспилотни летала погоди руска рафинерија

 Руската нафтена рафинерија во Славјанск, Краснодарската територија, беше оштетена по напад со беспилотно летало кон крајот на минатата недела, изјави денеска безбедносниот претставник на компанијата, Едуард Труднев.

Според локалните власти, шест беспилотни летала ја погодија областа на нафтената рафинерија во Славјанск во раните утрински часови во неделата.

По нападот, рафинеријата престанала да работи. „Причинета е штета. Ќе се утврдат нејзиниот обем и големина“, рече Труднев.

Рафинеријата во Славјанск е приватен објект со капацитет од околу 100.000 барели дневно. Произведува гориво за домашни потреби и за извоз.

Русија бележи зголемување на бројот на украински напади откако нејзините сили отворија ново бојно поле во североисточната украинска област Харков претходно овој месец.

Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на Нетанјаху и на лидерот на Хамас

Меѓународниот суд на правдата побара налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за наводни воени злосторства.

„Постојат разумни основи да се верува дека израелскиот премиер Нетанјаху сноси кривична одговорност за воени злосторства и злосторства против човештвото“, рече обвинителот на Меѓународниот суд на правдата.

Судот бара налог за апсење и на лидерот на Хамас , Јахја Синвар.

МАЕИ доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија

МАЕИ доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија.

Единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, доби донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија, информираше Васил Стерјовски, претседател на партијата.

-На наше големо задоволство добивме значајна донација на книги од автори Македонци од Пиринска Македонија и од македонската емиграција во Бугарија. Оваа мала „Пиринска библиотека“ ќе биде сместена во нашата канцеларија во Пустец и секој Македонец ќе може да се запознае со маките на македонскиот народ под Пирин, бескрајната борба за правда и слобода, како и со народната култура, традициите и животот на Македонците во Бугарија, рече Стерјовски.

Според него во оваа колекција се вклучени дела од познати имиња како поетот Никола Вапцаров, револуционерот Петар Манџуков, државникот Димитар Влахов, и писателот Борис Сандански, внук на Јане Сандански.

Исто така, додава, тука се и дела од основачот на обединетата македонска организација „Илинден“ и долгогодишен затвореник по бугарските затвори Стојан Георгиев, копретседателот на партијата ОМО Илинден-ПИРИН историчарот професор Стојко Стојков, како и делата на академиците Иван Катарџиев и Ѓорги Поп Атанасов, филозофот Стефан Влахов-Мицов и многу други.

-Благодарност за донацијата на ОМО Илинден-ПИРИН поддржани од „Комити“-Скопје и BIBLIOTHECA MACEDONICA. Се надеваме дека во иднина ќе развиваме поголема културна соработка меѓу Македонците во Албанија и Македонците во Бугарија, нагласи Стерјовски.

притисни ентер