Кремљ: Во тек се контакти за можна размена на американскиот новинар Гершкович

Кремљ денеска соопшти дека во тек се „контакти“ околу можна размена на американскиот новинар Еван Гершкович, обвинет и затворен речиси една година во Русија поради шпионажа.

„Неколку пати нагласивме дека некои контакти се во тек, но тие треба да се водат со целосно молчење“, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

„Прекинот на молчењето само ќе создаде дополнителни проблеми и ќе спречи постигнување на каков било резултат во процесот“, додаде Песков, без дополнителни детали.

Новинарот на „Волстрит џорнал“, Еван Гершкович (32), кој исто така работел за Франс прес во Москва меѓу 2020 и 2021 година, е уапсен од ФСБ во март 2023 година додека известувал во Екатеринбург, Урал.

Тој ги негира обвиненијата за шпионажа со кои се соочува и може да се соочи со затворска казна до 20 години. Обвиненијата ги отфрлаат и САД, неговиот весник и неговите роднини. Русија никогаш не ги објавила елементите на доказите и целиот процес е класифициран како таен.

Вашингтон ја обвинува Москва дека го земала како заложник за да го размени за Руси во затворите во западните земји, како што беше направено со неколку американски граѓани во последните години во Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин претходно изјави дека е подготвен да го размени Гершкович за Вадим Красиков, кој отслужува доживотна затворска казна во Германија за убиство на чеченски опозиционер во Берлин во 2019 година.

Рускиот суд оваа недела му го продолжи притворот на Гершкович до 30 јуни.

Песков денеска изјави дека нема информации за можниот датум за почеток на судењето на американскиот новинар.

Демократскиот сојуз ќе го одржи седмиот Конгрес

 Демократскиот сојуз денеска ќе го одржи седмиот Конгрес.

Како што информираат од партијата, на Конгресот што ќе се одржи во хотел „Александар Палас“ се очекува да биде усвоен Повик до граѓаните да се вклучат во промените, како и врвни и стратешки приоритети на ДС за наредниот период.

Ирак ги криминализираше хомосексуалните врски; максимална казна до 15 години затвор

Ирачкиот парламент синоќа усвои закон со кој се криминализираат хомосексуалните односи и трансродовите лица, со казни кои можат да изнесуваат и до 15 години затвор.

Законот е донесен по првата верзија, која предвидуваше смртна казна.

Веднаш реагираше меѓународната невладина организација Амнести интернешенел, која го критикуваше „кршењето на основните човекови права“, оценувајќи дека усвоените амандмани „ги загрозуваат Ирачаните кои и онака секојдневно се малтретирани“.

Тие амандмани, со кои се менува законот против проституција од 1988 година, беа усвоени на седница на која присуствуваа 170 пратеници од вкупно 329, соопшти прес-службата на ирачкиот парламент.

Новиот закон предвидува казни од десет до 15 години затвор за хомосексуални односи, како и за размена на сексуални партнери (свинг) во хетеросексуални односи.

Законот забранува „секоја организација која промовира хомосексуалност во Ирак“, со седумгодишна затворска казна за „промовирање на хомосексуални односи“.

Законот, исто така, забранува „промена на биолошкиот пол врз основа на индивидуални желби или преференции“ и предвидува казна затвор од една до три години за секое лице или лекар што е вклучен во родова транзиција.

Слична казна е предвидена за секој маж чие однесување се смета за женствено.

Ирачкото општество ја отфрла хомосексуалноста, а малата ЛГБТ+ заедница често е цел на „киднапирање, силување, тортура и убиства“ од вооружени групи кои остануваат неказнети за нивните злосторства, се вели во извештајот на меѓународната невладина организација Хјуман рајтс воч од 2022 година.

Зеленски: На Украина и требаат најмалку седум ПВО системи „Патриот“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека на Украина и се потребни најмалку седум системи за противвоздушна одбрана „Патриот“ и ги повика украинските партнери да не губат време за да испратат „одлучен сигнал“ до Русија.

Секако, им благодарам на сите партнери кои веќе ни помогнаа со испраќање на системи за противвоздушна одбрана, од кои секој е неопходен за заштита на човечки животи. Важно е сите нови договори со партнерите за зајакнување на нашата противвоздушна одбрана, која веќе постои, да профункционираат што побрзо. На Украина и требаат седум системи за противвоздушна одбрана, тоа е минимумот, рече Зеленски, пренесува „Украинска правда“.

„Не смееме да губиме време, треба да испратиме одлучувачки сигнал“, рече Зеленски и посочи дека за време на вчерашниот масивен руски ракетен напад со 34 проектили, „непријателот таргетирал различни објекти на енергетската инфраструктура - објекти за транзит на гас и објекти од електроенергетскиот систем".

Тој додаде дека, меѓу другото, безбедноста на снабдувањето на Европската Унија зависи од овие транзитни капацитети на гас.

притисни ентер